Ирена Теодора Весевска: Дигиталната археологија дава моќ да создаваме нови приказни за минатото и да ги споделуваме со светот

во ИТ.МК

Се повеќе технологијата станува неразделен дел од секојдневниот живот. Дури и најтрадиционалните научни дисциплини се менуваат и се приспособуваат кон новите дигитални текови. Археологијата, препознатлива исклучиво по теренска работа со четка и алатки за копање, добива ново лице благодарение на современите дигитални алатки и методи. Во оваа насока е и проектот DigiArcheoSpace – прв од ваков во Македонија, кој ја става дигиталната археологија во фокусот на образовниот и истражувачкиот процес.

Проектот е дел од европската програма Еразмус+ и се реализира во соработка помеѓу Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ и повеќе меѓународни партнери, под водство на Музејот во Приморско, Бугарија. Ирена Теодора Весевска, редовен професор на Институтот за историја на уметност со археологија при Филозофскиот факултет во Скопје, е дел од тимот кој работи на имплементацијата на оваа иницијатива која ветува трансформација на начинот на кој се учи, истражува и се комуницира културното наследство.

Ирена Теодора Весевска со нас сподели како DigiArcheoSpace создава нови образовни модели, ги воведува студентите во светот на 3D моделирање, ГИС и фотограметрија, и зошто дигиталната археологија не е единствено скап тренд, туку неопходен чекор кон европска интеграција и научна релевантност.

Можете ли подетално да ни објасните што претставува проектот DigiArcheoSpace и како дојде до неговата реализација?

DigiArcheoSpace е европски проект кој всушност е прв од ваков тип во Македонија – ја става археологијата во чекор со дигиталните технологии. Неговата цел е да создаде современи образовни материјали, алатки и методи за документирање и презентирање на културното наследство преку дигитална археологија. Идејата произлезе од реалната потреба: нашите студенти и стручњаци да можат да користат софтвери, 3D моделирање, фотограметрија, ГИС и слични алатки кои денес се стандард во Европа. Со тимот од УКИМ и Филозофскиот факултет станавме дел од поширок конзорциум, под водство на Музејот во Приморско, Бугарија, и заедно обезбедивме поддршка од Еразмус+.

Ирена Теодора Весевска

Една од целите на проектот е да се создадат иновативни образовни содржини за изучување на дигиталната археологија. Што е дигитална археологија?

Наједноставно кажано, дигиталната археологија значи користење ИТ и дигитални алатки во секоја фаза од археолошкиот процес: од истражување и документирање, преку анализа и моделирање, до виртуелни реконструкции и презентирање пред јавноста. Таа не ја заменува класичната археологија – туку ја надградува, ја прави попрецизна, побрза и поинтересна за сите генерации.

Која е главната цел на овој проект и кои се клучните предизвици со кои се соочувате во имплементацијата?

Главната цел е да ја приближиме археологијата до новите генерации преку современи дигитални методи и да ги оспособиме студентите и професорите за работа со нив. Најголем предизвик? Покрај финансиските ограничувања и потребата за опрема и обука на терен, често најтешко се надминуваат долгите бирократски процедури и неусогласеноста помеѓу институциите што треба да соработуваат. Но токму затоа проектот нуди конкретни алатки, тренинзи и добри практики што покажуваат како може чекор по чекор да се постигне промена.

Освен во високото образование, дали овие ресурси ќе бидат применливи во неформални и „доживотни“ форми на учење? Дали имате конкретни планови за тоа?

Да, тоа е еден од најважните аспекти на проектот. DigiArcheoSpace е пред сè едукативна платформа што ја надополнува постоечката наставна програма, но истовремено овозможува користење на ресурсите и за неформално и доживотно учење. Содржините се структурирани според ЕКТС, со микро-креденцијали што им помагаат на корисниците да ги валоризираат своите знаења. Ова значи дека и оние што се веќе во професијата, но сакаат да се доквалификуваат или надградат, можат да ги искористат модулите, тренинзите и водичите.

Дигитализација за дел од луѓето е помалку апстрактен поим. Кои се директните придобивки од проектот?

Најголемата придобивка е знаењето – студентите и професорите добиваат конкретни дигитални алатки и практики што ќе можат да ги користат во теренска работа, истражување и презентација на културното наследство. Проектот не е само за дигитализација на артефакти, туку за подигање на дигиталната писменост во археологијата. Со тоа се отвораат нови шанси за меѓународна соработка и современ пристап во заштитата и промоцијата на културното наследство.

