Платформите кои користат генеративна вештачка интелигенција како ChatGPT и Midjourney, ако сакаат да работат во Европа ќе мора да го објават секој материјал заштитен со авторски права кој бил користен за тренинг на вештачката интелигенција. Оваа е дел од европскиот предлог закон за вештачка интелигенција, пишува Reuters.
Европската комисија започна да работи на законот пред две години кога вештачката интелигенција само што почнуваше да се појавува како сервис. Денес веќе има неколку сервиси кои се и комерцијално достапни. Најпопуларните веројатно се ChatGPT, Dall-E и Midjourney.
Законот сега е во фаза во која законодавците од Европската Унија со секоја држава членка ќе ја доработат финалната верзија на предлог законот. Најголем дел од законот е завршен и во оваа фаза само се разгледуваат деталите.
„Сега имаме договор во кој сите групи ќе треба да го поддржат компромисот без можност за поднесување алтернативни амандмани“, вели претставник на Европскиот парламент за EURACTIV.
Најголем дел од одредбите во предлог законот биле изготвени поодамна. Сепак одредбата која ќе се однесува на содржината која се користела за тренинг на вештачката интелигенција е додадена последните две недели. Од претходната верзија на предлогот е избришана и одредбата која целосно забранувала користење на вештачка интелигенција за надзор на меѓусебната комуникација, но забрането е користење на софтвер со биометриско идентификување.
Според предлогот, алатките со вештачка интелигенција ќе бидат класифицирани во зависност од ризикот. Алатките се поделени во зависност од ризикот во три групи: минимален, висок и неприфатлив.
Апликациите наменети за друштвено рангирање на граѓаните, налик на кинеските апликации за социјално рангирање, се во групата неприфатливи, и тие се забранети во целост.
Пример за алатка од висок ризик е вештачка интелигенција која се користи за анализа и рангирање на апликанти за работа според нивното CV. Вакви алатки се дозволени, но ќе мора да бидат исполнети различни законски обврски. Како дополнително објаснување за алатките кои се од висок ризик, предлогот објаснува дека класифицирањето во оваа група е исклучиво ако алатката е ризик за здравјето, безбедноста или основните човекови права. Дополнително, во оваа група се и алатките кои се користат за управување со енергетските и водоводните системи.
За сите алатки кои не припаѓаат на овие групи не постојат дополнителни обврски кои треба да бидат исполнети. Исклучок тука се системите на големите онлајн платформи кои ќе бидат разгледувани како високо ризични.