Digital Rights Management (DRM) ќе биде дел од HTML и веб стандардите. Ова ќе овозможи наместо проверката да се прави преку плагини како Adobe Flash или Microsoft Silverlight, DRM да бидат менаџирани од прелистувачите.
DRM заштитената содржина ќе може да биде декриптирана директно од прелистувачите, наместо да се користат плагини. Encrypted Media Extensions (EME) ќе биде користена за декриптирање на аудио и видео содржина. Дел од експертите сметаат дека користењето на екстензии за декриптирање на содржината е значителен исчекор за приватноста и безбедноста на корисниците.
По одлуката на World Wide Web Consortium, Electronic Frontier Foundation го напушти членството во W3C. Најголемиот проблем е што DRM доаѓа под Digital Millennium Copyright Act и отстранувањето на DRM е незаконско. ова важи дури и ако корисниците сакат да го исклучат DRM за легална активност.
„Целиот проблем е супер технички, прилично здодевен, а прашањето е неверојатно важно. Ова е страшно отровен коктел. W3C ги користи своите патенти и морален авторитет за да креира систем кој нема ништо со зајакнување на корисниците. Напротив, го контролира корисникот“, вели Кори Докторов од EFF за Gizmodo.
Но, проблемот не застанува тука. Пример, Mozilla Firefox е со отворен код, но DRM не е отворен код. Прегледувањето на DRM дури и од безбедносните експерти за поголема безбедност е забрането.
„Денес W3C остава правно недопирлив простор за напад на прелистувачите на милијарда луѓе. Им оставаат на медиумските компании моќ да ги тужат или заплашат сите кои можеби го пренаменуваат видеото за луѓе со посебни потреби. Денес тие не се на страната на архивистите кои се обидуваат да архивираат една ера. Процесот на W3C е злоупотребен од компаниите кои се збогатија со нарушување на воспоставениот поредок, а сега благодарение на EME ќе обезбедат никој да не може да ги притисне со истите иновативни притисоци“, вели г. Докторов во соопштението на EFF.
Една од споредбите кои се направени на Reddit е сценарио во кое Flash би бил вметнат како задолжителна доградба на прелистувачите. Предноста на Encrypted Media Extensions е што како дел од прелистувачите ќе може да биде активиран во „sandbox“ околина. Секако, ова ќе биде побезбедно од користењето на Flash на пример, кој доаѓа со куп безбедносни пропусти.







