„Да се разбере пазарот е клучно и додека многу млади претприемачи се ентузијастички наклонети кон нивните идеи, важно е да бидат и разумни.”, вели Реј Пауер, главниот извршен директор на македонската софтверска компанија iDevelop која креира on-demand бизнис решенија и досега го има лансирано софтверското решение ActiveReception.com.
Каков вид на веб апликација е ActiveReception и за кој профил на корисници е наменета?
ActiveReception примарно претставува интелигентно контекстуална и бихејвиористичка маркетинг платформа за оптимизација на процентот на конверзија на клиенти, наменета за претпријатија. Како и да е, сепак, апликацијата има поедноставна страна која ја прави погодна и за малите и средни претпријатија, со можност тие да ја користат опцијата live chat (разговор во живо со клиентите на самиот сајт) и да ги таргетираат посетителите на нивната страница, дури и ако се неколку стотици.
Како дојдовте до идеја да креирате ваков вид на апликација?
Првично, апликацијата беше замислена како live chat концепт, за кој размислував неколку години претходно. Но како што пазарот се развиваше, стана јасно дека не секој посетител е потенцијален клиент или има потреба од поддршката за корисници; и така се разви потребата за сегментирање и таргетирање на посетителите на веб страниците. Со самото тоа што им нудиме можност на компаниите да ги сегментираат и препознаат посетителите кои се и потенцијални клиенти, не ја исклучивме можноста компаниите да можат да применуваат и таргетирано рекламирање и употребуваат останати маркетинг алатки, врз основа на таа сегментација.
Кои програмски јазици и алатки ги користевте за да изработите ваков вид на апликација и колку луѓе беа вклучени во процесот на реализација?
Претежно се користеше PHP програмирање и MySQL, а нашиот тим скоро секогаш беше составен од десеттина луѓе, не вклучувајќи ги нашите партнери во другите земји.
Колку долго работевте на апликацијата, додека да го добиете финалниот, целосно функционален производ и дали наидувавте на некакви пречки во процесот?
За да се изработи првата верзија ни требаше околу една година и од тогаш постепено ја надградуваме. Многу често нашите клиенти ни даваат одлични повратни информации и увид за функционирањето на апликацијата, кои се обидуваме да ги искористиме за надградување на истата. Пречките во работата се честа појава во било кој иновативен бизнис, па така ги имавме и ние, често поради надворешни фактори како што се хардверски проблеми, но во целина ваквите пречки ги надминувавме.
Каков е моменталниот интерес за овој производ, конкретно на нашиот пазар и кои се вашите предвидувања за идниот развиток на потребите на пазарот?
Македонија е многу мал пазар за нашиот софтвер во споредба со Европа, но сепак е земја со многу висока стапка на интернет корисници и со култура која позитивно е наклонета кон ваквиот вид на софтвер. Генерално, сега за сега овој софтвер го користат некои од најголемите компании во земјата, а сепак има повеќе смисол да биде користена и од малите и средните компании, кои сакаат да ја зголемат продажбата или да ја унапредат поддршката за корисници, без да имаат потреба да го зголемат бројот на вработените или трошоците во голема мера.
Дали имате некаков совет за младите претприемачи во Македонија и на Балканот?
Мојот совет до претприемачите насекаде, не само на Балканот и овде, е да бидат сигурни во познавањето на нивниот бизнис пред да превземаат некои поголеми ризици. Да се разбере пазарот е клучно и додека многу млади претприемачи се ентузијастички наклонети кон нивните идеи, важно е да бидат и разумни. Поаѓајќи од ова, за да се биде претприемач е навистина предизвик и сите оние кои се упорни и се развиваат преку новите предизвици, се токму оние кои би биле и успешни.
