Хардвер од минатата недела: Први прегледи на iPad Air M3, случувања во Intel, нов чип на Meta

Неделата што помина донесе интересни технолошки случувања, кои се чини дека го обликуваат правецот на индустријата. Од првите впечатоци за iPad Air M3, преку најавите за Nvidia GTC 2025, до неочекуваните потези на Intel и Meta, и сè до новите рачни конзоли и дисковите на Western Digital, оваа недела беше супер интересна за љубителите на хардвер. Еве некои од интересните теми.

iPad Air M3 – први прегледи

Минатата недела излегоа некои од првите прегледи на новиот iPad Air M3. Таблет компјутерот доаѓа со значителни подобрувања во однос на претходните модели. Најинтересен дел секако е додавањето на новиот супер моќен M3 чип, што резултира со значително подобри перформанси.

Ова е и најевтиниот 13-инчен модел, што секако е квалитет сам по себе. Новата Magic Keyboard, со тенкиот и лесен дизајн и функционални копчиња, го подобрува искуството при пишување, додека основната верзија на iPad Air нуди многу подобрувања во однос на стандардниот iPad, и е значително поевтин. Дополнително, таблетот се одликува со долготрајна батерија, што лесно издржува цел работен ден.

Меѓутоа и покрај овие предности за да се задржи цената мораше да има некакви компромиси. Прва жртва е екранот, кој почнува да покажува знаци на застареност, особено во споредба со OLED екраните на iPad Pro. Употребата на Touch ID наместо Face ID нема да им се допадне на некои корисници. За жал и покрај ниската основна цена, со додавање на додатоци како тастатура и поголем простор за складирање цената брзо расте. Боите на екранот би можеле да бидат појасни и поинтензивни, а рефрешот на дисплејот од 60Hz е помала во споредба со другите уреди на Apple.

Спецификации:

  • Чип: Apple M3 (8-јадрен со 9 графички јадра и 16 неврални (Neural Engine) јадра
  • Меморија: 8GB RAM
  • Екран:
    • 11-инчен или 13-инчен Liquid Retina дисплеј
    • Резолуција: 2360×1640 или 2732 x 2048 во зависност од моделот
    • 60Hz refresh rate
  • Камера:
    • 12MP широка задна камера
    • 12MP предна камера
  • Складирање: 128GB, 256GB, 512GB, 1TB
  • Поврзување: Wi-Fi 6E, Bluetooth 5.3, или 5G
  • Безбедност: Touch ID
  • Додатоци: Поддршка за Apple Pencil Pro, Magic Keyboard
  • Оперативен систем: iPadOS

Впечатокот досега е дека iPad Air M3 е солиден таблет со моќни перформанси, но дел од хардверот, како екранот и недостатокот на Face ID, заостануваат во однос на поновите технологии.

Nvidia GTC 2025

Оваа недела, од 17 до 21 март во Сан Хозе, Калифорнија, се одржува Nvidia GTC 2025, водечка конференција за вештачка интелигенција за развивачи. Овие конференции во кои фокусот е на вештачката интелигенција стануваат најинтересните и најважните технолошки настани, кои ги заменуваат традиционалните конференции за хардвер.

Очекуваме фокус на вештачката интелигенција, со теми кои можеби ќе опфаќаат квантни компјутери, роботика, здравство и Agentic AI. Секако, на настанот Nvidia веројатно ќе претстави нови верзии на своите Blackwell GPU-а, како и нови проекти во автомобилската индустрија, роботиката и квантните компјутери.

Нов директор во Intel

Intel направи значајна промена во своето раководство, и го назначи Лип-Бу Тан (Lip-Bu Tan) за нов извршен директор. Оваа одлука предизвика надеж и неизвесност во технолошката индустрија. Tan, доаѓа од Synopsys, и е познат по своите успеси во полуспроводничкиот сектор. Неговото назначување се случува во клучен момент за Intel, кој се соочува со предизвици во својот бизнис модел и конкуренцијата.

Претходно Тан беше член на одборот на Intel. Тогаш имаше улога во насочувањето на компанијата кон станување партнер-производител на чипови. Сепак, неговото ненадејно заминување од одборот минатата година предизвика многу шпекулации за несогласувања со тогашниот извршен директор, Пет Гелсингер. Тие несогласувања, наводно, се однесувале на обемот на отпуштања во Intel.

