Пред 3 години петмина ентузијасти: Игор Маџов, Дејан Алексов, Виктор Дано, Наташа Лазаровска и Ева Пиперевска, официјално ја основаа Startup Macedonia. Startup Macedonia е основана како непрофитна Асоцијација на стартапи, креативни претприемачи, акцелератори и инвеститори кои заедно работат да креираат средина во која иновативноста ќе биде наградена и новите идеи ќе бидат претворени во издржани бизниси.
Организацијата веќе неколку години се обидува да дознае сè што има да се дознае за македонските стартапи и да ја мапира македонската стартап заедница. Она што е ново е дека од неодамна секој стартап преку app.startupmacedonia.mk може самиот да се приклучи и да си помогне со тоа што ќе биде повидлив за цела мрежа инвеститори, акцелератори и слично.
Ова е причина да разговараме со Игор Маџов, ко-основач на Startup Macedonia и Марија Димовска проект менаџер во Startup Macedonia.
„Ова беше моја идеја уште пред 3 години. Во некоја хард-копи верзија да биде испринтана, но со оглед на тоа колку брзо се менуваат работите за компаниите во рок од една година; една компанија почнува и може да достигне небески височини, а може да пропадне и да отвори друга, оваа категорија бара некоја платформа која што ќе може на едно место да ги собере сите ресурси за компаниите, да ги забележи кои се компаниите кои функционираат во Македонија и колкав е нивниот раст.
Така да накратко, тоа беше една идеја која што во овие три години се развиваше во тоа што веќе го имаме ставено на хартија како план во иднините две години. Поддржани од проектот на USAID и од партнерите во проектот, Македонската берза со нивната платформа Funderbeam и CEED Business Angels мрежата, сакаме да доведеме до подобра клима за развој на стартапи и вмрежен екосистем со информации кои лесно може да бидат достапни на оваа платформа,“ – вели Игор.
Регистрацијата на секој стартап е едноставен процес. Се внесува имејл адреса и потоа корисникот одговара на неколку прашања за компанијата. По одговарање на прашањата стартапот влегува во единствениот регистар на стартап компании во Македонија. Засега во Стартап Македонија работат на прибирање на податоци и полнење на базата платформата. А целосната верзија на платформата со повеќе функционалности ќе биде јавно пуштена во употреба до крајот на 2019 година.
Она што е поголемо изненадување е дека во првиот ден од отворање на платформата интересот бил голем и се регистрирале 40 стартап компании.
„Мора да кажам дека сум пријатно изненадена. Уште првиот ден кога ја пуштивме платформата имаше 40 стартап компании кои се регистрираа.
Знаеме дека стартап сцената во главниот град на нашата држава е пораздвижена, но има интерес и од останатите делови. Конкретно една многу убава идеја за биомед и производство на органски мед со вметнување на лаванда. Ми беше големо задоволство да ги поврзам со еден консултант кој ни го препорачаа нашите партнери од USAID, а ги поврзавме и со консултантите од велешкиот акцелератор,“ – вели Марија.
Но, иако деловите и функционалностите сè уште не се достапни на дигиталната платформа, Startup Macedonia прави сè што може да ги поврзе стартапите и чинителите на екосистемот, дури и ако некоја од потребните функционалности сè уште е недостапна на дигиталната платформа.
„Платформата нуди услуги паралелно на двете страни. Уште пред да ја започнеме ја имавме поддршката на Фондот за иновации и технолошки развој и акцелераторите кои постојат, бизнис стеикхолдери кои даваат програми за стартапи како, друштвено одговорни бизниси, бизнис стеикхолдери кои даваат програми за стартапи како, друштвено одговорни бизниси, Business Impact hub, Ceed hub, Seeu Tech park, бизнис Think-Up хабот, Скопје лаб, Арно(зелени идеи), но и многу други стекхолдери кои се приклучуваат; правници, сметководствени бироа, консултантски куќи, кои имаат можност, знаење и сакаат да работат со компании.
Идејата е преку платформата да може да ги поврземе потребите на компаниите и ресурсите кои стојат на располагање. Уште од самиот почеток преку подршката на SwissEP остваривме соработка со експерти од други екосистеми кои ни помогнаа да го развивме овој уникатен модел кој го имаме денес. Како основа на платформата заедно со „Startup Commons“, ја утврдивме рамката во која компаниите ќе бидат разграничени и ќе се овозможи полесен преглед на сите ресурси. Односно, разграничување во така наречениот „lifecycle“ на една компанија, од почетокот, од првата идеја која им дошла да започнат бизнис, до моментот на скалирање и креирање на корпорација.
Идејата е платформата на стартапите да им понуди еден персонализиран „feed“, налик на Facebook, кога ќе го отворат ќе можат да ги проследат сите активни обуки, тренинзи, конференции и извори на финансирање кои им се релевантни за нивната фаза на развој. Да не „бркаат“ нешто несоодветно или можеби не се доволно подготвени, со тоа ние бараме од нив – на некој начин имаме „data driven approach“ – би сакале компаниите постојано да го ажурираат своите профили – да кажат дали се во „fund raising mode“ или не, за да може ова поврзување да се прави побрзо. Често сме со соочиле со компании кои поради различни причини ги пропуштиле повиците на Фондот за иновации или некоја акцелераторска програма. Не дека не ги следеле, туку биле фокусирани на градење на бизнисот. Сакаме да го тргнеме проблемот за да можат компаниите да се посветат на работата на нивните бизниси и на градење на бизнисот, а ние да бидеме поддршка која ќе им овозможи раст.
