DLC прегледи: Blasphemous 2 – Mea Culpa, Dungeons 4 – Not Another Multiverse и Myth of Empires – Xizhou Civilization Pack

За да го освежиме вашето гејмерско искуство, се фокусиравме на три нови додатоци за популарни игри. Без разлика дали преферирате предизвикувачки ретро-инспирирани игри, истражување на огромни мултиплеер светови, или стратешки игри со мрачна атмосфера, овие додатоци нудат значајно проширување на оригиналната игра.

Blasphemous 2 – Mea Culpa

По низа одложувања, конечно успејавме да ја провериме Blasphemous 2. Играта, како што можете да прочитате и од нашиот текст, целосно нè освои со уникатниот свет и впечатливите механики.

Иако играта излезе во 2023-та година, авторите The Game Kitchen користеја бројни моменти да ја подобруваат и прошируваат забавата со бесплатни надополнувања. Нивното најново бесплатно надополнување – True Torment ви дозволува да започнете значително потешка партија преку опцијата New Game +, вметнувајќи и нови непријатели, предизвици и бројни други исправки на багови. Паралелно со оваа бесплатно надополнување, излезе и првата платежна експанзија за играта, насловена како Mea Culpa.  

Продолжување на кампањата

Доживејте го кулминативното поглавје од приказната на Покајникот со “Mea Culpa”, експанзија која го редефинира неговото патување и го доведува до нов, незаборавен крај. Нурнете се во четири нови, интензивни мисии кои ќе ве одведат во две нови, застрашувачки области, полни со предизвици и тајни. Користете нови, девастирачки способности за да ги совладате бруталните непријатели и колосалните босови, а истовремено збогатете го вашиот духовен арсенал со нови молитви и бројаници, кои ќе ви помогнат во вашата борба.

Иако враќањето во мрачниот свет на “Blasphemous 2” е добредојдено, експанзијата “Mea Culpa” предизвикува поделени мислења. Некои гејмери наоѓаат недостатоци во неинспиративниот дизајн на мапите и монотониот елемент на истражување, како и во стандардните, па дури и супериорните непријатели, сметајќи дека цената од 12 евра е превисока за ваква, наводно “избрзана” содржина. Сепак, за нас, можноста да се вратиме во угнетувачкиот свет и да ги искусиме новите механики беше освежувачка. Иако додатокот не го достигнува квалитетот на основната игра, сепак нуди задоволително проширување на светот, кое би го препорачале на љубителите на играта.

Повеќе детали за играта

  • Произведува: The Game Kitchen
  • Издава: Team17
  • Жанр: Metroidvania, souls like
  • Платформа: Microsoft Windows, конзоли
  • Излезена на: 31 октомври 2023

Dungeons 4 – Not Another Multiverse

Во нашите претходни текстови, го анализиравме Dungeons 4, игра која успешно ги надградува механиките на својот претходник, нудејќи нова приказна и проширен гејмплеј. Играта се одликува со динамично менување на огромната мапа, урнебесно смешни сценарија и забавни единици и моќи. The Good, the Bad and the Evil се покажа како солидно проширување, нудејќи нови мисии, единици, замки и способности во стилот на дивиот запад. Realmforge Studios неодамна го објавија Not Another Multiverse, уште едно DLC кое го проширува светот на Dungeons 4.

Нови мисии, мапи, единици и механики

Како најново проширување за Dungeons 4, Not Another Multiverse внесува неочекуван пресврт во наративот и гејмплеј механиките. Во оваа DLC, ќе станете дел од принуден сојуз меѓу Злото и Доброто. Имено, полубратот на Талија, Тристан, отвора мистериозен портал, што предизвикува хаос и ги пренесува двајцата во мултиверзум каде што никој не ги сака. За да се вратат во својот свет, тие се принудени да формираат невообичаен сојуз.

