Oculus на својата конференција во Сан Франциско најави еден куп интересни работи околу виртуелната реалност. Најважната сепак е презентацијата на последната верзија на Oculus Rift – Crescent Bay, која доаѓа на почетокот на следната година заедно со контролерот Touch. Беа претставени и првите игри кои ќе бидат достапни на Oculus Rift VR.
Можеби најголемо изненадување е длабочината на соработката помеѓу Microsoft од една страна и Oculus и Facebook на другата. Ова доведе до креирање на специјален контролер за Xbox One. Овој контролер ќе биде достапен со Rift, а најавено е дека корисниците ќе можат да ги стримаат Xbox-игрите на Rift VR. Ова можеби покажува дека сепак Hololens на Microsoft не се наменети за видеоигри или пак дека од компанијата сакаат да излезат со виртуелна реалност пред PlayStation кој го најавува Project Morpheus.
Заедно со новата верзија на Oculus VR, најавен е софтвер кој ќе биде интерфејс Oculus Home на кој корисниците ќе можат да пребаруваат, разгледуваат, купуваат или играат игри, а освен VR-верзија ќе има и стандардна 2Д и ќе може да се користи без очилата за виртуелна реалност. Од Oculus најавија фонд од 10 милиони долари за развивачите на инди видеоигри.
На настанот е претставен и контролерот за виртуелна реалност Oculus Touch. Станува збор за „поделена“ верзија на гејмпад, по еден дел на секоја рака со куп сензори на нив, кој овозможува и фидбек, но благодарение на сензорите Touch ги забележува и најмалите гестикулации на корисникот, како подогнат палец, пишува Wired.
Иако несомнено Марк Закерберг има некаква замисла за користење на Oculus Rift на друштвента мрежа, првите верзии доаѓаат првенствено за игри, а за ова најважни се видеоигрите кои ќе можат да се играат во виртуелната реалност. Првите презентирани игри се Eve Valkyrie, Chronos и Edge of Nowhere, а од Oculus уверуваат дека се работи на многу други наслови.
За сега нема официјален податок за цената на Oculus Rift сетот за виртуелна реалност, но се шпекулира со цена од околу 1,500 долари. Доколку на ова се додадат релативнов високите хардверски побарувања, се чини дека уредот за почеток ќе им биде достапен единствено на најзагреаните гејмери. Несомнено повеќе новости за Oculus Rift, но и најголемиот конкурент во моментов Project Morpheus ќе дознаеме следната недела на Е3.