Фондацијата е-Македонија, основана од Македонски Телеком, ќе инвестира 8.000 евра, по 4.000 евра, во две е-Училници преку кои ќе се обучуваат социјално загрозените граѓани. Обуката ќе биде бесплатна и ќе биде наменета за предавање на основно ИТ вештини, како користење на софтвер за документи како Word и користење на интернет и отварање имејл.
Целта на проектот е-Училници е да им се понуди на социјално загрозените лица подобрување на неопходните ИТ вештини и социјална интеракција, и со тоа да помогне во создавање на дигитално општество, во кое сите можат да ги истражуваат можностите и придобивките од новите технологии. Фондацијата, која започна со проектот е-Училница во 2012-та година, вели дека преку овој проект досега се едуцирани околу 400 граѓани, а се уште е активна е-училницата во Радовиш.
Што се однесува до повикот за новите две е-училници, фондацијата ќе обезбеди пари и техничка поддршка со опрема, која по завршување на обуката ќе се врати назад, како и интернет конекција за време на обуката. Заинтересираните организации кои што ќе аплицираат за отворање на е-училници, ќе треба да најдат локација и професионални обучувачи.
Проектите што ќе се поддржат, велат од Фондацијата во официјалното соопштение, ќе бидат избрани според придонесот за подобрување на знаењето за работа со компјутери на социјално изолираните групи, времетраење на проектот, досегашно искуство во реализација на слични проекти, вклученост на стручни лица во проектот итн.