0 коментари 9 мин. читање 21 април, 2025

Indiana Jones and the Great Circle: прекрасна акциона- авантура полна со филмски моменти и предизвикувачки загатки

Indiana Jones and the Great Circle ги фрла играчите во авантура која е прецизно изработена и изобилува со духот на 1930-тите години. Ова не е само игра; ова е длабоко патување во една измината ера, каде истражувањето и лукавоста се исто толку важни колку и борбата. Додека навигирате низ сложено дизајнираните мапи и предизвикувачки загатки, ќе откриете скриени патеки и стратешки ќе ги надмудрите непријателите, сето тоа додека навлегувате во волшебна приказна исткаена со богати детали и привлечни механики на играње. Секое дел од овој свет е исполнет со тајни, загатки и опасности, чекајќи да бидат откриени од сите фанови на филмовите и претходните игри.

Ѓаволот е во деталите

Има многу мали нешта кои прават голема разлика и едноставно не можевме да не ги цениме. На пример, главното мени го прикажува Инди во трето лице, секогаш на локацијата каде што последно застанавте, со што секој пат кога ќе ја започнете играта, добивате различно главно мени. А при секое повторно започнување, камерата веднаш преминува од трето во прво лице. Овие премини меѓу перспективите се чести и за време на самото играње, особено при качување, подигање предмети или користење на камшикот, што му дава на целото искуство личен и поинтересен тон.

Иако играта изобилува со бројни сцени во кои имате можност директно да се борите со непријателите, па дури и да користите огнени оружја, честопати акцентот е ставен на прикрадувањето и на користењето импровизирани алатки. Предмети како клешти или лопата можат да послужат за изведување на подраматични и понечујни ликвидации на противниците кои не се свесни за вашата присутност.

Интересно е што секој од овие предмети доаѓа со свој уникатен сет на напади и анимации. Ова ве поттикнува да експериментирате и да користите што е можно поразновидни предмети за да откриете на кој начин ќе бидат елиминирани вашите непријатели и испратени во вечниот сон. Дополнително, доколку сакате да бидете навистина неприметни и претпазливи, не е доволно само да го онесвестите противникот, туку потребно е и да го подигнете неговото тело, да го однесете на безбедна локација и да го скриете, со цел да избегнете да биде забележано од останатите непријателски единици.

Нам особено ни се допаѓа овој внимателен пристап кон играта, кој го става во преден план прикрадувањето. Тоа ни овозможува да прислушуваме интересни разговори помеѓу нацистичките војници, со што добиваме поцелосен и побогат увид во самата приказна на играта и во нивните меѓусебни односи. Сепак, треба да се напомене дека непријателите не се (премногу) наивни. Тие се доволно интелигентни за да реагираат на секој неочекуван звук или сомнително движење во нивната околина и веднаш да започнат со истрага. Ова додава дополнителен слој на предизвик и реализам, принувајќи не да се извлекуваме за влакно преку тактичко повлекување и криење во сенките додека не слегне прашината. Но, имаше моменти кога посакувавме да се поснаодливи и да нудат поголем предизвик, особено во моменти кога прикрадувањето ќе падне во вода и ќе започнете директно да се пресметувате со нив.

Мапите во играта се вистинско ремек-дело на дизајнот, тие се толку детално осмислени што ве обземаат со мноштво ситни детали и меморабили од 30-тите години на минатиот век. Атмосферата на нацистичкиот период и архитектурата на градбите се прикажани со извонредна автентичност, што придонесува за силно чувство на потопување во тоа време.

И покрај тоа што играта има линеарна структура на напредување, честопати ќе наидете на скриени простори и алтернативни правци на движење. Овие патеки ви овозможуваат не само целосно да ги избегнете непријателските патроли, туку и стратешки да се позиционирате за изведување на ефикасни заседи. Паралелно со ова, може да се маскирате така што носите посебни костими кои ви дозволуваат да се движите послободно во одредени забранети области.