Што се дигитализира со DigiArcheoSpace? Како се дигитализираат археолошкие наоди дари користите некој специјализиран софтвер или алатки (хардвер)?

Најважно е да се нагласи дека DigiArcheoSpace не е проект кој директно дигитализира конкретни археолошки предмети или наоди, туку едуцира како тоа да се прави правилно. Преку модулите и обуките ги запознаваме студентите и стручњаците со различни методи и алатки – како GIS, фотограметрија, 3D моделирање или работа со бази на податоци. Им покажуваме кој софтвер се користи, кои дигитални стандарди се применуваат, како се документираат податоците и како најдобро се чуваат. На тој начин секој кој ќе помине низ оваа обука ќе знае да одбере соодветен софтвер и хардвер и да го примени во практика на било кој локалитет или артефакт.

Што е најзабавниот или најнеобичниот предизвик со кој сте се соочиле додесa ги развивате овие дигитални алатки за археологија?

Најнеобично е што секогаш кога мислиш дека си го совладал целиот процес, технологијата ти покажува дека има уште нешто ново да научиш. Забавно е да гледаш како класичните теренски белешки се претвораат во 3D модели или кога објектот го „оживуваме“ преку виртуелна реконструкција. И најмногу ме радува тоа што младите веднаш се „закачуваат“ на ова – одеднаш теренската археологија станува покреативна и подостапна за сите.

Како гледате на иднината на дигиталната археологија во Македонија по завршувањето на DigiArcheoSpace? Дали ова е само почеток на поширока трансформација?

Се надевам дека ова е само почеток! DigiArcheoSpace покажува дека дигиталната археологија не е луксуз, туку неопходен чекор за да бидеме конкурентни и во регионален и во европски контекст. Ако успееме да го интегрираме во редовниот курикулум и да продолжиме со континуирана доквалификација, ова ќе биде клучен импулс за поширока промена во начинот на кој ја гледаме и ја практикуваме археологијата кај нас.

Размислувате ли за придобивките од проширената и виртуелна реалност и нивно користење за „оживување“ на археолошките локалитети?

Апсолутно! Тоа е еден од највозбудливите правци. Крајната цел е преку VR и AR да им овозможиме на студентите, туристите и локалната заедница буквално да „шетаат“ низ антички улици или реконструирани објекти. И повторно – тоа не е само атракција, туку и моќна едукативна алатка.

Ако еден студент од Филозофски факултет утре ве праша: „Професорке, зошто треба да ме интересира дигитална археологија?“, како би го инспирирале?

Затоа што дигиталната археологија  дава моќ  да создаваме нови приказни за минатото и да ги споделуваме со светот. Затоа што со неа можеме да го истражуваме минатото со технологии кои нашите професори не ги ни сонувале кога студирале. Таа отвора врати за меѓународни проекти, современи истражувања и креативна презентација на нашето културно богатство. Дигиталната археологија е шанса да се поврзат традицијата и иднината – а тоа денес е вистинска супермоќ.

Проектот трае до 2026 година. Што очекувате да бидат најголемите резултати и достигнувања до крајот на проектот?

Очекувам да имаме солидна, практична база: комплетирани модули според ЕКТС стандарди, подготвени студенти и професори што ќе знаат како да ги користат, и мрежа од институции што ќе продолжат да го развиваат овој пристап и после 2026.

Замислете дека сме 2030 година. Како DigiArcheoSpace го променил начинот на кој луѓето ја гледаат и разбираат археологијата во Македонија? Која е вашата најголема надеж за оваа промена?

Се надевам дека во 2030 студентите ќе ја гледаат археологијата не само како „четка и копач“, туку како поле што бара технолошка иновативност и постојано надградување на знаења. Најголемата надеж ми е дека ќе имаме генерации кои ќе ја чуваат и споделуваат нашата културна меморија на начини што денес ни изгледаат како научна фантастика.

Стани премиум член и доби пристап до сите содржини, специјален попуст на над 2.200 производи во ИТ маркет, верификуван профил и можност за огласување на ИТ Огласник. Плус ќе го поддржиш медиумот кој го градиме цели 16 години!

basic

членство

42 ден./мес

зачлени се

1337

членство

125 ден./мес

зачлени се
* плаќањето е на годишно ниво

Доколку веќе имаш премиум членство, најави се тука.

Добивај известувања
Извести ме за
guest
0 Коментари
Најнови
Најстари Со највеќе гласови
Inline Feedbacks
View all comments