Најмногу вести за хардвер минатата недела дојдоа благодарение на WWDC23 на Apple. Компанијата претстави нови модели на MacBook Air 15, Mac Studio и Mac Pro. Секако можевме да ги видиме и првите очила за проширена реалност на Apple, Vision Pro.
Сепак ова не беше сѐ што видовме. Достапни се првите податоци и за Meta Quest 3, Noctua најави нов вентилатор за PC, a во вестите повторно се враќа електричното возило на VW, ID.Buzz.
MacBook Air 15’’
Најпопуларниот модел на MacBook Air сега доаѓа и во 15-инчна варијанта. Лаптопот како и останатите од оваа серија е супер тенок и лесен. Тежи малку над 1,51 килограми, и има дебелина од 11,5 милиметри. Доаѓа со MagSafe полнење, две Thunderbolt порти и приклучок за слушалки.
Екранот е 15,3-инчен Retina, во заб на горниот дел од екранот е „скриена“ камера со 1080р резолуција за видео повици, а има простор и за три микрофони со чија комбинација се обезбедува дека ништо нема да остане незабележано. Поголемиот екран значи и повеќе простор, кој Apple го искористи за повеќе звучници. Има 6 звучници вклучувајќи вуфер, кој овозможуваат подобар звук од претходните модели.
Во центарот на сите нови уреди од Apple се новите чипови. MacBook Air 15 доаѓа со М2 чип. Тоо го прави 12 пати побрз од најбрзите модели со Intel чип и 1,4 пати побрз од моделите со M1 чип. Моделот доаѓа со максимум 24GB RAM.
Благодарение на штедливоста на процесорот, батеријата овозможува 18 часа работа помеѓу полнењето.
Уредот е достапен во претпродажба, а официјално започнува да се продава од 13 јуни. Цената на основниот модел со 8GB RAM и 256 SSD е 1300 долари.
Mac Studio и Mac Pro
Нов модел има и за Mac Studio. Ќе доаѓа со М2 Max или М2 Ultra процесор и според Apple, моделот е 25% побрз од претходниот. За корисниците на After Effects, при рендерирањето е побрз 50%.Новиот M2 Ultra процесор е составен од две споени М2 Max јадра и Apple вели дека има двапати подобри перформанси. Со овој процесор максимумот на поддржана меморија е 192GB.
Новите процесори го прават новиот Mac Studio супер моќен. Во зависност од моделот доаѓаат со 12 јадрен процесор, 38-јадрен графички процесор и 96GB меморија. Моделот со Ultra процесор доаѓа со 24-јадрен процесор; 76-јадрен графички процесор и максимални 192GB меморија. Максималната големина на диск која е поддржана е 8TB.
Mac Studio доаѓа со 4 Thunderbolt 4 порти, 10GB Ethernet, HDMI, 2х USB-A и 2х USB-C порти.
Цената на Max Studio започнува од 2000 долари за основниот модел, М2 Ultra чини уште 1000 долари, 192 GB меморија дополнителни 1600 долари, и 8TB SSD уште 2200 долари.
Спецификациите се исти и за новиот Mac Pro со М2 Ultra процесор. Сепак Mac Pro има можност за PCIe проширување и повеќе порти. Очекувано уредот е значително поскап и основниот модел чини 7000 долари.
Apple Vision Pro
Часовникот повеќе не е најновиот уред на Apple. Од оваа недела сите кои ги чекаа очилата за проширена реалност од Apple конечно го дочекаа Apple Vision Pro. За уредот веќе пишувавме и веројатно е најдобриот сет кој е достапен.
Благодарение на технологијата која е имплементирана Vision Pro може да работи како VR или AR уред. За управување со него се користат погледот, гестикулации со рацете и гласовни команди. Единствениот кабел на презентацијата на Vision Pro е за батеријата. Сепак со батерија уредот може да работи единствено 2 часа, што делува премалку.
Функционирањето на уредот е овозможено од новите процесори на Apple. Apple Vision Pro доаѓа со М2 и R1 процесор. М2 беше претставен неодамна, но R1 доаѓа токму со овој уред. R1 е процесор кој се користи и е оптимизиран за обработка на сигналите од сензорите. Уредот има куп сензори: 12 камери, LIDAR, TrueDepth камера, IR сензори за лоцирање на рацете во темница и 6 микрофони. Благодарение на новиот R1 процесор на Apple сигналите од сите сензори се обработуваат супер брзо и доцнењето од сензорите до екранот е само 12ms.
Според цената Apple Vision Pro е во ист ранг со Microsoft HoloLens 2 кој е наменет за деловни корисници. Двата уреди чинат 3500 долари.
Noctua наскоро ќе претстави нов 140mm вентилатор
Австриската компанија Noctua е производител на некои од најдобрите вентилатори за PC. Компанијата последните 8 години работи на нов 140mm вентилатор за кој како што велат може да биде последниот кој ќе ви биде потребен.
Новиот вентилатор има подобри перформанси и кај статичкиот притисок и кај волуменот на воздух кој поминува.
„Во првите 5 години од 2015 до 2020, работевме и тестиравме различни дизајни, барајќи дизајн со кој ќе ги добиеме посакуваните перформанси. Во втората фаза, која траеше до 2022, ја добивме перката со која бевме задоволни. Практично речиси до 2021 година не можевме да влеземе во фаза на изработка на алатки и да се подготвуваме за производство“, вели претставник на компанијата за PC Gamer.
Уште колку треба да чекате? Новиот вентилатор би можел да биде претставен и достапен во продажба во првото тримесечје на 2024 година. Засега нема повеќе детали за цената.
Meta Quest 3
Една недела пред Apple да ги престави своите први очила за проширена реалност, Meta ги претстави Meta Quest 3. Новата надградба на очилата доаѓа оваа есен и ќе донесе подобра резолуција, перформанси и виртуелна реалност која е поблиска до реалноста. Заедно со уредот редизајнирани се и контролерите и сега доаѓаат со TruTouch haptics.
Покрај софтверот надградба има и кај хардверот. Quest 3 ќе доаѓа со нов процесор и графички процесор. Со ова доаѓаат подобри перформанси и ќе овозможи Dynamic Resolution Scaling.
Цената на основниот модел на уредот со 128GB во продажба ќе изнесува 500 долари, дополнителен простор ќе биде достапен, но за сега нема податоци колку ќе чини дополнителниот простор.
VW претстави нов поголем ID.Buzz
Електричните возила на Volkswagen полека го освојуваат светот. Едно од најинтересните електрични возила е ID.Buzz. Возилото е инспирирано од минибусот на VW кој компанијата започна да го произведува во 1949 година. Германскиот производител го претстави новиот поголем модел на ID.Buzz наменет за американскиот пазар.
Моделот доаѓа со поголема 91kWh батерија, помоќен мотор и повисока максимална брзина од 160km/h.
Внатрешноста на новиот модел не се разликува од претходниот. Има простор за 7 патници, а седиштата се спуштаат што отвора многу простор за транспорт. Командните табли очекувано се дигитален дисплеј. Информациите за брзината и слично се сместени на 5,3-инчен дисплеј, а поголем 12,9-инчен дисплеј е достапен за информации и разонода.
Возилото ќе биде достапно во продажба од 2024 година, а сѐ уште нема податоци за цената.