3P Development е македонска ИТ компанија основана во 2012 година од тим на хонорарци и ентузијасти за технологија. Денес е компанија со тим од над 30 луѓе во кои има програмери, дизајнери, маркетери и проект-менаџери. Седиштето на компанијата е во Скопје, а претставници за продажба и соработка компанијата има и во Њу Џерси и Амстердам. Примарниот фокус на 3P Development е развој на мобилни и веб решенија за претприемачи, стартапи и инвеститори, а преку нивната работа во доменот на мобилни апликации во 2017 започнува соработка со хрватската компанија Infinum.
Infinum е една од поуспешните ИТ компании во Хрватска, основана пред 16 години и компанија која работи за клиенти како Porsche, Philips, Coca Cola, Nike, а воедно има освоено и две Red Dot награди за дизајн.
Додека во Хрватска исто владее тренд на еден вид консолидација на пазарот и купување на ИТ компании од страна на поголеми компании, Infinum чекори по друг пат – наместо да бидат купени, носат одлука да се прошират и да направат аквизиција на помали компании во региони во кои има потенцијал да го докомплетираат својот тим од 300 луѓе, на кој му недостасуваат околу 100-тина нови кадри за да може да ги задоволи барањата на клиентите. Покрај отворањето на канцеларии во Лондон и Подгорица оваа година, Infinum од пред месец дена има присуство и во Скопје, преку целосна аквизиција на 3P Development.
„Во последно време се продадени доста хрватски технолошки компании. Ние следиме поинаков пат – сакаме да го прошириме глобалното присуство на Infinum. Досега го правевме тоа органски, а оваа аквизиција означува ново поглавје во нашата историја.” – изјави Никола Капраљевиќ, COO на Infinum.
Како течеше овој процес на линија Загреб-Скопје и како дојде до оваа соработка, зборувавме со Ѓорѓи Ќосев, основачот на 3P Development кој ни откри дека 3P Development, т.е. сега веќе Infinum Македонија, планира релокација во нови канцеларии и зголемување на тимот до 100 лица до 2024 година.
Честитки на аквизицијата! Пред да навлеземе во детали на таа тема, може ли кратко интро – кој е Ѓорѓи, кои се 3P Development?
Ви благодарам! Ова е навистина голем успех, за мене лично, за компанијата и за целиот тим кој придонесе да дојдеме овде. Пред да ја основам 3P работев за неколку меѓународни ИТ компании во Чешка и САД. По речиси 10 години поминати во странство, решив да се вратам во Македонија и да основам компанија. 3P е создадена со мисија да им помогне на малите и средни компании да го развијат својот бизнис и да ги подобрат своите внатрешни процеси преку имплементирање на најновите технологии. Денес, по речиси 10 години, со задоволство можам да кажам дека тоа успеавме да го постигнеме во многу случаи.
На какви проекти работи 3P? Со каков tech stack работите во моментов?
Во текот на годините имаме реализирано многу проекти во различни индустрии и земји. Некои од нив се мали проекти како мобилни игри или алатки кои им се потребни на компаниите за дигитализирање на конкретни процеси во нивната организација, а во исто време работевме и на многу сложени системи за телекомуникациски, осигурителни и фармацевтски компании. Имаме искуство со работа за клиенти како Virgin Mobile, Novartis, Hilton и други. Нашиот тим располага со експертиза да преточи идеја во комплетен дигитален производ, поминувајќи низ сите фази потребни за негово успешно создавање. Главните технологии со кои работиме се Swift и Kotlin / Java за развој на мобилни апликации, PHP, .NET, Java, React и Vue за развој на веб.
Како дојде до соработката со хрватскиот Infinum?
Врската со Infinum датира од 2017 година кога за прв пат почнавме да работиме заедно преку Infinum Alliance, партнерската мрежа на компанијата. Реализиравме многу заеднички проекти, како што се апликации за неколку од најголемите телекомуникациски оператори и снабдувачи со енергија во Европа, за компании за автомобилско осигурување, професионални системи за помош при возење тешки товарни возила, апликации за лојалност на клиентите и многу други.
Кој и како го иницираше муабетот за преземање на 3P?
Разговорите за аквизицијата се случија многу неочекувано. Во април годинава, еден од нашите постојни клиенти побара да го поддржиме нивниот раст со зголемување на тимот од два на дванаесет програмери за развој на мобилни апликации, за многу краток временски период. Бидејќи нашиот капацитет во тој момент беше целосно искористен и беше многу тешко да се вработат нови луѓе во предвидените рокови, побарав поддршка од Infinum, знаејќи дека тие имаат голем тим на програмери. Тогаш дознав дека и тие имаат недостаток на вработени и дека имаат потреба од повеќе од 100 луѓе за нивните проекти. Добив прашање дали 3P може да помогне. Првично, разгледувавме повеќе опции за проширување на соработката, но низ разговорите, заклучивме дека преку аквизиција можеме да постигнеме многу повеќе и да ги оствариме нашите цели за раст и развој.
