80-ите и 90-ите беа одличен период за beat ’em up игрите. Поискусните, да не кажеме постарите, гејмери дефинитивно ги паметат игрите како Cadilac, Final Fight и Punisher, а поновата генерација од неодамна помина низ новите остварувања како Scott Pilgrim Vs The World: The Game или Teenage Mutant Ninja Turtles: Shredder’s Revenge. Во случај да ви здосадија тие игри и барате малку поразлични тепачки игри од сличен калибар, па, засукајте ги ракавите и пробајте си ги силите со следниве две игри:
Slaps and Beans 2
Навраќајќи се на осумдесетите години од минатиот век, Бад Спенсер и Теренс Хил беа феноменални актери кои глумеа во филмови со крајно смешни приказни и урнебесни битки. Харизматичното дуо овојпат гостува и во игра!
Slaps and Beans 2 неодамна излезе за XB1/SW/PS4/5/ PC и нуди носталгично искуство за сите фанови, особено на оние кои беа импресионирани од првата игра, од 2017 година. На располагање имаме подобрен борбен систем кој веродостојно прикажува некои од култните сцени од филмовите. Паралелно со ова, има и загатки кои си ги решавате со уште едно лице, а музичката подлога е од познатиот филмски композитор Оливен Оњнс.
Доколку играте сами, во кој било момент можете да скокате помеѓу Бад и Теренс. Како што напоменавме, и двајцата се одликуваат со уникатни потези и напади, а и лесно можат да зграпчат најразлични предмети од околината и на тој начин да им се стави крај на непријателите. Доколку играте со уште едно лице, некои предмети можете заеднички да ги зграпчите и да ги користите како масовно деструктивно оружје.
За разлика од поголемиот дел beat em up игри, Slaps and Beans 2 може да се пофали со интересна приказна на која позајмуваат гласови актери на англиски, италијански, германски, или шпански. Актерите вршат релативно добра работа во доловување на гласовите на Бад и Спенсер.
Во суштина, ова е карактеристична тепачка игра со интересни активности помеѓу битките. Доколку сакате да се опуштите со или без пријател и да навлезете во едноставни битки и неколку заеднички активности или загатки, тогаш ова би можело да е игра за вас. Во случај да не е, имаме уште еден предлог, особено доколку сакате верверички!
Chipmonk!
Во уште една ретро инспирирана околина, во духот на добрите стари beat em up класици, Chipmonk се труди да ги врати гејмерите на корените и да им понуди интересни ко-оп тепачки за двајца играчи. Благодарение на локалниот ко-оп можете да започнете заеднички битки директно од комфорот на вашиот кауч. Бирајќи една од три „класи“, односно верверички, ќе се втурнете во класична авантура или ќе се борите во бесконечни бранови од непријатели.
Секоја од трите верверички се одликува со различни оружја и, паралелно на тоа, уникатни напади, сили и способности, кои се најочигледни во брзината и силината со која го употребуваат оружјето. Но, карактеристично за вакви игри, нема никаква длабочина во гејмплејот и целта е впивање на преубавата ретро пиксел графика и впуштање во едноставни битки. Непријателите знаат да бидат разноврсни, но не ни се допадна што во одредени моменти напаѓаат од крајно непознати правци, при што не можете да го предвидите нивниот напад.
На PC, Chipmonk! е излезена уште од 2019 година, но според малиот број рецензии се чини дека нема генерирано посебен интерес. Искрено се надеваме дека играта ќе помине значително подобро на конзолите. Кога се работи за брза забава во мали дози, Chipmonk! е солиден продукт направен од само двајца девелопери кои, патем, се и браќа! Според нив, ова е игра која е инспирирана од игрите со кои уживале во нивното детство.
Тоа беа нашите две beat em up игри. Дефинитивно не ја пропуштајте приликата да ни кажете во коментарите кој би бил вашиот избор викендов!