South of Midnight: Емотивно и динамично искуство кое остава траен впечаток

Kако долгогодишни обожаватели на Compulsion Games, со посебен афинитет кон нивниот иновативен деби наслов, Contrast, со нетрпение го исчекувавме излегувањето на нивната трета креација, South of Midnight .По интензивно неделно истражување на светот на South of Midnight, со задоволство можеме да заклучиме дека оваа игра го надминува сето она што го видовме од студиото досега и без сомнение претставува нивното најзрело и најимпресивно остварување.

Интелигентно црпејќи инспирација и користејќи ги најуспешните елементи од нивните претходни проекти, вклучувајќи ја атмосферската нарација од Contrast и уникатниот свет на We Happy Few, ова талентирано канадско студио изврши темелна надградба во речиси сите аспекти на играта. South of Midnight нуди исклучително исполирано, емотивно и динамично искуство кое плени со својата оригиналност и свежина.

Атмосфера, приказна и акција

Од самиот почеток, па се до крајот ќе бидете вовлечени во фасцинантен свет полн со неочекувани пресврти, додека визуелно зачудувачките и атмосферскo-преубави локации целосно ќе ве остават без здив. Ликовите се живописни и впечатливи, секој со своја длабока позадина и убедливи мотивации, што овозможува силна емоционална поврзаност и сочувство, слично на ноар приказната која нè освои во нивниот прв наслов. Дополнително, играта нуди промислено дизајнирани и предизвикувачки непријатели кои бараат стратешко размислување и комбинација од креативно осмислени напади.

Со South of Midnight, Compulsion Games не само што ги надмина сопствените креативни граници поставени со Contrast и We Happy Few, туку и демонстрира значителен напредок во нивниот пристап кон дизајнот на игри и раскажувањето приказни. Ова е игра која не само што се игра, туку и се доживува на едно подлабоко ниво, оставајќи траен впечаток и потврдувајќи го нивниот статус како студио кое вреди да се следи.

Веќе од првиот момент ќе почувствувате колку труд е вложен во персонализацијата на вашето искуство. Од детални технички подесувања до комплексни механики, играта ви овозможува да ја креирате баш онакво искуство каквоо што посакувате. Дури и прикажувањето на титловите нуди широк спектар на опции, а кога станува збор за предизвикот, можете да се фокусирате на приказната, да уживате во балансирана игра или да се соочите со вистински предизвик. За подлабоки прилагодувања, можете да навлезете во посебно мени каде дополнително прилагодувате параметар по параметар.

Во SoM, ќе ја запознаете Хејзел, неодамна дипломирана средношколка која се подготвува за факултет. Меѓутоа, низа настани ја имаат обликувано во личност со намалена толеранција, тврдоглавост и одредена доза на самобендисаност. Сепак, сите овие негативни чувства исчезнуваат во мигот кога ураганот го достигнува својот врв, ја разурнува нивната куќа и ја носи нејзината мајка низ бесната река.

Водена од силна желба да помогне, Хејзел се впушта во невозможна мисија, трчајќи, скокајќи и качувајќи се во очаен обид да се доближи до разурнатиот дом каде што се наоѓа нејзината мајка. Хејзел го има изгубено нејзиниот татко на четири годишна возраст. Никако не сака да ја изгуби и нејзината мајка.

Меѓутоа, она што започнува како животно-загрозувачки ураган, брзо ескалира во застрашувачка низа од натприродни феномени кои ги бришат сите граници со реалноста. Веќе следното утро ќе бидете сведоци на гротескна корупција која се шири и го завладува светот околу вас. Оваа корупција пулсира од таканаречената Стигма – одвратна и мистериозна сила која може да се неутрализира само со подеднакво енигматични куки пронајдени во куќата на вашата баба.

Тоа што мапите се линеарни и со ограничени можности за истражување, често насочувајќи ве од една точка до друга, се овозможува поконцизно и адреналинско искуство. Сепак, мапите се маестрално дизајнирани, успешно вовлекувајќи ве во два прекрасни и ретко видени света кои постојано се борат за вашето внимание. Особено нè воодушеви можноста по уништувањето на одвратната Стигма, целата област да претрпи целосна трансформација, при што гнасните трнливи вени се заменуваат со бујна природа и расцветани цвеќиња, отворајќи нови патишта во процесот.

Вашите сетила се постојано борбардирани не само од прекрасни визуелни елементи, туку и од извонреден аудио дизајн кој динамично компонира и спојува релаксирачки и напнати музички теми, совршено прилагодени на јужњачкиот амбиент на играта. Ретко сме играле игра која толку успешно ги користи сите аспекти за автентично прикажување на една богата култура.

А таму каде што музиката стивнува, ќе го слушнете трчањето на ситни животни, шумолењето на ветрот и песната на птиците – светот околу вас никогаш не мирува, дури и во наједноставните моменти. Доколку внимателно следите, авторите се трудат да ви раскажат приказни дури и преку најмалите, секојдневни детали.

