Стартап на месецот: EmbedSocial како мешавина од бизнисот и љубовта

Текстот е дел од иницијативата “.mk стартап на месецот” нa IT.mk и Startup Macedonia, во која    секој месец профилираме по еден .мк стартап на пат кон успехот.

Што е EmbedSocial?

EmbedSocial e платформа koja овозможува интеграција на социјални мрежи и креирање на виџети, зголемувајќи ја довербата на корисниците на веб-страниците.

За брачниот пар позади платформата EmbedSocial, Никола и Катерина Бојков, љубовта и бизнисот секогаш биле меѓусебно поврзани, односно тие воопшто не знаат како едното функционира без другото. Па така, EmbedSocial истовремено е и нивен стартап и дигитален love child, кој расте и се развива уште од 2016-та година.

Денес, EmbedSocial е тим од 40тина вработени, има повеќе од 300 илјади корисници ширум светот, вклучувајќи големи клиенти како поранешниот Формула 1 шампион Луис Хамилтон, и компании како што се Моторола, Самсонајт, Сони и Јамаха. Компанијата има канцеларии во Скопје, Софија, Токио и Лисабон, како и амбиција за уште поголемо глобално присуство.

Тимот на EmbedSocial

Првичната идеја, пак, се развива во Скопје, многу години пред официјалното појавување на EmbedSocial на сцената. 

“Приказната започнува многу одамна, кога се уште бевме дигитална маркетинг агенција. Тоа беше уште во времето на големата финансиска криза во 2008-та, кога брендовите бараа нови маркетинг канали кои ќе бидат поевтини и поефикасни. Се појавија Твитер и Фејсбук, и тогаш се охрабривме да излеземе од комфор зоната и да направиме една компанија,“ објаснува Никола. 

Како што понатаму раскажува, тоа исто така бил и периодот кога тие успеале да добијат клиенти и да станат и Фејсбук маркетинг партнери. Но, кон 2012-та година кај нив се јавува и едно внатрешно чувство на незадоволство, односно желба за нов предизвик. 

Супер одеше со агенцискиот дел но имаше нешто друго, не бевме среќни. Моравме да направиме нешто наше, да не зависиме само од проекти и да се обидеме да направиме производ. Се обидовме да направме неколку производи, имавме доста неуспешни обиди, меѓу кои и еден менаџер за закажување објави на Фејсбук, како и други работи,“ вели Никола. 

Пресвртот се случил кога работеле за еден клиент кој организирал настани и чии слики од тие настани требало да се постават и на Фејсбук страната и на нивната веб страница. Па така, решението кое им требало е нешто што истовремено може да ги постави сликите автоматски на неколку страни.

Веќе имавме искуство со Фејсбук и нивното АПИ, и направивме еден плагин кој го крстивме EmbedSocial кој помагаше во тоа како корисниците ќе стават нови слики во Фејсбук албумот, истите тие да се појават и на нивните веб страници,“ раскажува Никола. 

Плагинот како таков го оставаат и после некој период го забораваат. По извесен период, им се случува пад на серверите, а не знаат која е причината за ова. 

Ни паднаа серверите и се чудевме зошто. Sвонеа клиенти за апликациите, игрите и веб страниците да прашаат што се случува. Причината беше тоа што еден онлајн портал од Малезија го имаа ставено нашиот виџет на нивната страница, и тоа го бутна серверот. Во тој моментот сфативме дека тука има нешто повеќе,“ вели Никола. 

Никола Бојков

Според Катерина, пак, самото нивно функционирање до тој момент водело и кон создавањето на производот.

Некако цело време системски ги оптимизиравме работите, и цело време правевме производ, но не бевме свесни за тоа. Па така во тој момент имавме производ, така и размислуваме, често пати се случуваше да дадеме многу добри идеи за наменски кампањи за нашите клиенти – со интеграции, бази, пософистицирани решенија, и го имавме тој мајндсет, за оптимизирање и за заштедување на време,“ објаснува Катерина. 

