По се изгледа ќе имаме вистинска трка во развојот на чипови за вештачка интелигенција. По Nvidia со Blackwell, Google го најави Axion – специјализиран Arm-чип за центри за податоци. Чипот е базиран на Arm Neoverse V2 дизајнот.
Според Google чипот има 30 отсто подобри перформанси од Arm-чиповите на конкуренцијата и 50 отсто подобри перформанси од x86 решенијата. Засега нема дополнителни детали или бенчмарк тестови. Нема податоци ниту за достапноста или цената. Она што со сигурност го знаеме е дека повеќе податоци ќе има подоцна годинава.
„Техничката документација, вклучувајќи бенчмарк тестови и детали за архитектурата, ќе бидат достапни подоцна годинава“, вели портпаролката на Google, Аманда Лам.
Axion ќе биде помоќна верзија на Tensor Processing Units (TPU) чиповите. Во прво време ќе го користи Google за својата вештачка интелигенција, а деловните корисници на Google Cloud ќе можат да го користат подоцна годинава. Axion чиповите веќе се користат за YouTube Ads, Google Earth Engine, BigTable, Spanner, BigQuery, Blobstore и повеќе други сервиси на Google, пишува Verge.
Корисниците нема да треба да прават никакви дополнителни промени за да започнат да го користат Axion чипот. За веќе постоечките апликации нема да треба да се прави никаква промена на архитектура или прилагодување на кодот.
„Им олеснуваме на клиентите да ги донесат своите постоечки апликации на Arm. Axion е изграден отворен, а клиентите кои користат Arm лесно можат да го употребат Axion без менување на архитектурата или препишување на своите апликации“, вели Марк Ломајер, потпретседател на Google Cloud и генерален менаџер за инфраструктура за компјутери и машинско учење.
Со најавата за новиот чип Google најави и дека работат на надградба на TPU AI чиповите. Новиот TPU v5p pod ќе доаѓа со 8960 чипови. Oва е двапати повеќе од TPU v4. Tensor се чиповите кои Google ги користи како алтернатива на Nvidia графичките процесори за пресметки во вештачката интелигенција. Новиот TPU v5p е наменет за најкомплексните генеративни модели на вештачка интелигенција.
Минатиот месец Nvidia го претстави Blackwell B200 чипот, а еден месец претходно видовме импресивни резултати од Groq LPU кој е нов играч на пазарот. Blackwell B200 и Groq LPU се помеѓу 30 и 100 пати помоќни од чиповите кои претходно беа користени во ChatGPT.