По една година пауза, популарната сатирична серија Еднооки се враќа со нова сезона. Но, наместо на телевизија, карикатурите ќе бидат прикажувани на Веб, на нова платформа за независна содржина.
Еднооки е првиот продукт на Parahodot.tv, стартап платформа која ќе наплаќа претплата за ексклузивна содржина, објаснува Борис Дамовски, продуцент и извршен директор на Parahodot. Инспирацијата доаѓа од Comedy Central и сличните платформи кои дистрибуираат сатирична содржина, со тоа што Parahodot.tv ќе споделува локална содржина на македонски јазик. Но, покрај желбата да се оди во текот со времето, една причината за преселба на Веб е поголемата самостојност на Еднооки и Parahodot, кои нема да зависат од телевизиите и нивните политики, кои, според г. Дамовски, се „контрол фрикови“ и „вршат софистициран притисок“ врз креативната слобода.
На телевизија најголемиот дел, над 50 отсто од публиката на Еднооки, беа гледачи на возраст од 18 до 35 години. Истата демографија се и најголемите корисници на Интернетот, што му дава добра основа на популарниот Еднооки да се префрли на Веб. Проблемот ќе биде да се натера таа публика, која е навикната на бесплатни содржини на Веб, да плаќа претплата. За Eднооки се наплаќа 33 денари за неколку прегледи на епизода, и тоа што е интересно е што моделот на претплатата не ги исклучува рекламите. Г. Дамовски објаснува дека вклучените реклами дозволуваат цената да биде ниска. Но, тој додава и дека моделот на претплатата е во „експериментална фаза и ќе зависи од нови производи“. Еден нов производ е talkshow, а за другиот продукт „е рано да се открие“.
„Продукциски сакаме да донесеме квалитетна содржина што се разликува од македонското, која што нема да биде ‘факинг’ Backstage, ниту турски серии…“, вели г. Дамовски. „„Бројките се охрабрувачки, сериозни бројки се. Имаме одредена таргет група за да ja обезбедиме продукцијата за Еднооки, и потоа сакаме да се отвори платформата да биде нелинеарна, од нов вид и нов пристап на гледање на содржини“.
Според креаторот на Еднооки, пиковите не сатиричната серија додека беше емитувана на телевизија биле околу 200.000 гледачи од најразлична возраст. За Веб, на почеток, очекуваат да имаат 10 отсто од таа публика за Еднооки, и која можеби ќе биде истата рана публика на новите независни продукти. Parahodot како „носечката платформа“ ќе зема процент за дистрибуирање на независната содржина, но дали ќе биде преку претплата по епизода, месечна или комплетно бесплатна, ќе зависи од тоа како ќе се развие стартапот. Parahodot ќе дистрибурира содржина и преку iOS, Android и Windows Phone, но тие мобилни апликации сè уште се во изработка.
„Нашиот хумор не се базира само на македонскиот хумор, тие што користат компјутер знаат англиски и го разбираат симболизмот на јазикот, и таквата комуникација очекуваме да биде поинтензивна на Веб“, вели г. Дамовски.







