Минатата недела немаше премногу хардвер вести. Од поинтересните ги одделуваме „најавата дека Meta влегува во развој на роботи“, „најавата за нови чипови од Qualcomm“ и „првите чипови на ARM“. Оваа недела Apple има свој настан, па се надеваме дека ќе има повеќе новитети. Кога сме кај телефоните, производителите полека се подготвуваат за Mobile World Congress кој е закажан за почетокот на март и секоја година се одржува во Барселона.
Мета ќе развива роботи
Meta е заинтересирана за влез во светот на хуманоидната роботика. Компанијата е со амбиции да развие вештачка интелигенција, сензори и софтвер кои ќе го движат следниот бран на роботски иновации. Meta формирала посебен тим во рамките на Reality Labs дивизијата. Задача на тимот е да работи на хардвер за роботи способни да извршуваат домашни задачи. Со ова Meta на социјалните мрежи и виртуелната реалност ќе додаде нов сектор.

Интересно е што Meta нема намера веднаш да лансира сопствен робот. Наместо тоа, компанијата планира да создаде технологии кои ќе ги користат други производители на роботи, како Unitree Robotics и Figure AI, со кои веќе се водат преговори. Оваа стратегија може да ѝ овозможи на Meta да стане клучен играч во роботиката, без да се впушта директно во масовно производство.
„Клучните технологии во кои веќе инвестиравме – од вештачка интелигенција до проширена реалност – совршено се надополнуваат со напредокот кој е потребен за роботиката,“ напиша техничкиот директор на Meta, Ендру Босворт, во интерна порака до вработените. Тој нагласи дека оваа експанзија не само што ќе ја зајакне Meta AI, туку и ќе ги унапреди нивните AR и VR програми, пренесе Verge.
Meta е во ек на 65 милијарди долари вредна инвестиција во AI секторот, а таму конкуренцијата веќе е жестока. Ова важи и за роботите. Tesla го покажа својот хуманоиден робот Optimus, додека Apple експериментира со роботи инспирирани од Pixar, а Nvidia ги зголемува своите вложувања во роботиката.
Тимот на Meta ќе го предводи Марк Витен, поранешен извршен директор на Cruise, неуспешниот проект на General Motors за роботакси, и ветеран во технолошките гиганти како Microsoft, Sonos, Unity и Amazon. Со овој потег, Meta не само што гради технолошка инфраструктура за идните роботи, туку си отвора врата кон нова ера каде што вештачката интелигенција и физичкиот свет сè повеќе се испреплетуваат.
Qualcomm ги претстави првите поевтини процесори со вештачка интелигенција
Вештачката интелигенција наскоро ќе биде достапна и на телефоните од средна класа. Qualcomm официјално го претстави Snapdragon 6 Gen 4, мобилна платформа која ветува да ја донесе вештачката интелигенција и подобрените перформанси во средната класа на паметни телефони. Новиот чип не само што нуди значителни подобрувања во перформансите, туку и пониска потрошувачка на енергија и побрза Wi-Fi и мобилна мрежа. Ако овие податоци се точни ова ќе биде голем исчекор напред во однос на неговиот претходник.

Сепак, она што е најинтересни е поддршката за Gen AI на самиот уред. Ова ќе овозможи функции како гласовно активирани асистенти и намалување на шумот во позадина за време на повици. Дополнително, Snapdragon 6 Gen 4 е првиот чип од 6-серијата што поддржува INT4, што значи дека генеративната вештачка интелигенција ќе може да работи поефикасно дури и на уреди со ограничени ресурси.
Според Qualcomm новиот Kryo CPU носи 11% подобрување на перформансите, а графичкиот процесор нуди 29% подобри перформанси. Подобрена е и ефикасноста на чипот, па сега потрошувачката на енергија е 12% пониска. Новиот 5G Modem-RF систем ветува подобрени 5G брзини и компатибилност, додека FastConnect системот овозможува поддршка за Wi-Fi 6E. Покрај тоа, чипсетот нуди и lossless-аудио и троен ISP, што ќе им овозможи на уредите да фотографираат и снимаат видео истовремено.
Новите чипови наскоро ќе бидат достапни на уредите на производители како Oppo и Honor.
ARM наскоро ќе претстави сопствен процесор
Ако сѐ се одвива според плановите, популарниот дизајнер на процесори ARM ќе го претстави својот прв процесор ова лето. Meta ќе биде првиот клиент на компанијата. Новиот чип е дизајниран за сервери во дата центри. Производството ќе биде во погоните на TSMC, со можност за прилагодување според потребите на клиентите.

Интересно е што оваа најава доаѓа еден месец по објавата на Stargate проектот на SoftBank. Arm е во сопственост на Softbank. Компанијата заедно со Open AI, Microsoft и NVIDIA е дел од технолошките партнери кои ќе работат на изградба на AI инфраструктура вредна до 500. Новиот процесор може да има улога и во мистериозниот AI уред на Џони Ајв, кој го развива заедно со Сем Алтман од OpenAI, пишува Engadget.
Чиповите дизајнирани од Arm веќе се користат во паметните телефони, таблет компјутери и уреди како Apple Mac и Windows лаптопи. Благодарение на поголемата ефикасност во споредба со Intel и AMD, чиповите на ARМ се интересни за користење во податочни центри кои опслужуваат апликации за вештачка интелигенција.
Сепак, со овој чекор, ARM директно ќе конкурира на своите сегашни клиенти. Вклучувајќи ја тука и NVIDIA, која веќе произведува ARM-базирани серверски процесори. Досега, ARM само лиценцираше свои дизајни и патенти на гиганти како Apple и Qualcomm. Потоа тие ги прилагодуваа за сопствени потреби и ги произведуваа во фабрики како TSMC и Samsung.
Нов iPhone SE и AirTag 2
Apple на 19 февруари ќе претстави нов производ. Најавата дојде од X-профилот на извршниот директор Тим Кук. „Подгответе се да го запознаете најновиот член на семејството.“ напиша Кук. На ова го додаде хаштагот #AppleLaunch и анимирана слика од логото на Apple. Поради позадината на која е поставено логото првите шпекулации се фокусирани на нов AirTag.
Get ready to meet the newest member of the family.
— Tim Cook (@tim_cook) February 13, 2025
Wednesday, February 19. #AppleLaunch pic.twitter.com/0ML0NfMedu
Гласините за втората генерација на популарниот тракер не се нови. Неофицијално, се очекува новиот AirTag да има поголем досег, подобрен звучник кој е потешко да се отстрани и интеграција и со Apple Vision Pro.
Дополнително, Apple ентузијастите долго чекаат и на нов iPhone SE. Досега нема најава дека компанијата престанала да го произведува овој модел. Порад и ова очекувањата се дека претставувањето е прашање на време. Претпоставките се дека најверојатно ќе се случи токму следната недела за време на настанот. Дел од уредите кои наскоро ќе ги видиме од Apple може да бидат поврзани со Apple Vision Pro. За MacBook Air со новиот M4 чип, најавата може да пристигне „во наредните недели“.
Apple моментално развива куп уреди од проширена реалност до подобрени тракери и нови телефони. Неизвесноста за тоа што ќе биде откриено оваа недела e поголема. Секако ќе биде интересно.







