Google започна да брише резултати во пребарувањето по барање на корисници кои се повикуваат на новото европско право да бидеш заборавен, и на одлуката на Европскиот суд за правда кој ја поддржа приватноста пред поплаките на американската компанија. Иако Google велеше дека тие не ја чуваат содржината, и дека бришењето на резултатите нема да ја избрише и содржината која ќе остане онлајн на некој сајт, дури и велеше дека се работи за цензура, сепак највисокиот европски суд пресуди дека корисниците имаат право да побараат отстранување на линкови до содржина која не е релевантна и која им ја нарушува приватноста. Одлуката доаѓа по судски спор започнат во Шпанија во 2010-та, кога Марио Костеја Гонзалес побара да се отстрани линк до содржина од 1998 година поради прекршување на приватност.
Разочаран од одлуката и под притисок, Google им нареди на своите инжинери да креираат техничко решение за бришење на резултатите, и започна да им испраќа имејли на сите корисници кои побараа отстранување на линковите од пребарувањето. Google состави и тимови кои ќе прават проценки дали корисничките барања имаат основа да бидат тргнати од пребарувањето. Во првиот месец, Googlе прими околу 41.000 барања за отстранување на содржина, доставени преку веб форма.
„Ова е нов процес за нас. Секое барање мора да биде проценето индивидуално, и работиме што е можно побрзо да да одговориме на него“, вели Gooogle за Wall Street Journal.
Одлуката беше искритикувана од неколку американски компании, меѓу кои и Facebook, но Европската Унија застана цврсто зад одлуката, велејќи дека се оди „во вистинска насока“. Eвропското „право да бидеш заборавен“ вклучува и можност да се едитираат пребарувањата за заштита на личните податоци. Според правото, граѓаните можат да побараат од сите технолошки компании да им ги избришат податоците кои се онлајн, се додека не постои легитимна причина против таква одлука.