Forza Horizon 5 на PlayStation 5: Дали да ја играте на конзолата на Sony?

Неодамна започнавме мини серијал преку кој ги разгледуваме сите игри од Forza Horizon серијалот. За првите две игри можете да прочитате веднаш, додека за наредните две би можеле веќе од наредната недела. Како одличен начин да се разбие серијалот, решивме да напишеме и детален преглед на петката, првенствено затоа што Forza Horizon 5 само што излезе за конзолата на Sony. Microsoft не се шегува кога вели дека сака нивните игри да се подостапни на што е можно повеќе платформи. По одличната транзиција со Indiana Jones and the Great Circle, портите се отворија и за чедото на Playground Games. Но, дали се работи за одличен порт или пак за набрзинка склепана верзија која е замислена само да им ги зграпчи тешко-спечалените пати и на поклониците на Sony?

Xbox во PS5

Forza Horizon 5 e критички-признаена тркачка игра со отворен свет која излезе во ноември 2021 година за Xbox и PC. Играта живописно ги прикажува убавините на Мексико и понуди огромен избор на автомобили, како и забавни можности за истражување на светот и навлегување во адреналински трки, до тој степен да играта привлече над 10 милиони играчи само во првата недела од лансирањето. Од 29 април, играта стана достапна и на PS5. Ова е исклучително важно затоа што Forza Horizon 5 е првата игра од овој серијал да стане достапна за PlayStation, отворајќи целосно нови можности на играчите да го искусат фестивалот Horizon. Но, кога PC верзијата би ја споредиле со PS5 верзијата, на какви различни техничките аспекти, перформансите и уникатните карактеристики би наишле?

Зад успехот на Forza Horizon 5 стои британското студио Playground Games, тим со докажано искуство во Horizon серијалот. Како што напоменавме претходно, Forza Horizon 5 е тркачка игра со отворен свет. Играта е сместена во визуелно впечатлива и разновидна верзија на Мексико и дополнително го разработува концептот на Horizon Festival – динамичен настан кој спојува натпреварувачко тркање, слободно истражување и енергична музичка сцена. Играчите имаат слобода да истражуваат огромен свет кој вклучува сè, од активни вулкани и густи џунгли до раздвижени градови и прекрасни крајбрежја.

Главниот гејмплеј се врти околу учество во широк спектар на тркачки настани – улични трки, рели патеки, крос-кантри авантури и возбудливи ПР акробации. Собирањето и модифицирањето на стотици лиценцирани автомобили од различни производители е клучен дел од искуството. Играта исто така нуди длабоки опции за прилагодување на возилата, како визуелно, така и во поглед на перформансите. Покрај соло играта, постојат и богати онлајн компоненти, вклучувајќи кооперативни и натпреварувачки режими. Наративниот елемент е претставен преку “експедиции” кои ги водат играчите низ различни региони и предизвици.

Уметност во портирање

PS5 верзијата е развиена со помош на студиото Panic Button Games. Се работи за студио кое е познато по изработка на квалитетни портови. Со Forza Horizon 5 студиото се има надминато и нуди одлични режими на игра, дозволувајќи ви да бирате помеѓу Performance, 60 FPS, или Quality, односно 30 FPS. Ние игравме во Quality mode, на телевизор кој има оспособено ALLM и мора да признаеме дека искуството беше доста флуидно и често имавме впечаток дека играме во значително повеќе од 30 фрејмови во секунда. Препорачуваме и вие да се држите до овој режим затоа што играта изгледа значително поубаво, особено доколку имате PS5 Pro каде се додадени и реј-трејсинг рефлексии на автомобилите за време на трките и слободното возење.

Една од клучните предности на PS5 верзијата е интеграцијата со DualSense контролерот. Не е никакво претерување доколку кажеме дека ова е најдобриот контролер од сите и Haptic Feedback е исклучително важна финкција која овозможува посуптилни и подетални вибрации кои го пренесуваат чувството на различни површини на патот, губење на тракцијата на тркалата и други детали од возењето. Додадете ги, секако, на ова и Adaptive Triggers кои нудат варијабилен отпор на L2 и R2 чкрапалата, симулирајќи го чувството при забрзување и кочење, што дополнително ја зголемува имерзијата. Оваа специфична имплементација на DualSense е уникатна за PS5 верзијата и нуди тактилно искуство што не е достапно на стандардните контролери за PC или Xbox.  

