Крајот на годината е речиси тука, и веќе одамна започнаа најавите на хардверот кој ќе може да го видиме следната година. Почетокот на годината е резервиран за CES и за куп електроника која за првпат ќе биде презентирана на саемот во Лас Вегас, но Intel веќе го најави својот прв процесор за 2022 година Intel Core i5-12400.
Процесорот треба да биде економична гејминг опција која ќе доаѓа со солидни перформанси. Igor’s LAB веќе направи симулација на перформансите. Со оглед на тоа дека процесорот уште не е достапен, тестовите се направени на i5-12600K со сите ограничување кои може да се направат за процесорот да биде соодветна копија.
Според најавата и претходникот на оваа серија процесори од 11-тата генерација, i5-12400 треба да нуди одлични перформанси за гејминг и помала потрошувачка на енергија. Процесорите од Adler Lake доаѓаат со 2 различни типови на јадра: Golden Cove јадра кои компанијата ги нарекува и P-јадра и Gracemont јадра кои се помалку моќни, но и трошат помалку електрична енергија (Е-јадра). Ова не е случај со i5 12400, кој нема Gracemont јадра. Процесорот има работна фреквенција од 2,5 GHz, и турбо на 4,4 GHz. Максималната моќност на процесорот е 117W.
Тестовите на симулираниот процесор (секако доколку се точни) покажуваат дека перформансите се споредливи со AMD Ryzen 5 5600X. Ова всушност е добар показател за потенцијалните купувачи на процесорот. Сите со Ryzen 5 процесор понов од Zen2+ генерација нема причина да инвестираат во овој процесор, сличен е и за заклучокот за сите кои поседуваат Intel процесор од 11-тата генерација.
Иако i5-12400 треба да биде подостапен процесор засега ова не е случај. Главна причина е цената на матичните плочи која за процесорите од 12-генерација и натаму останува висока. Ова може да се промени веќе во јануари, но досега плочите со LGA 1700 сокет се една од препреките.
Наскоро нова генерација од AMD
Со Alder Lake серијата процесори Intel успеа да ја прекине доминацијата на квалитет кај гејминг процесорите на AMD. Core i9-12900K и Core i5-12600K доаѓаат со импресивни перформанси и (барем во вториот случај) не се прескапи; Цената на Core i9-12900K, е 590 американски долари, а цената на Core i5-12600K, 290 американски долари. Првите прегледи покажуваат дека перформансите се доволни да го вратат Intel на врвот кај гејминг процесорите.
Колку долго ќе трае овој престој во моментов зависи од AMD. Компанијата веќе најави дека следната генерација на процесори може да биде претставена на CES. Дел од саемот е виртуелна прес-конференција на AMD закажана за 4-ти јануари. Засега нема официјална информација што точно ќе може да видиме на конференцијата, но според најавата директорката Лиса Су ќе претстави нов хардвер. Шпекулациите се дека ќе има преставување на Ryzen 6000H и Ryzen 6000U процесорите, кои доаѓаат со интегрирана RDNA2 графичка картичка и 8 и 16 јадра.
За сите кои се љубители на хардвер оваа година CES ветува дека ќе биде навистина многу интересен. Во период од неколку часа на 4-ти јануари ќе може да го погледнеме најновиот хардвер од AMD, Nvidia и Intel.