Летото е во полн ек и тоа може да се заклучи и од хардвер вестите. Речиси и нема најави за интересни уреди, а само од време на време, едвај ќе протечат шпекулации за некои новитети.
Xiaomi Mi 12S Ultra ќе доаѓа со огромен 1-инчен сензор за камера
По се изгледа времето во кое паметните телефони се обидуваат да ги освојат корисниците „маскирајќи“ се како камера не е завршено. Можеби причината за ова е што во текот на летото почесто размислуваме за фотографии, па производителите се обидуваат да го искористат периодот.
Кинескиот производител Xiaomi најави дека сензорот за камерата на Xiaomi Mi 12S Ultra е огромен 1-инчен сензор. Оваа големина на сензор одамна не се користеше за паметните телефони. IMX989 е изработен од Sony и е прв од овој тип. Доаѓа со резолуција од 50MP, а големина на пикселите од 1,5µm. Ова ќе помогне за одлични перформанси, најмногу при фотографирање во услови со недоволнa светлина.
За повеќе детали за сензорот ќе треба малку да почекаме. За среќа Mi 12S Ultra ќе го има официјалното преставување 4-ти јули, па нема да треба да чекаме премногу долго.
Belkin претстави нов 3-во-1 полнач
Во недостиг на навистина интересен хардвер новиот полнач на Belkin можеби е најинтересното парче хардвер кое го видовме минатата недела. Полначот може безжично и супер брзо да ги полни трите уреди од Apple (телефони, слушалки и паметен часовник).
Новата верзија на уредот не се разликува од претходната и наликува на сталажа за телефон, часовник и слушалки. Дизајнот е одличен и модерен, па не е изненадување што полначите на овој производител најчесто добиваат одлични рецензии.
Корисникот ќе може да го полни новиот Apple Watch Series 7 со функционалноста за брзо полнење. За 45 минути безжично полнење часовникот се полни од 0 до 80% вели ArsTechnica.
Новиот полнач излегува во јули, а веројатно најголем недостаток му е цената. Потенцијалните купувачи ќе треба да одделат 150 долари, што не е баш евтино.
SpaceX доби дозвола да го постави Starlink во возила
Супер брзиот интернет од Starlink кој од неодамна е достапен и во Македонија ќе може да се поставува во автомобили. Федералната комисија за комуникација го прифати барањето на SpaceX и приемници ќе може да се поставуваат и во возила. Покрај автомобили, сателитскиот интернет ќе биде достапен и на бродови и во авионските летови.
Неодамна Starlink започна да поставува антени на Tesla Supercharger станиците. Во партнерство со Delta и Hawaiian Airlines интернет услугата ќе биде достапна и на летовите на овие компании, пренесе Engadget.
По долго време Sony претстави монитор
Веројатно долго време никој кој сакал да купи монитор не помислил „Чекај да видам што имаат Sony“. Тоа може наскоро да се промени со Sony inZone M9 и Sony inZone М3 мониторите.
Sony inZone M9 е 27-инчен 4К HDR монитор со 144Hz рефреш; inZone M3 е FullHD монитор со рефреш од 240Hz и иста димензија од 27-инчи. Според спецификациите, но и според најавата новите монитори најмногу се наменети за гејмерите.
InZone М9 мониторот доаѓа со нова технологија Full-Array Local Dimming (FALD). FALD овозможува индивидуални LED-диоди да контролираат индивидуални зони од екранот. Со ова успеаја да постигнат динамички контраст од 80000:1. Мониторот доаѓа со VESA DisplayHDR 600 сертификација и 95% DCI-P3.
M3 доаѓа со нешто полош VESA DisplayHDR со минимална осветленост од 400 nits со HDR и 99% sRGB.
Мониторите ќе бидат достапни оваа година. Поскапиот М9 модел ќе излезе летовo и ќе чини 900 долари. М3 ќе доаѓа за 530 долари и ќе излезе до крајот на годината.