EmbedSocial го правел токму тоа и на клиентите им помогнал да заштедат скапоцено време. После тоа почнале да добиваат и различни барања во поглед на тоа како треба да изгледа производот. Во тој период, пак, кон тимот како CTO се приклучува и третиот ко-основач, Дејан Димитровски.

Дејан е брат на една наша другарка. Кога се решивме да дадеме отказ од работите коишто ги имавме и да направиме компанија, ни беше јасно дека ние не сме девелопери. Ни требаше лице со технички познавања и со кого ќе работиме, а претходно имавме некое заедничко искуство од правење веб страници, па така природно дојде да работиме заедно и да пробаме да направиме нешто сериозно,“ се присетува Никола. 

Во приказната исто така влегува и ФИТР, односно преку отворање на еден повик за финансисирање на стартапи на кој EmbedSocial аплицира. 

“Размислувањето тука беше дека ова е одлична можност за да си ја сработиме домашната задача, да го направиме производот, и дури ако не го добиеме грантот ние веќе ќе имаме бизнис план и ќе знаеме колку пари се потребни за инвестиција. Така што и да не добиеме грант сами ќе може да почнеме и да го финансираме производот преку агенциското работење,“ раскажува Никола. 

Го добиваат грантот и во тој момент се случува транзицијата од давање услуги кон создавање на производи. 

Ангажиравме проект менаџери, а ние тројцата решивме да се фокусираме на градењето на EmbedSocial како платформа. Така, за година дена ја изградивме платформата. Грантот го добивме во 2015-та година, а агенцијата ја затворивме во 2017-та година,“ вели Никола. 

Никола и Катерина

Студио Модерна бил првиот локален клиент на EmbedSocial, а првите меѓународни клиенти доаѓаат токму во 2017-та година. 

“Веќе имавме доста корисници кои бесплатно го користеа виџетот, и сега само им испративме меилови дека имаме и платена верзија од 5 долари. Тука добивме неколку клиенти и веќе почнаме секој ден да добиваме по неколку платени корисници,“ додава Никола. 

За решавање на сите оние проблеми кои доаѓаат при наплатата, односно користењето на сервиси како PayPal или пак Stripe, го решаваат преку отворање на компанија во соседна Бугарија, која како членка на ЕУ го овозможува користењето на таквите сервиси. 

Од тука, пак, потоа тргнува и глобалното ширење на пазари како што се и Јапонија. Според Катерина и Никола, моментот со Токио се должи чисто на среќа и вистински околности. 

Еден од нашите први вработени се имаше вратено од Јапонија од магистратура. Правејќи муабет со неговите другари таму, тој им објаснил за производот и тие му одговориле дека сакаат да го видат нашиот производ таму. Ние бевме скептични, но тој беше упорен и решивме да пробаме и така почнавме да соработуваме со тамошни партнери, а минатата година таму регистриравме и компанија,“ раскажува Никола. 

За совладувањето со предизвиците кои доаѓаат при работењето со таков еден огромен и за овие простори непознат простор, им помогнала и нивната прва јапонска работничка, Јуко. 

Јасно ни беше дека тука мора да имаме некој што знае јапонски, за да биде дел од тимот, и да може да соработува со нашите менаџери и девелопери, како и да ги сподели своите сознанија од тој пазар,“ вели Катерина. 

Следната дестинација, пак, е Лисабон. Зошто токму оваа дестинација – според Никола изборот паднал на Португалија поради тоа што португалскиот јазик е еден од топ 10 најзборувани јазици во светот. 

Катерина и Никола

Идејата беше да имаме и тука канцеларија, и да вработиме луѓе за маркетинг и корисничка поддршка кои ќе ни помогнат со преведување на платформата на португалски, шпански – па и француски и италијански бидејќи сите тие припаѓаат на една сродна група на јазици,“ објаснуваат двајцата. 

Минатата година EmbedSocial исто така воведе и четири нови алатки базирани на четботот ChatGPT: AI Reviews Summarizer, AI Replies Generator, AI Reviews Assistant и AI CSS Generator. 

