Нинџа крави, вонземјани, чудовишта, распеани животни, роботи и разни други ликови наскоро ќе станат дел од анимирани проекти кои ќе бидат реализирани од македонското Lynx Animation Studios, кое стартуваше од септември. Lynx Animation е составен од 15 ветерани на филмската, стрип и музичката сцена во Македонија, но и пошироко. Ќе креираат анимирани филмови и видеоигри, и веќе имаат прв проект „Џон Вардар против Галаксијата“, кој е направен според сценариото на Гоце Цветановски, а aрт дизајнот го води Михајло Димитриевски, попознат како Тхе Мичо. Тхе Мичо е цртач на Еднооки и други интересни игри за табла.
„Џон Вардар против Галаксијата е вселенска опера, комедија, акција и авантура. Во неа, смотаниот и циничен антихерој Џон Вардар несакајќи ќе тргне на мисија да ја спаси (или уништи) Галаксијата. Освен филмот, се работи и на 2D платформер видео игра, чиj дизајн е веќе при крај“, откриваат од студиото.
Филмот е селектиран на пазарот за крос медиа проекти Cross Video Days во Париз. „Оваа селекција ни е од голема помош, бидејќи става меѓународен печат-сертификат за квалитетот на нашиот проект. Во Париз ќе се сретнеме со десетина финансиери од врвни Телевизиски компании како Sony Pictures TV, Canal+, RTL, ZDF и други“, вели Марко Угарковиќ, генерален директор на Lynx Animation Studios.
Покрај Cross Video Days, студиото наскоро оди и во Анеси, Франција каде се одржува најголемиот најголемиот светски фестивал за анимирани филмови Annecy International Animation Film Festival, каде ќе се претстават со уште еден проект за долгометражен анимиран филм и анимирана серија во копродукција со италијански автори.
Lynx Animation Studios во моментов работи и на проширување на гејминг тимот и има отворен конкурс за 2D цртачи, артисти и програмери кои работат во Unity.
[…] на стрес. Duo Spheres е дело на гејминг студиото на Lynx Animation, кое пред се работи на анимирани филмови, но и на уште […]