Да се каже дека Star Wars: Battlefront 2 помина лошо би било потценување од епски пропорции. Издавачката куќа ЕА вложи сериозни напори да ги зацементира гејмплеј механиките на начин на кој едноставно моравте да посегнете по паричникот и да трошите вистински пари на игра која, според сите показатели, беше сосема просечна. Поради преголемата контроверзност и притисокот од Disney, ЕА нареди привремено да се укине продавницата со микротрансакции, а девелоперите Dice да понудат пофлексибилно и поприфатливо решение.
По неколку месеци неизвесност, надополнувањето 2.0 e излезено, а продавницата со микротрансакции е вратена. Промените се повеќе од очигледни.
Новиот систем за напредување не е со озлогласените Star Cards во кутиите за плен, а со вистински пари не можете да купувате работи кои влијаат на гејмплејот, како што беше случајот, туку само костими. Костими за кои извршниот директор на ЕА кажа дека не сакаат да вметнуваат во кутии за плен затоа што не сакале да го загрозат Star Wars универзумот така што ќе понудат на играчите несоодветни изгледи, како розев Darth Vader.
Како и да е, со имплементација на новиот систем, ќе забележите и дека сите херои и бродови се отклучени, со што се елиминира потребата за непотребно-долги и фрустрирачки грајнд сесии. Сите херои и бродови сега ќе собираат искуствени поени и ќе се надградуваат само преку гејмплејот. Секој нов левел ви дава поен кој можете да го искористите да отклучите или да надградите одредена Star Card.
Во аркадниот дел на играта, сите Star Card и оружја се отклучени и се на епското ниво како би гејмерите имале поголема слобода и полесно би можеле да експериментираат со бројни комбинации. Ова се особено добри вести за сите оние кои не се заинтересирани за класичниот мулти-плеер.
Според деталниот извештај од промени, Bespin е вметнат како локација за Blast, Heroes vs. Villians, Arcade и Jetpack Cargo, но само за одредено време, а неколку ликови имаат претрпено видни промени кои ги прават посилни или послаби од порано.
Сите овие промени се чинат значително подобри, а повеќето гејмери и критичари се пресреќни со промените. Интересно е тоа што, во едно време се откопуваа борбени секири само за внесување микротрансакции во игра која не е бесплатна за играње, а сега повеќето го прифатија надополнувањето 2.0 со раширени раце и немаат ништо против со моментниот начин на кој се имплементирани микротрансакциите. Останува да се види дали ЕА ќе го испочитува ветувањето и дали ќе проба со слично агресивно поместување на границите со нивните идни игри.