Пристига сезоната на годишни одмори, а со тоа и периодот на барање и на резервирање на соби или апартмани. Во минатото, една од најпопуларните и најдобри страници за резервации – Booking.com беше и страница која користеше ужасни практики да ги натера корисниците да резервираат веднаш.

За оваа пракса на Booking во минатото веќе сме пишувале. Страницата има неколку промени оттогаш, но предупредувањата: „само што не сте останале без соба“, „локацијата е полна“ и „и некој само што букираше соба“ и натаму се присутни. Проблемот можеби ќе беше помал ако Booking не е еден од најпопуларните сервиси за резервирање, па бројот на онлајн платформи или е-продавници кои ја копираат праксата на Booking постојано растеше.

За проблемот со Booking одамна пишуваше Алекс Чарлтон, кој дури креираше и екстензија за да го намали стресот при користење на страницата. Но овие здодевни нотификации се минато по редизајнот на сајтот. (Екстензијата користеше CSS-класи за да ги скрие нотификациите и ако сакате сега да ја користите за жал не можете.)
Илузија на недостаток
Booking користи нотификации за да креира (често) погрешна слика за недостаток на соби за резервации. Најголем дел од нотификациите кои ги презентира страницата треба да го натераат корисникот да резервира веднаш. Ситуацијата денес е навистина многу подобра од минатото, но дел од здодевните известувања се останати.
Пораките во минатото беа за резервирани соби на различни локации, немаше пораки за периодот кој го разгледувате или информации за слободен простор во градот или локациите која сакате да ја посетите. Праксата на Booking сега е променета. Нотификациите и натаму ве убедуваат да резервирате веднаш и може да видите уште само колку соби се слободни. Сепак во исто време е достапна информација за бројот на слободни локации во градот.
Ако го користите Booking можеби веќе и сте ја забележале промената. Најголем дел од „dark patterns“ користени на Booking се отстранети. Црвените нотификации се минато, ги нема постојаните известувања за резервирани соби, а и дизајнот на страницата сега е многу попристоен. Благодарение на ова и корисничкиот интерфејс, а веројатно и искуството на најголем дел од корисниците, ќе биде подобро.
Останува само да се надеваме дека и останатите веб-страници ќе го следат примерот на Booking и во иднина овие сервиси ќе бидат значително подобро искуство.







