Интервју со Никола Љушев

во Интервјуа

Во продолжение следи интервју со сегашниот извршен директор на Вип, Никола Љушев, чие работно искуство исто така вклучува позиции како главен технички офицер во Космофон и одговорен менаџер на одделот за продажба во Македонски Телеком. Калина Зографска разговара со г-динот Љушев на разни теми концентрирајќи се на корпоративно владеење, оддржување на клиенти, промовирање, инволвираноста на ВИП во разновидни маркетинг кампањи и слично.

1. Биографијата на Никола Љушев се чини филмска: од раководител на продажба и планирање во МТ, преку CTO на Космофон, и сега – главен извршен директор на Вип. Која е тајната на успехот на градење на ваква успешна кариера?

– Не е едноставно да дадам целосен одговор на вашето прашање, одговор кој што би бил сам по себе формална дефиниција или формула на мојот успех. Успехот во кариерата зависи генерално од многу фактори. Некои од нив произлегуваат од вашата посветеност во работата, колку успешно успевате да создадете инклузивна професионална средина и да го извлечете најдоброто од луѓето со кои работите. Јас функционирам на принципот на целосна доверба и респект кон луѓето, максимизирајќи ги синергетските ефекти на нашите индивидуални, професионални и човечки доблести. Се разбира во градењето на кариерата значајни се и екстерни фактори, колку сте подготвени да ги препознаете, правилно процените и искористите шансите што ви се нудат. Врвните предизвици бараат и целосна поддршка и разбирање од семејството, од оние драги личности кои најмногу ви значат. Мојата досегашна кариера е совршен спој на сите овие фактори. Секако предизвикот да се биде на чело на исклучително млад, динамичен и вонредно мотивиран тим каков што е овој во Вип, сам по себе, беше момент кој во многу влијаеше на мојата одлука да да приклучам во создавањето на оваа успешна приказна.

2.При назначувањето за главен извршен директор на Вип, имавте одврзани раце да изградите компанија „од нула“. Кои ви беа приоритетите од досега наученото?

Кога дојдов во Вип, всушност се приклучив на тим кој веќе имаше соборено неколку светски рекорди во индустријата. Почнувањето со комерцијална работа за 6 месеци од добивањето на лиценцата и освојување на 5% од пазарот во првиот месец од работењето се само дел од постигнувањата што ги затекнав при доаѓањето. Тие ми беа одличен показател за динамиката и ентузијазмот што го красат овој тим. На мене остана да се приклучам на тој ритам на успехот и со моите вештини и знаење да придонесам кон создавањето нови вредности за компанијата, за вработените, за нашите корисници и за општеството.

2.5 Која беше првата извршна наредба која ја издадовте и кој беше првиот вработен кој го примивте?

Најпрвин морам да истакнам дека во Вип не издаваме наредби, барем не во онаа формална и ригидна форма во која што вообичаено истите се издаваат во други компании. За сите предизвиците пред кои сме исправени, можните решенија, изборот на најдобра опција, акционите планови, како и задачите кои се поставуваат пред извршителите се прашања за кои се разговара тимски. Не би можел да зборувам или издвојам поединечно вработување непосредно после моето назначување како главен извршен директор, од едноставна причина што колегите во мојот непосреден тим се луѓе кои беа дојдени во компанијата од самиот почеток, со кои од секој аспект имаме одлична професионална соработка, но и сите сме добри пријатели.

3. Дали мислите дека мотивацијата на работниците е важна за работењето на една компанија? Дали е потребно тие да веруваат дека работат во компанија која чини добро? Некоја интересна тактика за мотивирање на работниците (Гугл има 20% правило)?

– Несомнено е дека мотивацијата на вработените е од круцијална важност за функционирањето и успехот на една компанија. Јас не верувам во тврдења дека конкурентската предност се создава само со имплементирање на нови системи односно алатки за производство, услуги итн. Напротив, единствен доминантен фактор на создавање одржлива конкурентна предност се човечките ресурси, инвестирање во знаења и градењето на ефективни и мотивирани тимови. Се трудиме вработените да не доаѓаат на работа само заради основната материјална потреба, туку секој работен ден да биде ново восхитувачко професионално искуство, негувајќи го духот на натпревар и желба за победа. Тимот е млад и динамичен, а повеќе од 60 проценти од вработените се во директен контакт со корисниците. Оттука произлегува дека мотивираноста на секој вработен одделно директно се одразува во мотивираноста на корисникот да ја користи нашата услуга. Мислам дека тука успеваме.

4. Се чини дека корисниците често се во вкрстен оган во војните меѓу операторите, па купуваат по 3 сим картички за да не губат пари на меѓусебните разговори. Мислите ли дека полека се срамнува теренот за сите, особено по доаѓањето на „преносливост на броеви“?