Како започна процесот и колку време траеше? За каков тип на аквизиција станува збор – целосно откупување, партнерство, иницијална инвестиција или понатамошен удел по модел на учинок?
Кога се договоривме да се реализира аквизицијата, процесот беше комплетиран релативно брзо, за околу 2-3 месеци. За таа цел, Infinum ангажираше компанија за корпоративни финансии и адвокатска фирма кои направија детална анализа на 3P. Резултатот на овој процес ќе биде целосно преземање на 3P со што Infinum ќе стане 100% сопственик на компанијата.
Што научи во процесот на аквизиција и што би променил ако се вратиш назад во времето?
Досега, развојот на Infinum и проширувањето на глобалното присуство се засноваше на независно отворање канцеларии и органски раст. Оттаму, оваа аквизиција претставува ново поглавје за компанијата. Oва беше прво вакво искуство и за двете компании, така што учевме додека поминувавме низ процесот. Од перспектива на продавач, на секој што планира да продаде бизнис би му предложил да има адвокат и финансиски експерт за поддршка и советување во процесот, бидејќи од вас ќе биде побарано да доставите многу извештаи и податоци. Ако имам шанса да го направам ова повторно од нула, веројатно ќе се обидам да се подготвам подобро и да вклучам повеќе луѓе од компанијата во процесот.
Како ја воспоставивте вредноста компанијата, како одлучивте колку вреди 3P?
Иако постојат неколку општи метрики за проценка на вредноста на компанијата, сепак е различна за секоја компанија. Накратко, профитабилноста на една компанија, бројот на клиенти и нивниот придонес во приходите/профитабилноста, вработените и нивниот сет на вештини, како и проценките за перформансите на компанијата во следните неколку години се само дел од метриката што ja земавме предвид при вреднување на компанијата.
При аквизиција на ИТ компанија, ако не е откуп на технологија, примарен ресурс се луѓето, а секундарен брендот и контактите… Што презеде Infinium во овој случај, технологија или луѓе? И како обезбедувате сигурност во тоа дека луѓето ќе останат?
Имајќи предвид дека со Infinum соработуваме веќе неколку години, тие го препознаа квалитетот на нашиот тим и потенцијалот на ИТ заедницата во Македонија, така што луѓето беа примарен фокус на аквизицијата. За да се осигуриме дека нашиот тим ќе ја прифати промената и ќе биде задоволен, изработивме план за непречена транзиција. Тоа значи дека тимот ќе биде интегриран во поголем колектив и ќе може да ги користи придобивките од споделување знаење и искуство со другите колеги и ќе има можност да работи на многу интересни проекти за некои од најголемите брендови. Дополнително, Infinum пет пати ја освојуваше титулата „Работодавач на годината во Хрватска“, па сите поволности што компанијата ги овозможува на своите луѓе на глобално ниво, ќе бидат достапни и за на нашиот тим во Македонија.
Неодамна ARICOMA го презеде Seavus, Payten го купи Grouper.mk, а сега и Infinum го купува 3P…. како гледаш на ова движење на пазарот? Зошто компаниите одлучуваат дека е подобро да направат преземање на постоечка компанија наместо со тие средства да отпочнат нова канцеларија?
Многу често компаниите одлучуваат да аквизираат локални играчи бидејќи тие го познаваат пазарот и можат да и помогнат на организацијата брзо да се развие, во споредба со отворање на нова канцеларија и работа од нула. Го гледам ова како тренд и очекувам дека во блиска иднина ќе бидеме сведоци и на други аквизиции.
Кои се твоите очекувања од иднината со Infinium?
Имаме многу големи планови за следните неколку години. До февруари очекуваме да се преселиме во нашата нова канцеларија во Бизнис Центарот Настел. Следната година започнуваме и две иницијативи кои ќе бидат од корист за ИТ заедницата во Македонија. Infinum Talks ќе започне во првиот квартал на 2022 година, а следното лето ќе ја лансираме бесплатната Infinum Academy во Скопје каде младите инженери ќе можат да учат преку многу практични примери и реални ситуации. Очекуваме дека до крајот на 2022 година нашиот тим ќе порасне на 50 луѓе, а до 2024 година оваа бројка ќе достигне 100.