Хејзел е способна девојка која трча по ѕидови, (двојно) скока, па дури и лебди низ воздухот користејќи мистични сили. Во одредени ситуации, ќе можете и да се качувате или да претрчувате низ ѕидови, доста слично како кај Prince of Persia игрите. Застанете на момент и игралиштето околу вас покажува целосно нова димензија:

Над вас, мајка глувче нежно ги води своите малечки преку паднато дрво, додека игриво зајче ѕирка низ високата трева од левата страна, а шарени птици грациозно прелетуваат на десно. Во меѓувреме, разнобојни пеперутки лебдат околу вас, а топли сончеви зраци продираат низ лисјата на величественото дрво, дозволувајќи им на неколку од нив тивко да паднат врз вашите рамена. Направете чекор налево и ќе забележите како пар лисици со брзина исчезнуваат во грмушките.

Сето ова е проследено со симфонија од птичји песни, нежно жуборење на близок извор и тивко крцкање на скриени глодари. Ова е само еден од безбројните уникатни моменти кои ќе ги доживеете доколку застанете и си дозволите миг одмор да го впиете светот околу вас.

Нема да помине долго пред да се соочите со вашиот прв противник – извитоперена креација на Стигмата, која ќе ја уништите со помош на куките. Овие куки се моќни и визуелно импресивни алатки за деструкција, безмилосно бришејќи сè што ќе ви застане на патот. Освен брзи удари, ќе можете да ослободите и серија на побавни, но разорни напади кои се шират како бранови, ефикасно прекинувајќи ги непријателските напади.

Секоја победа над непријател ви отвора краток момент за магично разоткривање и извлекување животворен бонус. Сепак, борбата е многу повеќе од ова, барајќи од вас да внимавате на одредени дефанзивни и офанзивни непријателски вештини. Повремено, непријателите стануваат имуни на напади, поагресивни и крајно непредвидливи, тестирајќи ги вашите рефлекси, барајќи често рефокусирање меѓу нив и мудро користење на магичните способности.

Спајдермен со Jedi трикови, на нов начин

Вашата прва магична способност ви овозможува да манифестирате привремени материјални облици, отворајќи патишта до претходно недостапни височини и места. Доколку ја насочите истата оваа магија кон непријател, ќе можете привремено да го замрзнете во место, зголемувајќи ја ударната моќ на сите ваши следни напади.

Набргу потоа, ќе ја отклучите моќта за одбивање или привлекување на предмети и непријатели со вашата волја, потег од кој дури и Дарт Вејдер би бил импресиониран. Шегата на страна, иако митологијата и начинот на изведба се уникатни, тешко е да се избегне оваа асоцијација кога ќе ја видите во акција. Овие моќи се беспрекорно имплементирани и обезбедуваат динамично и забавно движење низ светот, како и ефективна предност во борба против непријателите.

За да се справите поефикасно со сè поопасните непријатели, на располагање ви е и систем за надградби кој нуди можности како избегнување проследено со брз контранапад, моќни напади од скок, засилени магични вештини и многу повеќе. Со текот на вашата авантура, овие надградби значително ќе го трансформираат начинот на кој се водат битките и ќе обезбедат уште повозбудливо и наградувачко искуство, особено кога ќе се соочите со епските борби против босовите.

South of Midnight се покажува како исклучително полирано и впечатливо искуство кое нуди длабока персонализација на играњето, од техничките подесувања до сложените механики и нивото на предизвик. Приказната за Хејзел и нејзината борба против натприродната корупција е емотивно привлечна, а светот во кој се одвива дејството е визуелно и аудитивно совршенство, со посебно внимание посветено на деталите и културниот амбиент. И покрај линеарноста на мапите, нивниот дизајн е маестрален, нудејќи концизно и адреналинско искуство со импресивни трансформации по неутрализирањето на Стигмата. Борбениот систем е динамичен и бара стратешко размислување, а достапните магични способности и системот за надградби додаваат длабочина и возбуда во борбата против разновидните непријатели и епските босови.

Наш краток гејмплеј приказ

South of Midnight е игра која топло ја препорачуваме на сите љубители на авантуристички игри со силен наративен фокус, богата атмосфера и динамичен борбен систем. Вниманието посветено на деталите во светот на играта и инзворедната, невообичаена комбинации на џез и блуз елементи ќе ве држат постојано ангажирани. Доколку цените игри кои нудат не само забава, туку и можност да се нурнете во еден уникатен и емотивен свет, South of Midnight е наслов кој не смеете да го пропуштите. Подгответе се за патување полно со неочекувани пресврти, живописни ликови и борба против застрашувачки натприродни сили кои се директно инспирирани од јужњачката американска историја и култура.

Повеќе детали за играта

  • Произведува: Compulsion Games
  • Издава: Xbox Game Studios
  • Жанр: акција, авантура
  • Платформа: Microsoft Windows, конзоли
  • Излезена на: 8 април 2025

Оценка

  • Вкупна оценка: 9.75
  • Приказна: 10
  • Гејмплеј: 9
  • Графика: 10
  • Звук и музика: 10

Стани премиум член и доби пристап до сите содржини, специјален попуст на над 2.200 производи во ИТ маркет, верификуван профил и можност за огласување на ИТ Огласник. Плус ќе го поддржиш медиумот кој го градиме цели 16 години!

basic

членство

42 ден./мес

зачлени се

1337

членство

125 ден./мес

зачлени се
* плаќањето е на годишно ниво

Доколку веќе имаш премиум членство, најави се тука.

Subscribe
Notify of
guest
0 Коментари
Newest
Oldest Most Voted
Inline Feedbacks
View all comments