Во светот на технологијата, големите јазични модели (LLMs) како ChatGPT и други, постојано го трансформираат корисничкото искуство во различни сектори – од помош при пишување и преведување, до напредни виртуелни асистенти во финансискиот и здравствениот сектор. Сега, оваа револуција го зафаќа и читањето книги. Македонската апликација Boksy го најави Libby AI, иновативен асистент со вештачка интелигенција, a неговите креатори ветуваат дека Libby ќе го редефинира начинот на кој читаме.
Libby AI е создадена да го подигне читателското искуство на ново ниво. Со оваа функција, корисниците можат да поставуваат прашања за книгата што ја читаат или слушаат, и да добијат одговори во реално време на македонски јазик. Libby AI го претвора процесот на читање или слушање на книги во динамичен дијалог. Благодарение на ова корисниците ќе може полесно да ги откријат скриените пораки на авторот, или може да разговараат со вештачката интелигенција за главните ликови и одлуките кои ги носат. Со интеграцијата на Libby AI, Boksy ќе го направи читањето интерактивно и персонализирано.
„Libby AI е вашата нова придружничка во светот на книгите – таа ќе ви помогне да одлучите дали сакате да ја читате книгата, да дознаете која е клучната порака од книгата или авторот, да ги издвоите најважните делови, или да дискутирате за можните подобри одлуки на главните ликови во книгата. Без разлика дали сте љубител на класични романи, современа литература, или детски приказни, Libby AI ќе ви овозможи подлабоко да навлезете во содржината и да го збогатите вашето читателско искуство.“, велат од Boksy.

Што е Boksy
Boksy е платформа/апликација која содржи е-книги и аудио книги за деца, креирана е од страна на тимот на ИТ компанијата ReThing.
Соосновачи на платформата се Ивана Каралиева Петреска и Димитар Најденов. Започна со работа во Шведска во 2020 година, а по две години тимот успеа да пронајде начин да го локализира производот и да го донесе во Македонија. Визијата на креаторите на платформата е Boksy да биде место каде семејствата ќе можат квалитетно да го поминат своето време кога се пред екраните.
Boksy има 40 000 аудиокниги, е-книги и подкасти за деца, позната е и по својата иновативност. Libby AI е најновиот додаток кој дополнително ќе го подобри искуството. Дизајнирана е за да го направи читањето не само забавно, туку и инспиративно и прилагодено на индивидуалните потреби. Оваа функција е корисна за возрасни и деца, овозможувајќи им на сите да читаат на начин кој е прилагоден и најдобар за нив.

Во време кога дигиталната технологија ја користиме секојдневно, Libby AI доаѓа како свежа иновација.
- Libby AI овозможува интерактивно и персонализирано читање. Ако нешто не разберат, или заборавиле, читателите може да се потсетат преку прашања. Одговорите се достапни веднаш и на разбирлив начин, и секако со дополнителни потпрашања.
- Со помош на вештачката интелигенција ќе биде овозможено и подлабинско навлегување во содржината. Разбирањето на клучните пораки, ликовите и нивната мотивација е полесно со објаснувањата на Libby.
- Пристапност за сите возрасти: Вештачката интелигенција Libby ќе биде достапна за сите, без разлика дали сте љубител на класици или детски приказни.
Апликацијата Boksy не е нова во светот на дигиталната литература. Нејзините креатори веќе може да се пофалат со бројни награди и признанија. Сега, со Libby AI, Boksy уште еднаш ја истакнува својата лидерска позиција. Од октомври Libby AI ќе биде достапна во апликацијата и ќе отвори врати кон нови читателски авантури.
Boksy е достапен на iOS и Android.
Повеќе податоци за Boksy ќе пронајдете на нивната веб-страница.
Boksy беше .мк стартап на месецот во ноември 2023 година.







