Студенската организација EESTEC го најави третото издание на Code App, Level Up. Настанот е осмислен да им го приближи веб програмирањето на студентите од кампусот на техничките факултети. Работилницата со траење од една недела ќе се одржи од 29 февруари до 5 март, а целта е здобиеното знаење, студентите да го искористат практично. Обуките кои ќе бидат дел од работилницата се: дизајн на веб сервис (front end) и развој на веб сервис (back-end). Учесниците ќе креираат своја блог платформа, а настанот има и натпреварувачки карактер, па сите ќе имаат можност да ги презентираат платформите во финалето.
Настанот е предвиден за учество на 68 домашни и 12 странски студенти, а најважна е можноста за споделување на искуства, како со колегите од универзитетот, така и со колегите од универзитетите надвор од Македонија. Освен студенти настанот е поддржан од ментори, дел од нив се професори на ФИНКИ, а дел се искусни предавачи од оваа ИТ гранка. Сите заинтересирани студенти можат да се пријават за учество на Code App, Level Up, на сајтот на EESTEC.