Паралелно со ова, иако просторите се релативно компактни, тие се богати со интересни колекционерски предмети. Нивното пронаоѓање ве поттикнува внимателно да го истражувате секој агол од мапата, а како награда за вашата истрајност добивате таканаречени акциони поени. Одредени книги што ќе ги најдете низ светот на играта имаат посебна функција – тие ви овозможуваат да отклучите нови (борбени) способности користејќи ги насобраните акциони поени, што додава стратешка длабочина на играта. Дополнително, мапите што ќе ги откриете ви даваат вредни информации за корисни предмети и локации во вашата непосредна близина.

За пофалба се и загатките кои забавно балансираат предизвикувачки ситуации на паметен и кул начин. Иако не сме преголеми фанови за загатки, ја ценевме секоја можност за истражување и паметно надмудрување со околината во Indiana Jones and the Great Circle!

Сите овие гејмплеј механики се беспрекорно и органски поврзани една со друга, создавајќи на тој начин едно навистина впечатливо и длабоко имерзивно искуство за играчот. Чувството дека секој детал има своја цел и придонесува кон целокупната атмосфера е навистина извонредно. Графиката на PC е одлично оптимизирана и пружа феноменално искуство полно со визуелни детали.

Во оние критични моменти кога сите ваши обиди за прикрадување ќе завршат неуспешно, нема потреба за очајување. Ќе имате можност да го искористите вашиот верен камшик за да го погодите непријателот директно во раката, и на тој начин да го принудите да го испушти своето оружје. Голем дел од блиските борбени пресметки може ефикасно да ги решите со комбинација на лесни и тешки удари со тупаници. Доколку правилно ја менаџирате неговата кондиција, Инди се покажува како повеќе од способен и одличен борец во блиска борба.

Сепак, во ситуации кога околностите го налагаат тоа и кога треба да се игра „валкано“, играта ви овозможува да користите и широк спектар на огнени оружја. Изведбата на пукањето е навистина одлична, а самите оружја се дизајнирани да имаат автентично чувство на тежина и моќ при користење. Но, нивната употреба обично е обесхрабрена со фактот што располагате со ограничена количина на муниција, што ве тера стратешки да размислувате кога и како ќе ги употребите.

Искрено кажано, нашето искуство покажува дека Indiana Jones and the Great Circle е значително повозбудлива и поинтересна кога се фокусирате на прикрадувањето и тактичкото елиминирање на противниците. Има нешто посебно за чувството кога тивко се пробивате низ непријателските линии и ги надмудрувате вашите противници без да бидете забележани. Иако намерно не зборувавме многу за приказната и ликовите, мора само да напоменеме дека немаме никаква забелешка во начинот на кој заплетот е осмислен, природната интеракција со бројните, харизматични ликови и феноменалната глума. Гласот на Инди се позајмува од Трој Бејкер – актерот се има надминато самиот себе си и често имавме впечаток како да зборува Харисон Форд, а не целосно друг актер.

Кога ќе се земе се во предвид, Indiana Jones and the Great Circle е игра која нуди извонредна комбинација на авантура, акција, стелт, истражување и, секако, решавање загатки. Со исклучок на лего игрите, Indiana Jones and the Great Circle е првата чистокрвна игра со Инди по цели 15 години апсолутна тишина. Со својата детална околина, интересни механики за играње и богата приказна, оваа игра сигурно ќе ги задоволи и најголемите фанови на Индијана Џонс, но и сите оние кои бараат квалитетна авантуристичка игра. Верувајте кога велиме: чекањето вредеше!

Повеќе детали за играта

  • Произведува: MachineGames
  • Издава: Bethesda Softworks
  • Жанр: акција, авантура
  • Платформа: Microsoft Windows, конзоли
  • Излезена на: 9 декември 2024, 17 април 2025 за PS5

Оценка

  • Вкупна оценка: 9.5
  • Приказна: 10
  • Гејмплеј: 9
  • Графика: 9
  • Звук и музика: 10
Avatar photo
Напишано од

Мартин Јованчевски

Мартин Јованчевски е автор соработник на IT.mk. Долгогодишен рецензент на игри, програми и на сè што се осмелува да оди рака-под-рака со дигиталното.

Сите написи од овој автор
Добивај известувања
Извести ме за
guest
0 Коментари
Најнови
Најстари Со највеќе гласови
Мени
Заедница
Изглед
To top