0 коментари 6 мин. читање 18 декември, 2023

Cornucopia e фармерска симулација со раскошни можности и огромна вредност на преигрување

Cornucopia е игра која се појави како дел од раниот пристап на Steam на крајот на јули. Од тогаш, студиото Subconscious Games вредно работи на подобрување и воведување механики за релаксирачка фармерска забава.

Иако финалната верзија сеуште не е излезена, Cornucopia веќе изгледа како да е целосен пакет, со добро-разработени механики, уникатен визуелен стил, харизматични ликови и одлична музичка подлога.

Фармерски живот од малку поразлична перспектива

Неодамна, ни се пружи уникатната можност да ја провериме My Time at Sandrock и да откриеме комплексна фармерска симулација во sci-fi опкружување. Набргу потоа, видовме дека фармерски живот може да се започне и во магичниот свет на Fae Farm, па дури и во симпатичната Ikonei Island. Тврдокорните фармери дури и ги упативме кон Farming Simulator 22 и бројните додатоци кои се кријат тука. Она што сакаме да кажеме е дека има пазар во жанрот со фармерските симулации, а Cornucopia успешно се бори за својата сенка во сонцето.

Како што е препознатливо за игри од овој калибар, ќе навлезете во преубавиот ретро инспириран свет и ќе имате за задача да вдахнете нов живот во запуштена фарма. Првото нешто што го забележавме е перспективата. Како игра со 2D елементи, Cornucopia ви пружа голема слобода во поглед на менување на перспективата. Па така, можете да подесите да се движите низ светот како камерата да е пред вас или пак да си играте со опциите за да камерата се искачи над вас или под одреден агол. Ова значително го освежува стандардниот приказ кој е карактеристичен за ваквите игри и ви дозволува да играте баш онака како што вие сакате.

Покрај тоа што морате да ја подобрите состојбата на вашата фарма, ќе биде потребно да стапувате во интеракција со бројните жители, да работите на зајакнување на вашите пријателства, а во одредени случај, и да развиете романтична врска. Ова значи дека имате на располагање читање многу текст и водење бројни разговори. На располагање имате на 50 NPC ликови, со можност за стапување во романтична врска со 32 од нив, како и можности за брак и деца. Дијалозите се одлично напишани и на интересен начин го одмотуваат наративното клупче.

Доколку не се сметате за социјално животно, тогаш можете целосно да се посветите на вашето парче земја. За таа цел, можете да извлекувате ресурси од бројни камења, дрвја, и трева, да садите бројни култури, дрвја, грмушки и да ги собирате плодовите од нив. Паралелно со ова, можете и да чувате и одгледувате бројни животни, како и да собирате нацрти и да градите најразлични алатки, машини и објекти. Под услов да сакате вакви игри, нема-што-нема во Cornucopia!

Арсенал од механики и забавни елементи

Горе-споменатите работи се само мал дел од она што можете да го правите во чедото на Subconscious Games. Во моментот кога ќе сакате да направите промена на локацијата, ви се отвара огромен, но опасен свет со бројни непријатели и босови. Динамичната промена на годишните времиња допринесува до поразлични начини на истражување, а системот со над 300 карти ќе ви дозволи суптилна или значајна промена на гејмплеј елементите. Во моментот кога и ова ќе ви здосади, можете повторно да си се навратите во вашата куќа, да вршите најразлични надградби или пак едноставно да готвите. Слично на системот со карти, Cornucopia се одликува и со забавен систем за готвење кои има над 200 рецепти.

Релаксирачко, пријатно и богато искуство

Скоро половина година како играта е дел од раниот пристап на Steam. За тоа време, Cornucopia е одлично прифатена од гејмерската заедница и ужива во 92% позитивни рецензии.
Subconscious Games планираат да ја „држат“ Cornucopia во ЕА најмалку цела година. За тоа време, планираат да воведат повеќе светови, босови и дополнителни механики. На план се да воведат и тропски остров, вулканска зона, како и експериментирање со гените на животните и воведување побогати можности за нивно одгледување. Покрај раздлабочување на приказната, авторите планираат и да ги подобрат битките како и ВИ на непријателите. И покрај сево ова, играта е моментно во одлична состојба, нешто што е јасно и од демото кое можете бесплатно да го проверите!

Повеќе детали за играта

  • Произведува: Subconscious Games
  • Издава: Subconscious Games
  • Жанр: симулација, фарма, живот, RPG
  • Платформа: Microsoft Windows
  • Излезена на: 31 јули 2023
Avatar photo
Напишано од

Мартин Јованчевски

Мартин Јованчевски е автор соработник на IT.mk. Долгогодишен рецензент на игри, програми и на сè што се осмелува да оди рака-под-рака со дигиталното.

Сите написи од овој автор
Добивај известувања
Извести ме за
guest
0 Коментари
Најнови
Најстари Со највеќе гласови
Мени
Заедница
Изглед
To top