Зошто државата не ги подржува македонските млади информатичари?

Avatar img-thumbnail img-circle

во Вести, ИТ.МК

Photo credits: Бистри Умови

Образованието не е нешто со кое што можеме да се пофалиме како држава. Но, исклучоци имало, има и ќе има секогаш, па така во овој дел младите македонски информатичари претставуваат светла точка на македонската образовна сцена. Тие редовно освојуваат медали на меѓународните натпреварувања, а ние редовно известуваме.

Секојдневно можеме да ги слушнеме државните функционери како зборуваат за тоа дека младите се иднината на оваа држава. Но, кога истите тие млади успешни информатичари, научници, спортисти или уметници треба да отпатуваат и да ја претстават Македонија на некое меѓународно натпреварување од светски ранг. Тогаш, законите и правилата околу финансирањето се толкуваат на милион начини и многу често не се знае кој е надлежен.

Во моментов, токму во ваква ситуација се младите македонски информатичари кои треба да отпатуваат и да настапат на Интернационалната Олимпијада по Информатика и Технологија.

Ова беше доволен повод за тимот на IT.mk да поразговара со Анита Атанасова-Грчев, Претседател на здружението Бистри Умови.

Анита Атанасова-Грчев

Која е мотивацијата за основањето на здружението „Бистри Умови“?

Мојот син беше искрата што го запали овој оган. Години наназад, тој е дел од македонските репрезентации на најпрестижните меѓународни натпревари по информатика. Гледав како се бори – како минува бескрајни часови над алгоритми и кодови, како неуморно тежнее кон совршенство. Но, истовремено, гледав и една друга, потешка реалност – неправдата што им се случува на овие деца.

Не сите имаат можност да го изодат истиот пат. Не затоа што им недостигаат знаење или талент, туку затоа што им недостига поддршка. Наместо да бидат водени, тие се борат сами. Ако семејствата можат финансиски да ги поддржат – добро. Ако не – тогаш уште еден блескав ум останува во сенка.

Ова не смее да продолжи! „Бистри Умови“ беше создадено за да ја промени оваа реалност, за да биде гласот и потпорниот столб што ќе им помогне на овие млади умови да ги остварат своите соништа. Да не дозволиме повеќе ниеден млад генијалец да остане без шанса!

Кои се целите на здружението?

„Бистри Умови“ не е само здружение – тоа е движење, визија, мисија! Нашата цел е да создадеме системска поддршка за сите талентирани ученици, особено во областа на информатиката и математиката.

Нашата визија е јасна: да им помогнеме на младите умови да станат идните лидери во науката, технологијата и информатиката.

Во учебните години 2023/24 и 2024/25, низ нашите бесплатни повеќемесечни курсеви по Математика и Информатика поминаа илјадници деца од цела Македонија. Преку напредни предавања и практични задачи, тие се подготвуваат за најголемите предизвици.

Во соработка со Здружението за Информатика на Македонија (ЗИМ), организиравме два еднонеделни тренинг-кампови, каде талентираните ученици работеа со врвни професори и ментори од ФИНКИ:

  • Камп „Магнолија“ – Пониква (2024)
  • Камп „Гратче“ – Кочани (2023)

Овие кампови беа целосно финансирани од Бистри Умови.

Дополнително, „Бистри Умови“ беше дел од организацијата на:

  • JBOI – Јуниорската Балканска Олимпијада по Информатика 2023
  • BOI – Балканската Олимпијада по Информатика 2024

Учениците што се истакнаа со својот труд и постигнувања беа наградени со лаптопи – признание за нивната посветеност и мотивација за уште поголеми успеси.

Но, натпреварите бараат значителни финансиски средства. „Бистри Умови“ ја презеде улогата, преку донации од компании и поединци, да им помага на талентите околу патните трошоци за да не се дозволи ниеден талент да биде запрен од финансиски причини.

На младите информатичари им се потребни финансиски средства за учество на Интернационалната Олимпијада по Информатика. Зошто државата не ги финансира?

Во Македонија, поддршката од државата за овие млади генијалци е недоволна и селективна.

Државата финансира само една меѓународна олимпијада, и тоа само за учениците од основно образование. Сите останати натпревари остануваат без финансиска поддршка, што значи дека македонските тимови мораат сами да бараат спонзори, донации или, во најлош случај, да се откажат од учество. 

Претходно, преку Агенцијата за млади и спорт, секој ученик над 15 години што влезеше во репрезентативниот тим добиваше парична поддршка. Но, од минатата година, со укинувањето на оваа агенција, учениците останаа без оваа минимална помош. Во другите земји, државите ги покриваат сите трошоци за своите ученици. Но, кај нас, тие мора да се борат сами, наместо да се фокусираат на знаењето и подготовката. Ова не е начин на кој се гради иднината!

