41 коментари 3 мин. читање

Бизниси, користете легален софтвер или соочете се со казни

Доколку инспекцијата влезе во фирма и види дека се користи нелиценциран софтвер тогаш фирмата ќе се соочи со незгодно сценарио – запленети компјутери, парични казни и кривична пријава.

„Согласно Кривичниот законот, средствата се запленуваат, полицијата има право да ги запечати и заплени компјутерите со целиот тој материјал. Кога пресудата ќе е правосудна се одзeмaат тие предмети, и најчесто следува парична или условна казна затвор“, вели адвокатот Валентин Пепељуговски, правен застапник за Microsoft, Adobe и AutoDesk.

При влегување во фирмата инспекцијата првин преку фактурите, испратниците или преку налепница на компјутерот ја проверува легалноста на софтверот како Windows, Microsoft Office, Adobe Photoshop, Autodesk и Autocad Corel. Доколку е потребно софтверот се проверува и на самиот компјутер со дополнителни верификации.

Тоа што е интересно е што инспекцијата, откако првин ќе добие сознанија, праќа предупредување до фирмите барајќи да си купат или најдат лиценциран софтвер. Потоа по одреден период следи и самата проверка. Доколку се открие пиратерија следи запленување и казна од 500 до 2.500 евра.

Иако најчесто е парична казна, со Зaконот за авторското право и сродните права (.pdf) не се предвидени прекршочни санкции, туку се применува Кривичниот законик во кој е одредено дека неовластено користење на туѓо авторско дело може да резултира со казна затвор максимум до 5 години. Ова е екстремна мерка доколку се утврди дека дека се работи за поголемо количество компјутери и пиратски софтвер.

Како да избегнете казни?

Пиратеријата во Македонија воопшто не е табу, напротив повеќе е „мејнстрим“ односно се користи од индивидуалци до фирми. Но, тоа не значи дека нема да бидете казнети, нели?

Очигледниот одговор е дека треба да си купите софтвер кој може да ве чини, пример Windows Proffesional е околу 8.000 денари, но затоа лимитираната Starter верзија е поефтина, околу 2.000 денари. Но, зошто мора да биде Windows? Има бесплатен оперативен систем, има слободен софтвер. Пример, симнете си Ubuntu.

Се зависи од потребите на фирмата. Ако користите Photoshop само за да кропирате или намалите слика, да тргнете мал детал од неа и слични други аматерски работи, тогаш зошто да се плашите од казна? Симнете си алтернативен слободен софтвер. Ако сте професионални дизајнери тогаш купете го Photoshop, можеби ќе ве чини над 500 евра, но сигурно ќе ви се исплати. Исто важи и за архитектите кои работат со Autocad.


Кога сме кај Office, и посебно најпопуларниот и најкористениот Word, не сум убеден дека е потребно да се пиратира едитор за текстови кој може да се најде бесплатно или многу поефтино.

Со развојот на решенијата во облакот, односно веб софтвер со пристап од било каде, денес станува многу полесно, поефтино, често и попродуктивно за една фирма да користи вакви веб сервиси отколку да купува лиценцирани софтвери за сите свои компјутери. Пример, наместо да се купи Office кој чини од 6 до 20.000 денари за 5 компјутери во фирмата, платете по 6 долари месечно по човек и закачете се на Office 365 или на Google Apps for Business. Или пак симнете си го слободниот Open Office.

Избегнете казни, користете легален софтвер. Кој знае можеби ќе ги мотивирате и македонските програмери да креираат атрактивен софтвер.

Напишано од

Дамјан е иницијатор и еден од ко-основачите на IT.mk, а исто така и основач на ИТ компанијата IWM Network и на Aqtos, бизнис оперативен систем за компании. Има повеќе од 20 години искуство во развој на дигитални производи, дигитална трансформација, веб-развој, UX/UI, SEO, брендирање и е-трговија.

Коментари

41 коментари

Коментарите се затворени.

Мени
Заедница
Изглед
To top