Имајте во предвид дека важно е да се напомене дека за играње на Forza Horizon 5 на PS5, покрај PlayStation Network (PSN) сметка, потребно е и поврзување со Microsoft сметка. Ова е неопходно за пристап до онлајн функциите и за овозможување на крос-платформските можности. Со ова, играчите на PS5 можат да се придружуваат во онлајн сесии (како што се конвои) со играчи на Xbox Series X/S, Xbox One и PC (преку Microsoft Store и Steam). Што се однесува до крос-прогресијата, таа е делумна. Одредени статистики и податоци врзани за Microsoft сметката, како што се резултати на leaderboards, откриени патишта и области, рекорди од ПР акробации, најбрзи времиња во Rivals настаните и споделени содржини креирани од корисниците (UGC) како дизајни и подесувања, се синхронизираат помеѓу сите платформи. Сепак, главниот напредок во кампањата или содржината на гаражата не се пренесуваат.

PC или PS5?

Претпоставуваме дека следниов параграф на многумина ќе им се чини непотребен, но чувствуваме потреба да потенцираме дека PC верзијата и понатаму останува посупериорната верзија од неколку причини. Играчите имаат пристап до широк спектар на графички поставки, овозможувајќи им детално да го подесат визуелното искуство според можностите на нивниот хардвер и личните преференци. Ова вклучува опции за квалитет на текстури, сенки, анти-алијасинг, далечина на исцртување, квалитет на ефекти и многу повеќе. Згора на ова, доколку хардверот дозволува, можете да ја играте со многу повеќе од 60 FPS, да имате поддршка за ултрашироки монитори, да имате рејтрејсинг, како и HDR поддршка. Но, од друга страна,PC верзијата бара експериментирање со харверот кој го имате и прилагодување на бројни опции за да го извлечете она што вистински го сакате. Суштински, PS5 верзијата нуди високо оптимизиран и лесно достапен начин да се ужива во Forza Horizon 5, збогатен со уникатните карактеристики на DualSense контролерот. PC верзијата, пак, ја обезбедува ултимативната флексибилност во перформансите и визуелното прилагодување, наменета за оние кои имаат соодветен хардвер и сакаат да го извлечат максимумот од играта или да користат специфични периферии или ултрашироки монитори.

Forza Horizon 5 останува извонредна тркачка игра со отворен свет, а нејзиното пристигнување на PlayStation 5 е одлична вест за сопствениците на оваа конзола. PS5 верзијата нуди фантастично искуство, внимателно прилагодено за хардверот, со јасно дефинирани графички режими и уникатна имерзија благодарение на DualSense контролерот. Тоа е одличен избор за играчи кои бараат висококвалитетно, конзистентно и лесно достапно тркачко искуство.  

Од друга страна, PC верзијата продолжува да биде платформата која нуди најголема флексибилност и потенцијал за врвни перформанси и визуелен квалитет. Со можност за отклучени фрејмови, детални графички поставки, поддршка за ултрашироки монитори и широк спектар на волани, PC останува идеален избор за ентузијасти кои имаат моќен хардвер и сакаат целосна контрола врз своето гејминг искуство.

На крајот, не постои единствен соодветен одговор. И двете верзии на Forza Horizon 5 нудат стотици часови забава во прекрасниот свет на Мексико. Изборот помеѓу PS5 и PC верзијата зависи исклучиво од вашите индивидуалните приоритети: дали преферирате оптимизирана едноставност и уникатно тактилно искуство на PS5, или пак флексибилноста, прилагодливоста и потенцијално супериорните (но позахтевни) перформанси на PC?

Повеќе детали за играта

  • Произведува: Playground Games
  • Издава: :Xbox Game Studios
  • Жанр: тркачка
  • Платформа: Microsoft Windows, конзоли
  • Излезена на: 9 ноември 2021, 29 април 2025 за PS5

Стани премиум член и доби пристап до сите содржини, специјален попуст на над 2.200 производи во ИТ маркет, верификуван профил и можност за огласување на ИТ Огласник. Плус ќе го поддржиш медиумот кој го градиме цели 16 години!

basic

членство

42 ден./мес

зачлени се

1337

членство

125 ден./мес

зачлени се
* плаќањето е на годишно ниво

Доколку веќе имаш премиум членство, најави се тука.

Добивај известувања
Извести ме за
guest
0 Коментари
Најнови
Најстари Со највеќе гласови
Inline Feedbacks
View all comments