Отпуштањата во технолошките компании продолжуваат и во овој период, а делува и дека нема наскоро да забават. Речиси нема компанија која ги задржи сите вработени, а некои веќе започнаа и со други мерки на штедење. Google на пример, ќе ги намали трошоците за вработените, од службени лаптопи, до селотејп, пренесе CNBC.
За компанијата ова ќе биде повеќегодишен обид да се намалат трошоците. Во документите кои протекоа од Google, компанијата најавува и дека ќе штеди и на фитнес часови за вработените, ќе го продолжи периодот на користење на службени компјутери пред да бидат заменети, а ќе се штеди и на канцелариска опрема како хефталици и селотејп. Најавата за сериозни мерки за штедење доаѓа едвај неколку месеци откако компанијата најави отпуштања. Во јануари Alphabet објави дека ќе отпуштат 12.000 вработени. Ова е најголемо намалување на работниците во историјата на компанијата.
Една од најавените мерки за штедење е подолгото користење на компјутерите во компанијата. Десктоп и лаптоп компјутерите, и мониторите ќе се менуваат поретко отколку досега. Ќе има кратење и на трошоците за службени телефони и додатоците. Секаков додаток кој чини над 1.000 долари и не е достапен интерно ќе мора да биде одобрен од директорите. Google ќе го продолжи периодот во кој хардверот ќе се користи пред да биде заменет. Дополнително компјутерите за неинженерските позиции во Google сега ќе бидат Chromebook.
Дел од мерките се однесуваат и на промените кои доаѓаат поради помалиот број на денови во кои вработените доаѓаат во канцелариите. Поради ова, намалена е потребата за храна, превоз, масажи и фитнес во канцелариите.
„Сега кога повеќето од нас доаѓаат во канцеларија 3 дена неделно, забележуваме разлика помеѓу снабдувањето и побарувачката. Правиме премногу мафини во понеделник, Google автобусите доаѓаат со по еден патник, организираме јога во петок попладне, а најголем дел од луѓето овој ден работат од дома“, пишува во интерниот документ на Google до кој дојде CNBC.
Отпуштања насекаде
Последната година е навистина тешка за ИТ секторот. Најчесто во фокус се големите компании кои отпуштаат илјадници вработени, но жртви на кризата се и помалите компании и стартапи. Досега во 2023-та се отпуштени 168 243 вработени. Ова се однесува единствено на првите четири месеци во годината, а податоците за мај сѐ уште не се комплетни на Layoffs.fyi.
Бројките во големите компании како Amazon, Google, Microsoft, Facebook, често се повеќе илјади отпуштени. Сепак ова се однесува на 3 до 10 отсто од вкупниот број на вработени. Дел од помалите компании отпуштаат значително поголем дел од своите вработени, а често овие бројки се над 25, 30 отсто.
Добра вест (ако воопшто има таква) е дека бројката на отпуштања се намалува. Во јануари се отпуштени 84 714 работници; во февруари 36 491; во март 37 109 и во април 17 926. Детална листа на отпуштањата заедно со мај може да пронајдете на TechCrunch. Листата покрај првите четири месеци има повеќе информации и за мај, како и повеќе детали за компаниите.
Кој отпушти работници досега
Практично нема компанија која нема отпуштено работници. Целата листа може да ја погледнете на линкот од TechCrunch, а ние издвоивме некои од препознатливите имиња.

Друштвената мрежа во мај ќе отпушти 3,6 отсто од вработените или 716 вработени. Истовремено ќе вработат нови 250 вработени.
Shopify
Платформата за е-трговија на 4-ти мај најави дека ќе отпушти 20 отсто од своите вработени или над 2000 вработени.
Rapid
Rapid е една од компаниите кои се одличен показател дека големината на бројката не секогаш дава прецизен податок. Компанијата во април и мај најави отпуштања на 300 вработени. Во нивниот случај тоа е 82% од вкупниот број вработени во компанијата.
Clubhouse
Друштвената мрежа која требаше да биде алтернатива на Facebook и Twitter на крајот на април објави дека отпушта 50% од своите вработени. Според последните податоци ова се некаде околу 50-ина.
Amazon
Amazon ќе го намали бројот на вработени за над 27000 или 8% од вкупниот бројот на вработени на почетокот на годината.
Meta
Компанијата под која се Facebook, Instagram, WhatsApp во април најави уште 10 000 нови отпуштања. Со ова ќе го намалат бројот на вработени за 21000.
Apple
Apple долго време успеваше да и одолее на кризата. За жал во април и тие објавија дека ќе отпуштат дел од вработените. Ќе бидат зафатени вработените во продавниците.
Netflix
Ниту забраната за споделување на лозинки не успеа да го спречи отпуштањето во Netflix. За среќа бројот на најавени отпуштања е помал.
Disney
На крајот на март Disney објави дека ќе започне со отпуштањата кои ги најавија уште во јануари. Компанијата во 3 фази ќе отпушти 7000 вработени.
Salesforce
Во Salesforce наскоро би можело да има нови отпуштања. Компанијата во јануари најави дека ќе го намали бројот на вработени за 10%, но информациите велат дека наскоро би можело да има и втор бран отпуштања.
Accenture
Во март Accenture објави дека го намалува бројот на вработени за 2,5%. Ова соодветствува на 19000 луѓе кои ќе мора да бараат нова работа.
Twitch
Ниту популарната стрим платформа не е имуна. Во март објавија дека ќе отпуштат 400 вработени.
Microsoft
Креаторот на Windows најави 10000-ди отпуштања, а намалување на вработени има и во LinkedIn и Github.