Дали постојат услови за настап на Интернационалната Олимпијада? Кои ученици ги исполнуваат критериумите?

Photo credits: Бистри Умови

Да, постојат јасни критериуми за селекција на националните тимови. Секоја година, низ циклусот на натпревари организирани од ЗИМ, СММ и.т.н. се избираат најдобрите од најдобрите.

  • Прелиминарни натпревари- училишен, општински и регионален
  • Државен натпревар – најдобрите продолжуваат понатаму.
  • Македонска Олимпијада  – од овде се избираат најдобрите за финалната селекција.
  • Завршен изборен тест – врз основа на резултатите се формираат официјалните тимови.

Овие ученици ги исполнуваат највисоките стандарди на светско нивоТие не бараат ништо повеќе од тоа што веќе го заслужуваат – можност да го покажат своето знаење и труд.

Но, државата не обезбедува доволно средства. Дали е прифатливо Македонија да изгуби толку многу таленти, само затоа што нема финансиска поддршка?

Ваша порака до Владата, институциите и компаниите?

Во срцето на Македонија растат млади умови кои со својата интелигенција и посветеност освојуваат медали на најпрестижните меѓународни натпревари. Тие не се само ученици – тие се амбасадори на македонскиот талент, идните научници, инженери, програмери и иноватори што можат да ја обликуваат иднината на оваа земја!

Но, наместо нивниот пат да биде поддржан, тој е преполн со пречки. Додека другите држави ги ставаат овие млади генијалци на пиедестал и им овозможуваат целосна финансиска поддршка, во Македонија тие се оставени сами да се снаоѓаат. Зарем ова е начинот на кој една држава се однесува кон своите највредни богатства?

Ви се обраќаме во името на младите Македонски таленти кои со својот труд, безрезервна посветеност и брилијантни умови ја докажуваат Македонија пред светот. Дали овие деца треба да мислат дека нивната единствена „грешка“ е што се родени во држава што не ги поддржува доволно?

Бараме од вас:

  • Воведување системска финансиска поддршка за националните тимови што учествуваат на меѓународни олимпијади по информатика, математика и други науки.
  • Враќање на стипендиите и финансиските надоместоци за учениците што се дел од репрезентацијата, како што тоа беше пред неколку години.
  • Институционална поддршка за организација на натпревари, тренинг-кампови и подготовка на овие млади луѓе.

Не дозволувајте Македонија да ги препознава своите генијалци само откако ќе заминат во странство. Вложете во нив денес, за да ја градат Македонија утре!

До водечките компании и бизнис секторот:

Вие, што ја носите титулата „општествено одговорни компании“, имате можност да направите вистинска промена!

Не гледајте на овие млади таленти како на поединци – тие се идните ИТ лидери, научници и иноватори што ќе ја движат македонската економија напред. Вашата поддршка не е трошок – таа е инвестиција во иднината на оваа земја!

  • Бидете спонзори на националните тимови и натпреварувачи.
  • Инвестирајте во стипендии, менторски програми и тренинг-кампови.
  • Обезбедете технолошки ресурси – лаптопи, софтвер, онлајн курсеви, сè што ќе им помогне на овие ученици да го достигнат својот максимум.

Младите талентирани ученици не бараат привилегии – тие бараат шанса да го покажат своето знаење! Македонија има талент, има знаење, има потенцијал. Единственото нешто што недостасува е вистинска поддршка за тие таленти да заблескаат!

Денес, имаме избор: или да ги поддржиме и да ја градиме иднината на оваа земја, или да гледаме како тие заминуваат во странство, каде што нивниот потенцијал ќе биде препознаен.

Photo credits: Бистри Умови

Доколку сакате да им помогнете на македонските млади генијалци или да добиете повеќе информации околу здружението „Бистри Умови“ – исконтактирајте ги веднаш на следниов мејл [email protected]

Стани премиум член и доби пристап до сите содржини, специјален попуст на над 2.200 производи во ИТ маркет, верификуван профил и можност за огласување на ИТ Огласник. Плус ќе го поддржиш медиумот кој го градиме цели 16 години!

basic

членство

42 ден./мес

зачлени се

1337

членство

125 ден./мес

зачлени се
* плаќањето е на годишно ниво

Доколку веќе имаш премиум членство, најави се тука.

Subscribe
Notify of
guest
1 Коментар
Newest
Oldest Most Voted
Inline Feedbacks
View all comments
kloki
kloki
1 month ago

важно одвојуваат за нивни патни трошоци.

ит кариера

Matrix IT Global Services Macedonia

Junior Technical Support Specialist

Matrix IT Global Services Macedonia

Product Operations

види ги сите огласи на kariera.it.mk