И во поглед на изгледот и во поглед на гејмплеј механиките, G.I. Joe: Wrath of Cobra потсетува на старите добри флиперски игри. Слично на beat em up игрите како Final Fight, ќе имате за задача да се движите од точка А до точка Б, уништувајќи со култните војници сѐ што ќе се осмели да ве погледне погрешно. Како дополнителен плус, секој од ликовите се одликува со уникатни способности, охрабрувајќи самостојно или заедничко преигрување на мисиите.


Носталгична експлозија
Во G.I. Joe: Wrath of Cobra, на располагање имате неколку режими на играње, од кои првично ви е достапна само кампањата. Подоцна, ќе можете да го отклучите и аркадниот и boss rush модот. Story режимот ви дозволува да изберете една од четири понудени тежини и да заиграте со неколку ликови кои се препознатливи за универзумот. Оние што се фанови на целава оваа франшиза пријатно ќе бидат изненадени од можноста да играaт со Snake Eyes, Roadblock, Scarlett, Gung-ho или Duke. Паралено со ова, на располагање имате најразлични непријатели и феноменални босови кои ќе знаат како да ги предизвикаат вашите способности.

Иако се работи за едноставна ретро-испирирана изведба, секој од ликовите се одликува со уникатни движења, комбо напади и ултимативни способности. Ќе имате можност да посетите најразлични места и да се соочите со бројните непријатели на Кобра. Иако се работи за ретро графика, мапите се осмислени со огромно внимание, нудејќи посебна свежина за време на адреналинските битки, водејќи ве, притоа, низ бројни култни места (како островот или подводната база на Кобра).

Можното појавување на монотонијата дополнително се разбива со впечатливи меѓу-секвенци кои се инспирирани од телевизиските серии од 1983-та година на минатиот век. Лесно бевме импресионирани и од музичката подлога на талентираниот композитор Ти Лопес. Ова е истиот композитор кој претходно има работено на Sonic Mania, TMNT Shredder’s Revenge, и Streets of Rage 4. За потребите на оваа игра, Ти успева да состави импресивни и уникатни траки кои мајсторски се вклопуваат во пропратната тема.



Првенствено, Wrath of Cobra се разликува од поголемиот дел beat em up игри со тоа што има поголем фокус на користење огнени оружја. Низ мапите, често ќе наоѓате најразлични оружја, но нема да можете така лесно да косите сѐ со нив. Огнените оружја се значително помоќни од песниците, но и поспори, нешто што знае да биде проблем во ситуации кога сте опколени од бранови непријатели. Поради тоа, нивната примена се препорачува само во одредени ситуации. Тоа што предност давате на тупаниците е добра работа.

Личните пресметки се подобро осмислени и нудат можности за експериментирање и користење комбо движења. Скарлет, на пример, има серија од лесни и тешки напади; може да блокира удари и да активира различни специјални потези во зависност од тоа дали стои, трча или скока. А тука е и посебна ултимативна способност која препорачуваме да ја чувате за најкритичните моменти. Таква е ситуацијата со сите ликови со кои можете да играте. На почетокот, можете да играте со еден од четири понудени војници, но подоцна ќе можете да отклучите дополнителна помош. Секое наредно преигрување со друг војник нудеше поразлична перспектива и со задоволство скокавме од едно до друго лице за да видиме како функционираат за време на битките.

Ветувачка иднина
Иако уживавме во самостојното преигрување на G.I. JOE: WRATH OF COBRA, мора да признаеме дека чедото на Maple Powered Games е значително позабавно кога се игра со уште некој, особено при стратешкото соочување со бројните предизвикувачки босови. За жал, на располагање имате само локален ко-оп, но студиото планира да воведен онлајн мултиплеер ко-оп во блиска иднина. Паралелно со ова, развојното студио вети дека работи и на три дополнителни игриви ликови, така да, не се прерано разочарувајте доколку не можете да играте со Shipwreck, Lady Jaye и Timber – овие играчи ќе станат достапни во блиска иднина.

Студиото се посветува и на воведување нови три нови режими, како Lightning, Low Gravity, и Time Attack. Претпоставуваме дека Lightning ќе ви дозволи да се борите екстра брзо или да се соочувате со брзи непријатели, а Low Gravity ќе пружи урнебесни ситуации за борби во средина со ниска гравитација. Time Attack би требало да прикачи тајмер на вашите напредувања (кој, со малку среќа би се продолжувал со секое ликвидирање).
Како и да е, доколку сте фанови на beat em up и G.I. JOE, тогаш Wrath of Cobra е вашата единствена и ултимативна дестинација за незаборавно, носталгично патување! Играта нуди долга забава во преубаво осмислен свет, забавни ликови и бројни можности за водење исполнителни гејминг сесии.

Повеќе детали за играта
- Произведува: Maple Powered Games
- Издава: indie.io
- Жанр: боречка аркадна игра
- Платформа: Microsoft Windows
- Излезе на: 26 септември 2024