Нашето мото е да им понудиме на корисниците најдобри мобилни комуникациски услуги, едноставни за користење, по најдобри цени, секој ден и во секое време на денот. Тоа го докажува и нашата најнова понуда ”Одиграј паметно”. Секако дека преносливоста на броеви им овозможува на корисниците целосна слобода. Доколку корисникот сака да го задржи својот број со префиксот, сега може да го направи тоа и да го одбере операторот што му нуди најдобри услуги и најголема вредност. Досегашниот интерес и резултати недвосмислено покажуваат дека Вип е вистинското решение.

5. При лансирањето на првата рекламна кампања за Вип, за првпат во рекламирањето на мобилен оператор се појавија македонски актери. Што ве наведе на ваква одлука?

– Неможам да тврдам дека за првпат се појавиле македонски актери, но секако она што го поттикнува и поддржува Вип во сите сфери на своето работење тоа е јакнењето на националните вредности. Тоа е всушност и главносто мото на Mобилком австрија групацијата, чиј што дел сме ние – мисли глобално, делувај локално. Ова мото го применуваме буквално насекаде и во се што работиме.

6. Понатаму, рекламите напори и спонзорства на компанијата го спасија од пропаст одржувањето на Скопски филмски фестивал, и најново, поддршка на кампањата за безбедност во сообраќајот. Мислите ли дека диференцијата на брендовите се случува и надвор од директната бизнис логика (кој е поефтин, кој е поскап) ?

– Како што веќе споменав, Вип поседува исклучителен сензибилитет и респект кон врвните национални, но и неопходните локални вредности без кои не може да се заокружи модерниот, динамичен, урбан начин на живеење. Ние се обидуваме да воспоставиме нови, досега невидени стандарди на овие простори на професионализам и естетика во делот на спонзорства и проекти на општествена корпоративна одговорност. Верувам дека успешно успеавме да допреме до различни целни групи во општеството, назависно дали зборуваме на спорт, музика, филм итн.

Нашиот најнов проект за безбедноста на децата во сообраќајот е активност којашто дава вистински придонес во решавањето на барем дел од секојдневните грижи на граѓаните. Едукацијата на децата во основните училишта за сообраќајните правила и како да се однесуваат според тие правила е од круцијална важност за проектот. Мило ни е доколку успееме да помогнеме да се реши барем еден дел од проблемот со безбедноста, иако тоа е континуиран и непрекинлив процес.

7. Како сосем посебна ставка ја наведувам поддршката за албумот на Влатко Стефановски. Знаете, кај нас се велеше „Македонија има два вокали: Т-Мобиле и Космофон“, кои ги поддржуваа нашите ѕвезди Каролина Гочева и Тоше Проески. Како трет играч, Вип има огромно влијание на музичката сцена. Кој е генералниот концепт на поддршката од овој вид?

Во изминатата година Вип оператор се вклучи во разни активнсоти значајни за заедницата. Се покажа како иницијатор на активности кои ги вклучуваат и мотивираат на акција различните сегменти од општеството, а со цел остварување на заедничко добро. На наше задоволство и на задоволството на сите љубители на македонската музика и македонските врвни музичари, Вип оператор во февруари оваа година ја започна својата соработка со Влатко Стефановски. Покрај поддршката во издавањето на неговиот последен албум, компанијата ја поддржува и неговата  промотивна турнеја низ Македонија. Со цел да обезбедиме што поголема достапност на последното големо музичко остварување на Стефановски, на сите љубители на врвниот македонски музички производ, им овозможуваме да го купат истиот во своите единаесет Вип центри во поголемите градови во Македонија. Веруваме дека со нашата соработка и поддршка, ќе успееме на нашите корисници да им го доближиме уште повеќе извонредниот звук на Влатко.

8. Впрочем, една интересна комбинација на зелен активизам и рекламна кампања се момци и девојки кои се возат на велосипеди низ Скопје. Кажете ми, што точно е нивната работа?

Тоа не се наши вработени, а луѓето кои ги гледаме во градот на велосипеди со знакот на Вип, се локални доставувачи на пратки, кои сметавме дека одговараат со ведрината, духот и мобилноста на нашата компанија и одлучивме да ги спонзорираме.
9. Се чини дека не само во технологијата, туку и насекаде, имаме опсада на трендот „Green is in“. Колку мислите дека е важна корпоративната одговорност за ова прашање и како Вашата компанија се справува со зелените предизвици?

