Сите сме го искусиле патувањето со автобус или со воз и знаеме колку исцрпувачки може да биде патот, особено кога патуваме сами и на подолги релации. Досадата е бонус. За да ги елиминираме сите тие работи, веќе подолго време во светот се користат сервиси преку кои самите луѓе нудат превоз, се организираат, а на крај можете да стекнете и добри пријатели.
City2City.me е Android апликација развиена од македонскиот стартап RockAcode, која има за цел да го олесни патувањето од една до друга локација и да запознаете нови пријатели. Апликацијата, која во моментот е достапна само за Android 4.0+, а авторите ја најавуваат и iOS верзијата, нуди едноставен дизајн преку кој лесно можете да пронајдете отворени понуди за патување или вие самите да испратите понуда за превоз.
„City2City е апликација за организирање заеднички приватен превоз и делење на патните трошоци. На корисниците им нуди лесен и едноставен начин да се организираат, да се поврзат и да контактираат.“, вели Јан Маринчек, основач од RockAcode.
Покрај можностите за создавање и следење на понудите за патување, City2City нуди и известувања во реално време кога ќе биде создадена понуда според вашите критериуми. На понудите можете да видите кои луѓе ќе патуваат со вас, како и да им испратите покана за пријателство. City2City е бесплатна и можете да ја преземете од Google Play.

