Во помалку неверојатен развој на настаните, безбедносниот стартап Wiz се премисли и се откажа од зделката со Google. Неофицијално, компаниите беа во преговори вредни 23 милијарди долари, но Wiz се одлучи дека ќе оди на берза. Пораката за откажување на договорот била испратена до сите 1200 вработени во Wiz. Ниту Google, ниту Wiz, официјално не ги потврдиле преговорите.
„Одбивањето на вакви огромни понуди е тешко, но со нашиот исклучителен тим, убеден сум дека изборот е добар.“, вели директорот на компанијата Асаф Рапапорт во пораката до вработените.
Доколку се реализираше купувањето на стартапот, Wiz ќе беше најскапа компанија која Google ја купил. Откажувањето на овие зделки е реткост. Кога тоа ќе се случи најчесто е во подоцнежна фаза, и е блокирање поради тоа што со купувањето компанијата ќе добие значителен дел од пазарот.
Иако во случајот на Wiz зделката не беше блокирана од регулаторот поради монополизација на пазарот, сепак ова имало удел. Потенцијалот за креирање на монопол и загриженоста на инвеститорите се дел од причините за откажување од продажбата, вели CNBC.
Сега, наместо интеграција во Google, Wiz се фокусира на своето излегување на берзата. Во следните чекори, покрај излегувањето на берза, зацртана е и цел за прва заработена 1 милијарда годишно.
Најголемата зделка на Google досега е купувањето на Motorola. Компанијата во 2012 година плати 12,5 милијарди долари за производителот. Само две години подоцна ја продадоа Motorola на Lenovo.
Вредноста на Wiz е проценета на 12 милијарди долари, па понудата на Google е речиси двојно повисока. Стартапот има причина да се надева на уште подобри денови. Wiz е основан во 2020 година. Во првите 18 месеци заработија 100 милиони долари. Минатата година дојдоа до бројката 350 милиони.
Облакот и натаму е фокус на Google
Wiz е компанија за сајбер безбедност специјализирана за безбедност на облак. Нудат платформа дизајнирана да ги заштити бизнисите од сајбер закани кои се насочени кон апликации и податоци базирани на облак. Во суштина, Wiz им помага на организациите да идентификуваат ранливости, да детектираат закани и да одговорат на безбедносни инциденти во нивната облак средина. Технологијата на Wiz обезбедува сеопфатен преглед на безбедноста во облакот, овозможувајќи им на бизнисите да ги ублажат ризиците и да обезбедат усогласеност со индустриските регулативи.
Оттука јасно е кој беше планот на Google за Wiz. Понудата за Wiz е поттикната од огромната конкуренција на пазарот за услуги во облакот. Компанијата ќе го интегрираше Wiz во својата понуда за безбедност во облак и со тоа ќе ја зајакнеше безбедноста на Google Cloud. Капацитетот на Wiz за идентификување и ублажување на пропустите, заедно со огромните ресурси на Google, можеше да создаде подобро безбедносно решение. Ова, ќе му помогнеше на Google Cloud во борбата со најголемите конкуренти, Amazon Web Services (AWS) и Microsoft Azure. Google и Wiz ќе можеа да ги привлечат корисниците со подобра безбедносна понуда.
Удар и за инвеститорите
Стартапите како Wiz чија вредност достигнува неколку милијарди долари се клучни за инвестициите во стартап екосистемот. Потенцијалниот дел од 23 милијарди кои ги понуди Google ќе беше значителен поврат на инвестицијата, уште повеќе ако се има предвид дека Wiz постои само неколку години. Сепак инвеститорите немаат причина за паника. Растот на Wiz е импресивен, па процената од 12 милијарди долари, би можела да порасне и да ги надмине 23-те милијарди кои ги понуди Google.