
Во 2019 година, My Time at Portia стана инстантен хит и успеја да воведе огромна свежина во Farming Sim жанрот така што понуди бројни активности во отворен и шаренолик свет. Неколку години подоцна и една симпатична игра за управување со училиште (Let’s School, it.mk рецензија), развојното студио Pathea Games го има искористено акумилираното знаење и искуство за да понуди достоен продолжеток. My Time at Sandrock е игра која позитивно го надградува секој можен аспект и нуди комплексна и релаксирачка симулација со богати можности за исполнување на вашите фармерски аспирации.
Длабока авантура во богат свет
Уште во првите пет минути, забележувате дека My Time at Sandrock значително се разликува од претходната игра, особено во поглед на локацијата. За авантурите во оваа игра, ќе биде потребно да се преселите во постапокалиптична пустинската заедница на градчето Сендрок. 330 години по проблематичниот настан кој ги има уништено бенефитите на модерната технологија, на вас се остава да користите најразлични алатки за собирање ресурси, правење машини, и економско јакнење на градот.
За да успеете во целта, ќе навлезете во симпатична, но едноставна приказна во која ќе запознаете бројни симпатични ликови со кои можете да градите комплексни односи. Паралелно со ова, ќе работите на вашата фарма, ќе ловите риби, ќе јавате животни и ќе се борите и со временските услови и со бројните зандани кои спремно ве чекаат низ длабоките зандани.

Бебешки чекори
На почетокот, My Time at Sandrock би можела да ви изгледа како огромна игра со бројни механики. Како што напоменавме претходно, во играта имате огромна слобода која е дефинирана од мноштвото разнолики активности. За да не бидете преплавени од сево ова, се препорачува да почнете скромно и полека да се расплинувате низ светот. Па така, почнете со создавање некој од стотици и стотици уникатни предмети, украсете го вашето место на живеење, дружете се со членовите од заедницата, подарувајте им работи како би можеле да ве засакаат повеќе, или пак прифаќајте најразлични квестови.

Актерите кои ги позајмуваат гласовите се исклучително талентирани и одлично го доловуваат авантуристичкиот и млад ентузијазам и бројните аспирации од кои се водени. Ова, во комбинација со симпатичната шаренолика графика и феноменалната, релаксирачка музичка подлога прави неодоливо вкусен коктел кој често ќе го посакувате, дури и откако ќе завршите со првото преигрување, иако, таквото нешто е релативно невозможно бидејќи….
Секогаш има нешто да се прави во My Time at Sandrock
Порано или подоцна, ќе сакате да излезете од границите на заедницата и да започнете со храбро истражување на постапокалиптичниот свет. Огромните пустински пространства можеби изгледаат привлечно и полни со ветување за корисни работи, но таквото нешто секогаш доаѓа со цена. Бројните рушевини кријат реликти на старото доба, како и вредни, ретки материјали, но секогаш се преполни со непријатели. Тука на сила стапува акциониот дел на играта каде органски скокате од употреба на студени и огнени оружја.

Борбениот систем не е премногу комплексен, но е задоволителен за тоа што е замислено за играта. На располагање имате неколку комбо движења при употреба на студени оружја, додека огнените оружја пукаат муниција. Движењата се импресивен визуелен спектакл и вистински празник за очи, независно од тоа колку пат ќе изведете одреден потег, а и ни се допадна како критичниот куршум во непријателот го успорува времето, а честички се разлетуваат на сите стани. За жал, како поминува времето, би можеле да посакате да има малку подлабоки механики во овој дел за да се држи монотонијата на безбедна далечина.

Заедно сме посилни
Ние бевме презадоволни да ги истражуваме убавините во My Time at Sandrock сами: има нешто посебно задоволително во самостојно истражување на рушевините и избедување на бројните активности според наше темпо, без да ни некој трчка и скока од сите страни. За самостојно напредувања, значително помагаат и бројните дрва со вештини кои или отвараат нови вештини или ве праваат поефикасни со постоечките.

Но, доколку ви треба помош, дали при битки, дали при крафтање, тогаш во My Time at Sandrock може да ви се приклучат до три пријатели. Заедно, светот зазема значително подлабока и поинтимна димензија, особено доколку споделувате впечатливи романтични моменти или пак изведувате одредени мини игри.

Ревитализирана симулација
My Time at Sandrock е следниот еволутивен чекор во жанрот на фармерските симулации, но и многу повеќе од тоа. Иако студиото Pathea Games играат сигурно со поголемиот дел од аспектите во играта, кога ќе се земе се во предвид, како целосен пакет, ја добиваме една од најдобрите симулации во 2023 година. My Time at Sandrock има огромна вредност на преигрување бидејќи зрачи со потенцијал за квалитетна имерзија која произлегува од динамична заедница, комплексен систем за собирање ресурси и крафрање, како и длабоки интеракции со останатите ликови.




Повеќе детали за играта
- Произведува: Pathea Games
- Издава: Focus Entertainment
- Жанр: Авантура, симулација, RPG
- Платформа: Microsoft Windows, конзоли
- Излезена на: 2 ноември 2023
Оценка
- Вкупна оценка: 9.5
- Приказна: 9
- Гејмплеј: 9
- Графика: 10
- Звук и музика: 10
Наши претходни рецензии на игри на Focus Enternainment:
- Warstride Challenges крие паркор акција во серија од вртоглави трки и содржителен едитор
- Chants of Sennaar e лингвистичка авантура со уникатен графички стил и впечатлива музичка подлога
- Void Crew Giveaway за 3 читатели
[…] ни се пружи уникатната можност да ја провериме My Time at Sandrock и да откриеме комплексна фармерска симулација во sci-fi […]
[…] трик-два од фармерските симулации како Fae Farm или My Time at Sandrock, па дури и […]
[…] My Time at Sandrock крие тони можности за исполнување на вашите… […]