Главна цел на овие алатките е да им помогнат на бизнисите во менаџирањето на содржините кои ги добиваат на социјалните мрежи и да го намали времето потребно за управување со нив. Исто така, развојот на овие алатки е и дејноста на тимот којшто се наоѓа токму во Македонија. 

“Веќе е многу лесно со ChatGPT да се преведе пораката од клиентот од англиски на јазикот на корисникот и сфативме дека тој тим што да го имаме да остане централизиран и тука во Македонија и со сите тие алатки можат да ги менаџираат сите корисници. Така што овој сегмент од тимот останува во Скопје, а другите канцеларии да ни служат за развој на продажба, партнерства и нови канали за добивање на корисници,“ вели Никола. 

Како е пак да се работи со блиски? Според двајцата, сето ова на самите нив им доаѓа толку природно, што би било чудно доколку треба да работат со луѓе кои не им се блиски.

Катерина Бојков

“Уживаме во тоа што го правиме, и не знаеме за поинаков начин на работење. Многу сме различни сите тројца (ко-основачи), често има доста дебати, некои од нив се и вжештени, но на крајот од денот сите ние го правиме нештото со многу мало его за да дојдеме до најдобриот резултат. Едноставно не знаеме за поинаков начин, отсекогаш сме работеле заедно, сме разговарале и приватно и професионално за технологија, нови работи, алатки, производи и тој цел свет ни стана интересен, имаме заедничка цел и тоа не води напред,“ објаснува Катерина. 

Како bootstrapped компанија, EmbedSocial учествува во менторски програми, но не бара инвестиции. Она што за нив е многу покорисно е да се добијат вистинските совети од вистинските лица. 

Тоа го добиваат од француската организација TheFamily, која има за цел преку директни менторски програми да им го зголеми растот и развојот на европските стартапи.

“Ни фалеше искуство за производи, од некој што има пројдено низ сето ова, преку еден ваков концепт и ваков модел. Во Берлин имаа канцеларија, таму аплициравме и ни кажаа дека сме примени. Ни беа прифатливи нивните услови, не добивме средства но добивме многу – првиот совет беше да ја дуплираме цената, и имаше некои такви трикови и интересно совети за тоа како да го зголемиме профитот,“ раскажува Катерина. 

Сето тоа практично искуство Никола и Катерина го користат за растење на компанијата и сегашното позиционирање на пазарот. За да дојдат до профитабилност, односно позитивна нула, им бил потребен период од пола година по лансирањето на производот. 

Брачниот пар позади EmbedSocial

Бевме во кафана за една Нова година и бевме пресреќни поради тоа што сме на позитивна нула. Со минимални плати но бевме на позитивна нула. После тоа, се останато беше бонус,“ вели Никола. 

Нивниот совет за тоа како треба да се успее од Македонија? Според Катерина, уште од првиот ден да се делува глобално. 

Уште од првиот ден бевме насочени кон тоа да одиме глобално. Ако си од мала земја како Македонија сепак треба да разбереш дека си глобален уште од почетокот. Ќе имате домашни корисници кои ќе ви помогнат во делот да го разберете пазарот, различните метрики, за што би платиле како корисницитоа се првите чекори и помагаат да дојдете до самиот производ на кој потоа ќе работите. Некако цела таа приказна и целиот тој пакет помогна да го направиме првиот чекор и ни ја валидираше идејата за да станеме глобален SaaS,” порачува Катерина. 

Стани премиум член и доби пристап до сите содржини, специјален попуст на над 2.200 производи во ИТ маркет, верификуван профил и можност за огласување на ИТ Огласник. Плус ќе го поддржиш медиумот кој го градиме цели 16 години!

basic

членство

42 ден./мес

зачлени се

1337

членство

125 ден./мес

зачлени се
* плаќањето е на годишно ниво

Доколку веќе имаш премиум членство, најави се тука.

Subscribe
Notify of
guest
0 Коментари
Newest
Oldest Most Voted
Inline Feedbacks
View all comments