– Секако дека Вип се грижи за околината. Комуникациите како сектор се ориентирани кон подобрување на животната средина. Со самото тоа што го праќаме ова интервју по електронски пат, штедиме хартија. Во секојдневното работење Вип се грижи за поставување на одредени еколошки стандарди – во однос на штедењето на енергија, безбедноста на околината и луѓето, рециклирањето на стара хартија и терминали, управувањето со работните процеси. Дополнително нашите вработени се вклучија во акцијата за пошумување. Локалниот концепт на работење подразбира дека се грижиме и за околината во кој живееме и работиме и во кој растат нашите деца.

Никола Љушев

10. Што мислите за е-бизнис иднината на Македонија во која имаме пристапни м-банкарство и м-плаќање? Дали е многу далеку и дали размислувате во таа насока?

Цврсто сум убеден дека е-бизнис не е само далечен светски тренд, тој полека но сигурно започнува да се појавува и во Македонија. Ние активно работиме на неколку проекти во делот на мобилно плаќање кои што веќе се најавени во јавните гласила. Верувам дека наскоро ќе се појават повеќе можности и за воведување на различни решенија за мобилното банкарство, иако тоа е возможно веќе и сега на мобилни терминали со поголема моќ и повисок ценовен ранг. Ваквите т.н. паметни телефони (smartphones) овозможуваат во моментот користење на услугите на електронско банкарство, со оглед на тоа што имаат исти или слични можности како преносен компјутер, овозможуваат сигурно складирање и користење на персонални електронски сертификати, можност за воспоставување на сигурни, енкриптирани сесии итн. Сепак, се тоа е потребен но не и доволен услов. Пресуден фактор на успех е отворањето на банките кон новите технолошки предизвици, воведување на нови и евтини иновативни производи кон крајните корисници, кои ќе го поедностават иницирањето на трансакциите, нивната сигурност и доверливост.

11. Вашиот професонален профил е објавен на LinkedIn. Што предвидувате за социјалното бизнис вмрежување во иднина?

Во последните неколку години сведоци сме на огромен наплив и развој на веб 2.0 услуги и апликации. Тоа е база за развивање на високо интерактивни услуги базирани на заеднички интереси помеѓу корисници, едноставни комуникациски алатки за промовирање на тие интереси, богатство на содржини и искуства.  Вмрежувањето во виртуелниот свет е неопходно за бизнис професионалците, од деловен но и од социјален аспект. Лесно доаѓате до информациите и професионалците кои ви требаат и на едноставен начин можете да комуницирате и да ги сретнете луѓето кои можеби во реалниот свет не би имале прилика да ги запознаете. Дефинитивно бизнис вмрежувањето во иднина ќе биде неопходно за  нормално деловно комуницирање.

Очекувам индустријата на мобилни комуникации да ја искористи огромната можност да понуди нови услуги во делот на социјално вмрежување преку мобилни терминали, што воедно ќе значи нови придобивки за корисниците, понатамошно стимулирање на користењето на мобилните услуги, креирање на нова вредност… Тоа е веќе случај со топ моделите во портфолиото на производителите, како на пример RIM-BlackBerry каде што можете да инсталирате Facebook клиент на својот Blackberry терминал и да ги пренесувате директно фотографиите кои што ги сликате со својот терминал на својот facebook профил на интернет, оставате коментари и пораки кон своите пријатели без притоа да има потреба да користите екстра поврзување, лаптоп и сл. Мобилниот терминал представува пред се личен уред на секој корисник поединечно, што воедно значи идеална платформа за овозможување на најразлични мобилни персонализирани услуги како што се инстант разговори, пристап кон услуги за социјално вмрежување и сл.

12. За крај, споменете кои ви се Вашите “rolemodels”, во Македонија и во светски рамки?

– Она што се цени во нашата компанија и можеби една од причините заради која и јас лично работам во Вип е индивидуалноста. Секогаш во секој член од тимот и кај корисниците ја цениме и поддржува индивидуалноста и ги почитуваме разликите. Секој е свој, па во таа смисла неможам да посочам некој кој би рекол дека е мој пример. Можеби комбинација од повеќе личности, кои секако се истакнуваат со силната индивидуалност.

Стани премиум член и доби пристап до сите содржини, специјален попуст на над 2.200 производи во ИТ маркет, верификуван профил и можност за огласување на ИТ Огласник. Плус ќе го поддржиш медиумот кој го градиме цели 16 години!

basic

членство

42 ден./мес

зачлени се

1337

членство

125 ден./мес

зачлени се
* плаќањето е на годишно ниво

Доколку веќе имаш премиум членство, најави се тука.

Subscribe
Notify of
guest
0 Коментари
Newest
Oldest Most Voted
Inline Feedbacks
View all comments
види ги сите огласи на kariera.it.mk