Неодамна се одржа Финхакатон во организација на Министерството за финансии. На натпреварот имаше два победнички тима: „Systems4Enterprise“составен од Стефан Митевски, Ивана Ѓорѓиевска-Стојановски и Георги Михаилов; и вториот тим во состав: Елена Андреева, Теди Пејоски, Елена Јовчевска, Каја Стоилеска, Александар Трпески и Александар Марковски.
Минатата недела пишувавме за еден од победниците, а ова е проектот на вториот тим. Тимот од „Systems4Enterprise“составен од Стефан Митевски, Ивана Ѓорѓиевска-Стојановски и Георги Михаилов.
Дали може да ни кажете повеќе за проектот кој го изработивте на хакатонот?
Systems for Enterprise е компанија која е специјализирана за решенија во осигурувањето и на финхакатонот се пријавивме веднаш кога слушнавме за настанот. Барањата од министерството беа објавени непосредно пред почетокот на хакатонот. Требаше да се изработи игра, видео и веб страница. Ние решивме да направиме интегрирано решение од сите три . Иако не сме специјалисти во овие области имавме позитивен пристап и се забавувавме додека ги изготвувавме. На крај резултатот беше да добиеме две од трите награди – видео и игра.
Како и кои проблеми ќе бидат, објаснети, надминати или олеснети со ова решение?
Во моментов буџетот е напишан на над 300 страници и некаде се користени кратенки и терминологија коja што не е блиска до пошироката јавност. Целта на финхакатонот беше да се доближи буџетот на Македонија до граѓаните. Со видеата и со играта успеавме да објасниме што е мултипликативен ефект, што е дефицит, како по функционални единици се дели буџетот и тн. Секако дека нема сѐ да биде комплетно јасно, меѓутоа мислам дека по изработката на ова решение на граѓаните ќе им биде далеку појасно.
Зошто го одбравте токму овој пристап/решение?
Ја изработивме играта – “Кој сака да биде министер?”. На овој начин го стаивме крајниот корисник да биде во улога да го креира буџетот. Со ова мислам дека се учи на едноставен и сликовит начин каков е буџетот на Македонија и зошто е таков. Понатаму изработивме видео во кое што буџетот го сведовме на ниво на буџет на просечен граѓанин. Дали буџетот е 223 милијарди или 30 милијарди денари на граѓаните не им значи многу, бидејќи и двете бројки им се непоимлив големи. Затоа решивме да ги сведеме овие бројки на еден просечен македонски буџет и да ги објасниме основните поими преку нив. Решението од она што го сработивме викендот може да се види на: Makedonija.co
Кој е вашиот впечаток од хакатонот?
Министерството имаше одлична организација а секако од голема помош беа и квалитетните ментори кои што беа ангажирани за да ни помогнат. Добивме одличен простор за работа, добивме услови какви што сакавме да посакаме. Се надеваме дека овој настан ќе продолжи и го охрабрувам и министерството како и другите институции да организираат нешто слично.
Какво беше искуството?
Забавно. Пропозициите на натпреварот значеа дека треба да бидеме во министерството во текот на 48 часа со можност да излеземе само 4 часа дневно. Ова значеше дека ние таму и спиевме и јадевме и ги смислувавме концептите и ги реализиравме. Се на се, беше одлично искуство и нешто што би сакале да го повториме.
Кои се плановите за иднината?
Со завршувањето на викендот практично започна нашиот ангажман. Добивме обврска да ја прошириме играта и да направиме серија на видеа кои што се слични на првото. Во текот на минатата недела добивме и спецификација од страна на министерството и започнавме со работата. Во текот на есента во зависност од PR плановите на министерството нашиот труд ќе биде прикажан на пошироката јавност.
Какви се плановите за понатамошен развој на решението?
Добивме покана од страна на министерството за финансии да го презентираме решението на министерскиот самит кој што ќе се одржи во текот на септември во Скопје. Ги имаме авторските права за надвор од Македонија па можеби ќе направиме нешто слично во регионот.