Со своето доаѓање, Tan јасно стави до знаење дека ќе донесе „тешки одлуки“.  Ова се толкува како најава за нови отпуштања и реструктуирање на компанијата. Очекувањата се дека ќе се фокусира на намалување на менаџментот и зголемување на ефикасноста на Intel. Една од главните цели на Tan е да го врати Intel како „производител на чипови од светска класа“, но иднината на Intel Foundry е далеку од сигурна.

И покрај амбициозните планови, Intel се соочува со проблеми во своите производствени капацитети. Компанијата неодамна го одложи развојот на своите операции во Охајо до 2030 година, што е знак за сериозните предизвици со кои се соочува.

Сепак, минатата недела имаше и позитивни вести од Intel. Компанијата започна со производство на првите 18A вафери во Аризона, што е важен чекор во технолошкиот напредок на компанијата.

Назначувањето на новиот директор и неговите планирани мерки ќе имаат значително влијание врз иднината на Intel.

Meta го тестира својот прв RISC-V чип за тренинг на вештачка интелигенција

Meta тестира нов чип за вештачка интелигенција (ВИ) базиран на RISC-V архитектура, наменет за тренирање на ВИ модели. Овој потег има за цел да ја намали зависноста на Meta од графичките процесори од Nvidia за тренирање на напредни јазични модели.

Чипот е развиен во соработка со Broadcom, а првите примероци се произведени од TSMC, пренесе Tom’s Hardware.  Компанијата веќе започнала со ограничено тестирање на чипот за да ги оцени неговите перформанси.

Иако спецификациите на чипот не се познати, се претпоставува дека користи HBM3 или HBM3E меморија и е оптимизиран за перформанси, потрошувачка на енергија и големина на чипот. Овој чип е дел од програмата Meta Training and Inference Accelerator (MTIA) на Meta.

Image courtesy of Meta

Meta веќе користи MTIA, a планира да започне со користење на сопствени чипови и за тренирање на ВИ модели до 2026 година. Ова ќе и помогне на Meta да ја зголеми независноста во хардверските решенија за своите дата центри.

Првата Xbox рачна конзола би можела да доаѓа од Asus

Се чини дека 2025 година ќе биде интересна за љубителите на рачните конзоли. Во моментов веројатно најмногу внимание има за првата Xbox рачна конзола. Неофицијално ќе биде нова конзола од Asus, со кодно име “Project Kennan”, која ќе работи на Windows со Xbox интерфејс. Иако Microsoft нема да биде производител на оваа конзола, ќе обезбеди софтверска интеграција преку „Project Bayside“, со цел да се обединат Xbox и Windows библиотеките.

Овој потег е одговор на зголемената конкуренција од Valve и нивниот SteamOS, кој се заканува да ја наруши доминацијата на Windows во овој сегмент. Microsoft се обидува да ја зацврсти својата позиција во растечкиот пазар на рачни конзоли, без да ризикува со производство на нов хардвер.

WD Red Pro 26TB

Western Digital го претстави WD Red Pro 26TB, нов хард диск со голем капацитет за NAS системи, заедно со неколку решенија за директно поврзано складирање (DAS) за креативни професионалци.

WD Red Pro 26TB доаѓа со новата технологија на компанијата за подобрени перформанси и сигурност во NAS средини. Производителот претстави и нови DAS уреди со капацитет од 26TB до 208TB. Интересно е што DAS решенијата користат Ultrastar дискови, а не новите WD Red Pro дискови.

WD Red Pro 26TB е дизајниран за NAS системи. Се одликува со брзина од 7200 RPM, OptiNAND технологија и втора генерација на енергетски помогнато перпендикуларно магнетно снимање (ePMR 2) на WD, пишува Tom’s Hardware. Дискот е со брзина од 272 MB/s и е изграден за постојана работа во средини со повеќе корисници со оптоварување од 550TB годишно. Вклучува сензори за вибрации на ротација и сензори за шок со повеќе оски за зголемена сигурност. WD Red Pro 26TB има петгодишна гаранција и цена од 569,99 американски долари.

Стани премиум член и доби пристап до сите содржини, специјален попуст на над 2.200 производи во ИТ маркет, верификуван профил и можност за огласување на ИТ Огласник. Плус ќе го поддржиш медиумот кој го градиме цели 16 години!

basic

членство

42 ден./мес

зачлени се

1337

членство

125 ден./мес

зачлени се
* плаќањето е на годишно ниво

Доколку веќе имаш премиум членство, најави се тука.

Добивај известувања
Извести ме за
guest
0 Коментари
Најнови
Најстари Со највеќе гласови
Inline Feedbacks
View all comments