Планираме платформата да биде отворена, во секој момент компаниите ќе можат да се приклучуваат. Планираме до декември, самите компании да можат да направат „claim“ на своите профили за да ги менаџираат, да ги дополнат со информации – некој вид на лично портфолио кое потоа ќе биде достапно, и тие самите да менаџираат колкав број на информации ќе сакаат да бидат видливи. Значи тоа што ние викаме бидете видливи не е толку дека ние сакаме да ги продадеме или да му покажеме на светот „Еј види што се случува!“ – туку на некој начин, да ја ставиме Македонија на таа некоја стартап мапа, како земја во која навистина се креираат светски компании. Имаме многу ресурси кои се достапни за компаниите, компании кои одлично функционираат во странство, а некако малку се знае за нив. Така да со помош на многу партнери, вклучувајќи ги и медиумите, да агрегираме вести за повеќе да се зборува за нив,“ – вели Игор.
Што е со стартапи кои мислат дека некој ќе им ја украде идејата, може ли да ги убедите да се приклучат?
„Секогаш постои тој проблем на компанијата да и се докаже дека нема ништо поважно од тоа информациите да бидат јавни. Доколку сѐ повеќе се споделува во која сфера работат и што работат можат и самите да увидат каде можат да диференцираат и да се најдат себеси во тој „niche“ на пазар. Да се биде игнорантен кон конкуренцијата е најлошо нешто што може да го направат. Некако во Македонија полека ја надминуваме оваа фаза, но сè уште во нечии глави ова постои.
Сакаме ова со неколку пропратни програмски активности што ќе ги организираме заедно со партнерите, на некој начин да ја подигнеме на повисоко ниво свеста за градење на ваков вид на компанија. Убаво е да има сè за сите компании, да ги знаеме кои се, но до компаниите е оставено колку податоци ќе обелоденат. Не би сакале да известуваме колкави се приходите и слично, но доколку има интерес да се направи некој „fundraising“, односно доколку компанијата е заинтересирана за тоа и пристапи инвеститор кој ќе го побара, тоа ќе биде неопходно да може да се реализира инвестицијата.
Startup Macedonia нема да биде инволвирана во самиот процес на „fundraising“, но ќе биде вклучена во делот на „спојување“ заради тоа што не само во Македонија, туку сѐ поголем е интересот и на инвеститори од странство кои сакаат да знаат кои се компаниите тука, да можат и самите да им пристапат и да ги понудат своите ресурси. Пристап до странски пазари, пристап до конференции, веќе не сме изолирана држава, туку сме дел од некој поширок екосистем од Европа и Светот,“ – вели Игор.
„Како што кажа Игор споделувањето на информациите ние веќе го правиме со помош на „Startup Digest“-календарот со тоа што е првиот календар во државата, и тоа е и првиот дигитален календар скроен само за стартапи. Со понатамошниот развој на нашата организација се надеваме дека ќе имаме и настани кои се подготвени за поддржувачите, на пример клубот на бизнис ангели или менаџерите на акцелераторските програми, настани на кои тие ќе може да си разменат информации за понатамошни активности. Ова ќе овозможи да се доразвијат и да можат да им помогнат повеќе на самите стартапи во Македонија.
Digest-календарот го стартувавме некаде во средината на март 2019 имаме околу 40, 50 државни, но и регионални настани, кои вклучуваат конференции, еднодневни презентации, демо денови, панел групи со експерти од различни области; на пример: интелектуално право, авторско право, правници кои разговараат и дискутираат за започнување и отпочнување на еден стартап и ја споделуваат информацијата со заинтересираните која правна процедура треба да се испочитува во рамки на нашата држава за да формирате еден стартап. И најразлични други видови на настани каде што стартапите може да добијат конкретна информација, совет, но и да се запознаат со експертите кои ги имаме во државата и го имаат тоа знаење. После самиот настан може да му пристапат на експертот и да побараат дополнителна помош,“- додава Марија.
На овие настани учесниците не само што можат да ги слушнат размислувањата на говорниците, туку поважно, можат и да отворат разговор за различни теми. Крајот на секој од овие настани е наменет токму за средби помеѓу предавачите и заинтересираните. Учесниците може да разменат мислење не само со говорникот, туку и помеѓу себе. Секако понекогаш наместо локален експерт на овие настани доаѓаат и експерти од надвор кој дополнително со своето знаење и искуство можат да придонесат за развој на македонската стартап сцена.
Календарот е интернационална иницијативна на TechStars – Google Digest. Секој кој поминува во Македонија може да ги пронајде на календарот и да ги посети овие настани. Во платформата е предвидено интегирање и на помалите настани – митапи организирани од помали и пофокусирани групи.
Што се однесува до идните планови на Startup Macedonia наскоро ќе има нова офлајн локација, Mk Startup Space. Местото ќе биде централна локација за Startup Macedonia, а ќе биде отворено и за сите организации и стартапи да може да се информираат за сѐ што им е потребно. Ако не може да ги добијат овие информации на платформата, да ги добијат од тимот на Startup Macedonia. Од друга страна местото ќе биде и место за неформални средби – дружење и размена на искуства, но и за разни „митапи“ што би помогнало за зближување на заедницата.
Еден од плановите за иднина е доколку моделот се покаже како успешен да се прошири и на државите од регионот. Засега ова е далечна иднина, но ако се потврди моделот ова е следниот чекор. За почеток се отворени комуникации во регионот за зближување на пазарите и екосистемите. Конкретно Албанија, Косово, Србија, Бугарија и Грција треба да бидат првиот чекор во кои стартапите ќе можат да ги бараат партнери во регионот. Засега овој модел на платформата е во многу рана фаза, па повеќе податоци ќе следат подоцна.
Доколку имате стартап не заборавајте да се регистрирате на платформата!