0 коментари 5 мин. читање

MySims: носталгично патување во една едноставна, но релаксирачка симулација

Зошто да ја играте MySims?

  • Носталгично искуство: За оние кои ја играле оригиналната игра, ова е шанса да се вратат во тој волшебен свет.
  • Релаксирачка атмосфера: Играта е совршена за опуштање по напорен ден.
  • Шармантен и едноставен гејмплеј: Градењето и изработката се лесни и забавни, потсетувајќи на игра со лего коцки.
  • Шаренолики ликови и квестови: Ќе се сретнете со интересни ликови и ќе учествувате во разновидни задачи.
  • Земјоделски активности: Можност за садење, одгледување и собирање овошје.
  • Подобрена графика и оптимизација: Римастерот нуди современо искуство со подобрена визуелност.
  • Весела музика и графика: Играта е придружена со пријатна музика и графика која потсетува на цртан филм.
  • Одлична за помлада публика: Едноставните дијалози и квестови ја прават играта погодна за деца.

Се сеќавате на MySims? Оваа шармантна спин-оф серија на ултра-популарната The Sims франшиза, првпат се појави во 2007 година, освојувајќи ги срцата на играчите на Wii и Nintendo DS. Година дена подоцна, MySims го најде својот пат и до PC и мобилните уреди. Сега, по речиси две децении, колекцијата MySims: Cozy Bundle, која ги содржи MySims и MySims Kingdom, е достапна за Nintendo Switch и Windows, враќајќи нè во овој волшебен свет.

Подгответе се да ги засукате ракавите и да го вдишете нов живот во градот, помагајќи им на неговите жители да ги дизајнираат и изградат своите домови и да изработуваат најразлични корисни предмети. Откако ќе го создадете вашиот уникатен лик, ќе се нурнете во прекрасно и релаксирачко градче, каде една од вашите први задачи е да изградите куќа.

За разлика од сложеното и креативно градење во The Sims, кое нуди бескрајни можности за импресивни дизајни, градењето во MySims е поедноставно и потсетува на игра со лего коцки. Се сведува на составување на претходно понудени делови во една целина. Сепак, можете да ја покажете својата креативност преку режимот за боење, каде што ги менувате боите на елементите од куќата. Иако MySims нуди шармантно и релаксирачко искуство, можностите за експериментирање и целосно задоволување на вашите креативни аспирации се ограничени во споредба со The Sims.

Наскоро ќе ја отклучите и вашата работилница, каде што ќе започнете да изработувате различни предмети. Процесот е едноставен: следите нацрт и склопувате мали делчиња за да создадете целина. Сепак, имајте на ум дека за секој предмет ви е потребен соодветен нацрт. Да го започнеме со едноставно столче. Го земаме секое делче, го ротираме и ја следиме замислената форма. Откако ќе го завршите предметот, можете да го поставите во вашата куќа и да го користите за декорација.

Но, доколку се посветите на играта, брзо ќе забележите дека таа има повторувачка природа. За жал, MySims не нуди многу содржина или опции за дизајнирање и уредување, што може да доведе до чувство на повторување на истите елементи и комбинации. Ова се манифестира на неколку начини. Имено, иако процесот на градење и изработка е шармантен, брзо ќе забележите дека палетата на достапни елементи е релативно мала. Ова значи дека ќе се најдете како ги користите истите парчиња мебел и градежни блокови, без разлика колку се трудите да создадете уникатни дизајни.

Дополнително, иако помагањето на граѓаните е забавно, многу од задачите се сведуваат на истиот основен концепт: изработка на одреден предмет или изградба на одредена структура. Ова може да доведе до чувство на монотонија по неколку часа играње. За разлика од The Sims, каде што имате речиси неограничена слобода да ги дизајнирате вашите домови и околина, MySims нуди поструктурирано и поограничено искуство. Ова може да биде фрустрирачко за играчите кои сакаат да експериментираат и да ги изразат своите креативни визии. И, како за крај, симулацијата нема длабочина. MySims се фокусира повеќе на едноставн градење и изработка отколку на симулирање на животот на Sims.

Како резултат на овие ограничувања, играчите кои бараат долготрајно и длабоко искуство може да се чувствуваат разочарани. Иако MySims нуди шармантно и релаксирачко искуство, неговата повторувачка природа може да го ограничи неговото долговечност.

Освен едноставното градење и уредување на куќи, MySims ви нуди и можност да се вклучите во земјоделски активности. Ќе можете да собирате овошје, да садите нови дрвја и да ги наводнувате постоечките. Наводнувањето игра клучна улога, бидејќи значително го забрзува растот на плодовите, го зголемува нивниот број и ги лекува оштетените дрвја. Сепак, постои и компромис: употребата на ѓубриво за забрзување на плодоносењето може да ги оштети дрвјата. Ова создава едноставна, но интересна механика, каде што треба внимателно да балансирате помеѓу брзината на раст и здравјето на дрвјата, со цел да го извлечете максимумот од нив.

Во вашето патување низ градот, ќе се сретнете со шаренолики ликови и ќе се впуштите во разновидни квестови, од едноставно собирање јаболка до изработка на уникатни предмети. Нема да го криеме нашето воодушевување од релаксирачката атмосфера, особено од пријатните мини-игри како риболов. Сепак, ограничената содржина ја намалува креативната слобода. Едноставноста на дијалозите и квестовите јасно укажува на тоа дека играта е првенствено наменета за помлада публика.

Но, тоа не значи дека и ние не уживавме во неа. По напорниот ден, MySims е совршен лек за опуштање и бегство во свет на спокојство.

MySims блеска со значително подобрена графика и оптимизација, нудејќи современо искуство за сите љубители. Сепак, срцето на играта останува верно на оригиналот, успешно разгорувајќи бранови на забава и носталгија. Овој римастер е топла препорака за оние кои сакаат да се дружат со неодоливи ликови во разигран свет, оживеан со графика која потсетува на најслатките цртани филмови и придружен со весела музика која совршено се вклопува во неговата атмосфера.

Повеќе детали за играта

  • Произведува: Maxis
  • Издава: Electronic Arts
  • Жанр: симулација, авантура
  • Платформа: Microsoft Windows, конзоли
  • Излезена на: 18 март 2025
Напишано од

Мартин Јованчевски е автор соработник на IT.mk. Долгогодишен рецензент на игри, програми и на сè што се осмелува да оди рака-под-рака со дигиталното.

Мени
Заедница
Изглед
To top