Проширувањето Not Another Multiverse нуди неколку нови содржини и механики кои го прошируваат гејмплејот. Покрај тоа што ќе имате можност да се впуштите во нова мини-кампања во три мисии, за прв пат во серијалот, ќе ја преземете контролата над Тристан, неговите магии и херојските единици, борејќи се против заедничкиот непријател. Дополнително, се додаваат 15 херојски згради на Надземниот Свет, каде што можете да регрутирате и надградувате херои, за да ја зајакнувате вашата армија на доброто. Нова скирмиш мапа, “Dynamic Sibling Duo”, ви овозможува да ги тестирате нашите ново-стекнати вештини и да научите како функционираат.

Dungeons 4: Not Another Multiverse внесува освежувачка и неочекувана динамика во играта. Со додавањето на Тристан како играчки лик и можноста за изградба на херојски згради, ова проширување значително го збогатува гејмплејот, нудејќи нови стратешки можности и изненадувачки предизвици.

Повеќе детали за играта

  • Произведува: Realmforge Studios
  • Издава: Kalypso Media
  • Жанр: Стратегија
  • Платформа: Microsoft Windows, конзоли
  • Излезена на: 10 декември 2024

Myth of Empires – Xizhou Civilization Pack

Пред една година, бевме сведоци на раѓањето на Myth of Empires, амбициозен проект кој ветуваше да го редефинира жанрот на масивни игри со повеќе играчи. И покрај предизвиците, креаторите на оваа игра покажаа неуморна посветеност, вложувајќи месеци напорна работа во усовршување и проширување на нивната визија. Резултатот од нивните напори е Xizhou Civilization Pack. Овој додаток не е само обично проширување туку ревизија која, за поголемата група фанови, внесува свежа енергија и длабочина во играта. Со фокус на регионот Ксижоу, прикажан како културен и економски центар, навлегувате во нов свет полн со можности.

Нов свет за истражување

Мапата е една од најсилните точки во играта кои, веруваме, ќе им се допаднe на сите кои наоѓаат посебна сатисфакција во истражување пустини со бујни оази. Осмелете се да истражувате подалеку од оазите и ќе наидете на предизвикувачки пештерски зандани кои се населени со предизвикувачки босови. Таканаречената Imperial Fall е важен додаток кој пружа можности за создавање енергија, управување со ресурси, телепортација и автоматско производство од само една појдовна точка. Згора на тоа, за исполнително истражување на мапите ќе наидете и на пет уникатни превозни средства.

Покрај новиот регион и технологија, проширувањето воведува и нова опрема. 9-те комплети од оклопи и 16-те оружја ги прошируваат опциите за борба, овозможувајќи ви да ги прилагодувате вашите билдови на нови, невообичаени начини. Покрај ова, ќе наидете и на нови животински седла, нови рецепти, пијалаци и материјали.

Излегувањето на овој платежен додаток е пропратен и со бесплатен. Па така, сите играчи ќе наидат на системот за промена на професија, експертиза за култури, свитоци за воени списи, негување коњи, автономно вработување воини и изградба на жичара.

Најновото проширување за Myth of Empires е робустен и добро заокружен додаток на играта. Воведувајќи нова цивилизација, мапа, технологии и механики за играње, развивачите успешно ја проширија содржината и длабочината на играта. Ова проширување им обезбедува и на новите и на ветераните бран од освежителни содржини поврзани со истражување, изработка и освојување.

Повеќе детали за играта

  • Произведува: Angela Game
  • Издава: Imperium Interactive Entertainment
  • Жанр: Multiplayer, RPG, Sandbox
  • Платформа: Microsoft Windows
  • Излезе на: 21 март 2025

Стани премиум член и доби пристап до сите содржини, специјален попуст на над 2.200 производи во ИТ маркет, верификуван профил и можност за огласување на ИТ Огласник. Плус ќе го поддржиш медиумот кој го градиме цели 16 години!

basic

членство

42 ден./мес

зачлени се

1337

членство

125 ден./мес

зачлени се
* плаќањето е на годишно ниво

Доколку веќе имаш премиум членство, најави се тука.

Добивај известувања
Извести ме за
guest
0 Коментари
Најнови
Најстари Со највеќе гласови
Inline Feedbacks
View all comments