(Овој текст е дел од серијалот на IT.mk кој има за цел да ги промовира локалните компании кои се присутни на сервисот ИТ Индекс)
ПРОФИЛ
1. Датум кога официјално започнавте со работа?
InPlayer Limited е основана во јули 2010 година во Лондон. Канцелариите во Скопје се отворени
нешто подоцна, во ноември 2011 година со тим од 5 луѓе, иако само неколку месеци подоцна веќе одредена група на програмери работеа на InPlayer продуктот.
2. Од кого е основана компанијата?
InPlayer Limited во Лондон е основана од 5 поединечни инвеститори. Тројца од тие инвеститори сè уште се дел од приказната на компанијата, додека македонската компанија е директно основана од InPlayer UK.
3. Првиот производ или услуга која ја понудивте и успешно продадовте?
Првиот продукт кој го работевме и сè уште го работиме, но, моментално во многу понапреден формат, е Paywall платформа. Самиот продукт е софтверско решение што им помага на нашите клиенти да ги монетизираат/продаваат своите дигитални, премиум содржини. Нудиме целосно решение за регистрација и автентикација на крајни корисници како и наплата за пристап. Со нашиот продукт на клиентите им овозможуваме да се фокусираат на она во што се најдобри – продуцирање на содржини кои ги нудат онлајн, а за останатото се грижиме ние. Дополнително, нашиот систем нуди алатки со кои клиентите може да ги менаџираат своите содржини, нивните цени, како и да добијат генерален преглед и аналитика за нивната публика, претплати и заработувачка.
4. Колку луѓе броеше вашиот првичен тим?
Првиот тим во Скопје броеше 7 луѓе од кои најголем дел беа програмери заедно со оддел за корисничка и поддршка на продукт.
5. Колку вработени сте сега?
Заедно со тимовите во Лондон, Стокхолм и САД вкупно броиме 55 вработени од кои најголемиот дел се базирани во Скопје.
6. Кои се услугите и производите во кои специјализирате?
Нашата главна специјалност е монетизацијата на премиум содржини и целиот главен развој на платформата ни се движи во овозможување на што поголем број на функционалности кои нудат разни опции на крајните корисници. Сепак најголем акцент ставаме на сопствениците на содржина, сè со цел да можат на почесен начин да дојдат до што поголема заработка од тоа што го креираат. Дополнително, самата платформа е богата со цела листа на функционалности за автентикација и управување со пристап на корисниците, што може, но не мора да е поврзано со плаќање.
7. Што е тоа што мислите дека ве разликува од вашата конкуренција?
Главната конкуренција на продуктот ни се неколку американски и западноевропски компании. Но, она што сметаме дека е нашата главна предност е технички најновата платформа која ја имаме изградено пред една година, направена со сите најнови технологии кои ги користат најпознатите компании за информатичка технологија во светот. Исто така, новата платформа (ја нарекуваме v2) е со највисоко ниво на сигурност во однос на корисничките податоци како и самата заштита на содржината. Она што дополнително не издвојува во однос на конкурентите, и го користиме како џокер во голем дел од преговорите, е одличниот 365/24/7 тим за поддршка, кој е спремен да одговори на сите прашања кои доаѓаат од клиентите и крајните корисници. Што се однесува до конкурентноста на македонскиот пазар, сметаме дека она што нè издвојува во нашиот амбиент се човечките ресурси и грижата за нашите вработени. Им нудиме огромни можности за професионален развој на вработените со крајна цел да бидат исполнети и среќни со својата работа и позиција во InPlayer. Исто така, им нудиме приватно здравствено осигурување, организираме спортски активности како кајакарење, кошарка, куглање како и приватни забави на кои секогаш си поминуваме најубаво.
8. Кои се клиентите со кои соработувате?
Заради природата на продуктот најголем дел од нашите клиенти се сопственици на права за спортски и филмски содржини, па така, некои кои можеме да ги издвоиме и со кои сме горди што соработуваме се најголемата светска компанија за спортски права IMG (со нив имаме реализирао проекти со тимови како Барселона и Манчестер Јунајтед), Laola од Австрија, Filmbox кои се конкуренти на HBO и многу други. Дополнително, имаме стратешко партнерство со комапнијата Massive Interactive со кои блиску соработуваме и имаме дедицирани тимови кои работат директно на развој на апликации за светски и медиумски гиганти како што се BBC, Sony и Deutche Telekom.
9. Што е тоа што би промениле на сегашната македонска ИКТ сцена ако имате
неограничени ресурси?
Првенствено сметаме дека треба да има поголема соработка помеѓу ИТ компаниите во Македонија. Иако сме конкуренција сепак заедно го креираме ИТ пазарот во Македонија. Сите сме свесни дека во изминативе 5 години стотици светски компании отворија свои канцеларии во Скопје, што отвора простор заеднички да се грижиме да го задржиме високото ниво на ИТ професијата на што е можно подолг рок. Охрабруваме и поддржувaме повеќе можности за поврзување на ИТ професионалците кај нас, што дополнително нè мотивираше да го создадеме и успешно одружуваме и тоа веќе втора година по ред – InTech MeetUp настанот. Ова случување има за цел е да ги вмрежи програмерите и да нè запознае со новостите во светот на технологијата, преку гостувања на говорници од странство кои може да ги најдеме на А-листата на говорници како и предавања на експерти од ИТ секторот во Македонија.
10. Што ќе работи InPlayer во 2022 година?
Нашaта стратегија е за наредните три години, така што она што планираме да го реализираме во 2022 ќе го оставиме како мала тајна. Во суштина целото искуство и база на податоци кои ги имаме собрано, заедно со најактуелната моментална технологија за машинско учење, сакаме да го преточиме во автоматизиран систем, кој ќе им предлага готови сценарија со спремни предлог цени и маркетинг решенија на нашите клиенти со само неколку подесувања.
11. Споделете еден “fun fact” за Вашата компанија
Ги прославуваме родендените на нашите вработени со забава која се случува секогаш точно во 4:20 часот. Важен ни е ведриот дух и психофизичкото здравје на нашите вработени, па често организираме релаксирачка масажа во текот на работните часови.
Официјален сајт:
https://inplayer.com/
InPlayer на друштвени канали:
Facebook / Twitter / LinkedIn / Instagram
Посетете го профилот на InPlayer на ИТ Индекс.
Знаеш компанија која треба да ја додадеме на ИТ Индекс? Кликни тука и Предложи компанија.