Фирмата за ризичен капитал Index Ventures со седиште во Женева, Лондон и Сан Франциско, собра 500 милиони евра, најмногу до сега во Европа, за инвестиција во стартапи. Од „златниот ќуп“ две третини ќе бидат распределени на европските стартапи во рок од пет години, а една третина на американските стартапи.
Ова е втор фонд за развој од Index Ventures, првиот беше во 2008-ма кога беа соберени околу 400 милиони долари. Голем дел од компаниите во кои Index Ventures инвестираше тогаш забележуваат раст и зголемени приходи. Во нивното портфолио се европските Skype, Ozon.ru, Playfish, Betfair, Lovefilm, Аsos, Мind Candy, Flipboard, американскиот Dropbox и многу други потенцијални и докажани стартапи, од кои многу сега вредат стотици милиони, некои и милијарди долари.
„Претходно имаше многу негативни коментари околу европски компании. Но, кога сме кај Европа речиси во секој град најдовме по еден бисер.“, вели Сол Клеј, партнер во Index.
Проблемот со европските стартапи е што европскиот пазар е премногу разновиден за да биде освоен оддеднаш од малите стартапи кои немаат доволно инвестиции и ресурси за да се рашират. Но, од друга страна е и многу поефтино да се инвестира во европски стартап, отколку во американски.
Со новиот фонд Index Ventures ќе инвестира по 10 до 50 милиони евра во компании oд девет европски земји кои се врзани со технологијата, и кои се стартапи, односно компании кои сè уште не се спремни за да излезат на пазарот, но имаат потенцијал да станат големи и профитабилни. Сепак Index ќе инвестира само во тие компании кои забележуваат брз раст и кои ќе можат да ја повратат инвестицијата во рок од три или пет години, односно , како што вели г. Клеј, ќе можат да достигнат вредност од 1 милијарда долари во тој рок.
Интересот на Index Ventures е добра вест за европската ИТ сцена бидејќи се предизвикуваат програмерите да креираат солидни сервиси, но и се охрабруваат и другите инвеститори да ги побараат европските стартапи во надеж дека можеби ќе го најдат следниот Skype.







