Европскиот Парламент денес со огромно мнозинство ја потврди употребата на единствен приклучок за полнење. Од 2024 година сите, или барем најголем дел од електронски уреди, ќе мора да доаѓаат со USB-C приклучок за полнење. Обврската од 2026 година ќе се прошири и на лаптоп компјутерите. За одлуката гласаа 602 претставници, 13 беа против, а 8 беа воздржани.
„Универзалниот полнач конечно ќе стане реалност во Европа. Чекавме повеќе од десет години за овие правила. Kонечно можеме да ги оставиме сегашните полначи во минатото. Овој закон овозможува развој на иновативни решенија за полнење во иднина, со бенефит за сите – од фрустрираните потрошувачи, до ранливата животна-средина. Ова се тешки времиња во политиката. Покажавме дека ЕУ не остана без идеи и решенија за подобрување на животот на милиони во Европа, и инспирација на другите делови од светот да го следат примерот“, вели Алекс Салиба претставник во Европскиот Парламент.
„Поштедени“ од законот ќе бидат единствено уредите кои се премногу малечки за USB-C порта. Исклучени ќе бидат дел од паметните часовници, фитнес додатоци и дел од спортската опрема која доаѓа со сензори. Сепак, во иднина се очекува директивата да се прошири и на овие уреди.
Ова е само дел од обврските за производителите на преносна електроника. Во иднина слична директива ќе биде донесена и за безжичното полнење. Како кај каблите, и кај безжичната технологија ќе мора да постои интероперабилност. Ова ќе придонесе уредите да може да се полнат со било кој полнач без потреба за различен полнач за секој уред.
Секако најголем проблем со новата директива ќе има Apple. Останатите производители на паметни телефони во голема мерка веќе се префрлени на USB-C. Apple во мај оваа година започна да тестира уреди кои „Lightning“-портата ќе ја заменат со USB Type-C приклучок. Уште тогаш дел од медиумите шпекулираа дека Apple се подготвува за новата европска директива.
Првиот iPhone кој ќе доаѓа со USB C приклучок во Европа би можел да биде iPhone 15 кој веројатно ќе излезе следната година. По ова полначот би можел да се прошири и на Air Pods и останатите уреди на компанијата… Променетите телефони веројатно ќе се продаваат во Европа, a останатите телефони со „Lightning“-приклучоци ќе се продаваат секаде каде не важи оваа директива.
„До крајот на 2024 година, сите мобилни телефони, таблети и фотоапарати што се продаваат во ЕУ ќе мора да доаѓаат со USB Type-C приклучок за полнење. Од пролетта 2026 година, обврската ќе се прошири и на лаптопите. Новиот закон, со 602 гласа за, 13 против и 8 воздржани е усвоен на пленарната седница во вторник, и е дел од пошироките напори на ЕУ за намалување на е-отпадот, и за овозможување на поодржлив избор за потрошувачите.
Според новите правила, на потрошувачите нема да им треба различен полнач секогаш кога ќе купат нов уред, бидејќи ќе можат да користат еден полнач за сите мали и средни преносливи електронски уреди.
Без разлика на нивниот производител, сите нови мобилни телефони, таблети, дигитални камери, слушалки, рачни конзоли за видео игри, преносни звучници, е-читачи, тастатури, компјутерски глувчиња, преносни системи за навигација, лаптопи кои се полнат преку кабел до 100W, ќе мора да бидат опремени со USB Type-C приклучок.
Сите уреди што поддржуваат брзо полнење ќе имаат иста брзина на полнење, ова ќе им овозможи на корисниците да ги полнат своите уреди со иста брзина со кој било компатибилен полнач“, пишува во соопштението на Европскиот Парламент.
Интересно ќе биде да видиме и како оваа директива ќе влијае на телефоните и останатите уреди. Новото решение отвора простор за продавање на телефони и останати уреди без дополнителен полнач. Како и дали воопшто ова ќе влијае на цената, останува да видиме.
Кога законот е во прашање, сега мора да добие поддршка и во Европскиот Совет. По ова ќе биде објавен во официјалниот европски службен весник. Дваесет дена по објавувањето ќе стапи на сила, а по 24 месеци сите уреди ќе мора да ги исполнат барањата на законот.