Популарната и контроверзна дигитална валута наскоро ќе се користи и во македонските продавници и ресторани, велат организаторите на првиот биткоин митап во Скопје. Цел на средбата ќе биде креирање на заедница заинтересирана за дигиталната валута. Настанот е закажан за 24 април од 20:00 во кафулето на Тенискиот клуб МТП. Првиот биткоин meetup во Скопје е организиран од биткоин ентузијастот Андреј Шевченко, основачот на Ambio.me, Митко Цабевски и Александар Тасев oд Akota и Тc.mk,.
Наскоро во Скопје ќе може да нарачате кафе или храна и да платите со Биткоин http://t.co/wc3vALk1Co #bitcoin #skopje #macedonia
— Andrej Shevchenko (@cchevymk) March 17, 2014
Средбата ќе биде искористена и за промоција на првиот објект во Македонија кој ќе работи со биткоини. Во кафулето на тенискиот клуб ќе може да се купи храна, пијалак и се останато на менито на тенискиот клуб со Биткоини, со што ова ќе биде прв локал во кој ќе може да се плаќа со крипто валутата. Освен ова посетителите ќе бидат запознаени со што е биткоин, како да креираат битоин паричник и како да го користат. За време на настанот присутните ќе можат да ги купат своите први биткоини. Добродојдени на средбата се сите заинтересирани кои сакаат да се поврзат со заедницата, да научат нешто ново за биткоините, да соработуваат или да тргуваат со биткоини.
Сепак, за почеток користењето на биткоините во Македонија ќе биде сведено само помеѓу ентузијастите на крипто-валутата бидејќи гувернерот на Народна Банка, Димитар Богов, изречно повтори дека “во Македонија законско средство за плаќање во готовинскиот и безготовинскиот платен промет е денарот. Платниот промет со странство се одвива преку носителите на платен промет, а тоа се банките. Оттука, тргувањето со биткоин или негово користење за плаќања во Македонија e незаконско“.