Google престана да споделува дел од податоците од Android телефоните кои досега ги споделуваа со мобилните оператори. Причината за ова е стравот на Google повторно да не станат мета на законодавците. Mobile Network Insights започна со работа во март 2017 година, а иако не е објавено досега, Google престана да ги споделува овие податоци уште од април, јави Reuters.
Податоците кои ги споделуваа Android телефоните со мобилните оператори преку Mobile Network Insights им помагаа на операторите од целиот свет да добијат подобар увид во мрежната покриеност. Со овие податоци се добиваше попрецизна мапа на покриеност и јачина на сигналите и операторот можеше да донесе одлука за инвестиција во инфраструктурата врз база на овие податоци. Податоците кои се споделуваат со операторите доаѓаат единствено од корисниците кои дале дозвола за споделување на податоци и историјат од локациски сервиси. Пред испраќање на податоците беа анонимизирани и сумирани, па не постоеше опасност податоци за корисник да излезат надвор.
Овие податоци беа непроценливи за мобилните оператори. Податоците кои Android ги праќа содржеа податок за нивната покриеност во реони, и покриеност на конкурентите без имињата на конкурентите.
Покрај предизвиците со приватноста, дел од причините за прекин на сервисот се и проблеми за давање што е можно порелевантни податоци, но и бавноста на операторите во надградба на мрежите.
Google го затвори овој сервис веројатно главно поради страв од регулаторите кои се ригорозни кога приватноста на корисниците е во прашање. Ова е веројатно добар пример дека и поголемите компании, или во овој случај гиганти како Google се почесто се решаваат да се откажат од податоците, поточно да ги минимизираат податоците кои ги прибираат од корисниците. Не толку одамна Amazon, Apple, Google, Microsoft, Facebook престанаа да користат луѓе за проверка на анонимизираните аудио разговори.