Веќе нема да се мачите со проблемот на која од двете страна се вклучува USB-то бидејќи сега е финализиран стандардот за новата генерација USB приклучоци. USB Type C ќе биде првиот реверзибилен USB приклучок, односно ќе може да се приклучи без разлика како е завртен, јави USB.org. Според креаторите, USB-Type C e доволно „мал да се користи за мобилните телефони, но доволно цврст за лаптоп компјутерите“.
Type-C е всушност два USB 3.1 SuperSpeed конектори кои имаат по четири пина и дополнителни 5 пинови кој овозможуваат трансфер до 10Gbps. Приклучокот доаѓа со 18 контакти, но при приклучувањето се активни само 9. Така кога ќе го вклучите приклучокот активни се горните контакти, доколку го завртите кабелот активни ќе бидат контактите кои претходно се наоѓале долу. Приклучокот може да пренесе 100W што би требало да допринесе за побрзо полнење на уредите.
Најголемиот недостаток на USB Type-C е што нема да постои подршка за постарите USB-приклучоци, па корисниците кои веќе имаат уреди со постар приклучок ќе треба да купуваат адаптери. Ова ќе претставува проблем поради регулативата во Европа која во моментив налага универзален приклучок за паметните телефони да биде microUSB, па компаниите до менувањето на регулативата ќе мора да испраќаат адаптери, слично како Apple со својот Lightning конектор.
Првите уреди кои ќе доаѓаат со поддршка за USB Type-C би можеле да ги очекуваме во следните неколку месеци. А првите паметни телефони со новиот приклучок ќе се појават во 2015 година.








