Avowed: RPG игра со интригантна приказна, динамични битки и свет кој преколнува да биде истражен

Зошто да ја играте?

  •  Фанови сте на акциони RPG игри со квалитетна приказна, борбени механики и детално осмислен свет за истражување
  •  Запрепастувачко голема бројка од оружја кои се користат на уникатни начини
  • Прекрасна графика, глума и звучна подлога

Нешто повеќе од две децении, името Obsidian Entertainment е синоним за игри со впечатливи приказни и значајни избори. Avowed никако не е исклучок, нудејќи им на играчите огромен свет заснован на политички интриги и древни тајни. Најновиот потфат на Obsidian нуди впечатливо борбено искуство испреплетено во богата, комплексна приказна која се прилагодува на вашите одлуки. Како резултат, навлегувањето во оваа игра е како враќање дома по долго време, дозволувајќи ви да го впивате универзумот на Pillars of Eternity со поразлични очи, но подлабока љубов.

Кои се Obsidian Entertainment?

Obsidian Entertainment е феноменално студио кое го следиме уште од формирањето во 2003-та година. Да, стари сме, но тоа не е важно. Она што е важно е тоа дека оваа студио не потфрли со ниедна игра.

Нивната репутација ја започнаа со правење одлични продолжувања, првин со KOTOR 2, а подоцна и со Neverwinter Nights 2 и, секако, Fallout: New Vegas. По успехот од овие продолжетоци, креативните умови зад студиото станаа гладни за малко поразлично препознавање, чувствувајќи силна потреба да имаат наслови со нивен уникатен жиг.

Многумина ќе се сложат дека Pillars of Eternity беше серијалот кој им го дозволи тоа. Оваа cRPG игра понуди комплексни системи и длабока наративна вредност, нудејќи незаборавно искуство на сите фанови на овој жанр.

Како нивна најнова игра, Avowed е сместена во светот на Ејора, припаѓајќи на истиот универзум како Pillars of Eternity.

Од многу аспекти, Avowed е целосен пакет, нудејќи солидна доза од истражување, битки и приказна

Сместена во светот на Ејора, Avowed вешто се надоврзува на приказната од двете Pillars of Eternity игри. Влечејќи ненаситна инспирација од таквата претходна заложба, тимот успева да го надгради светот и да пружи нови можности за темелито истражување. Иако не сте обврзани да ги имате одиграно PoE игрите, фановите на овие две игри дефинитивно ќе извлечат повеќе од искуството кое се нуди во Avowed.

Во Avowed, меѓутоа, истражувате целосно нова територија – The Living Lands. Ова е место на живописни, магични аномалии кое од неодамна се соочува со разорна, неприродна чума. Вашата задача е да се пробивате низ опасната мрежа на политички интриги и конфликти и да пробате да го пронајдете изворот на чумата. Како претставник на Аедир, често ќе донесувате одлуки кои ќе го информираат кралството како да пристапи на територијата во која се наоѓате, поплочувајќи пат за проблематични дилеми каде што последиците не се секогаш јасни.

Борбена готовост

Во секој даден момент, можете да скокате помеѓу две одделни поставки со оружја, пример, да користите или лак и стрела или, со само едно копче, да се префрлите на меч и штит. Покрај користењето на стандардни средновековни оружја, ќе можете да користите и огнени и магични оружја, како и серија од уникатни способности. Во поглед на опремата, можете да носите најразлични оклопи или облека, со тоа што, оклопите го намалуваат оштетувањето од противничките напади, а облеката зголемува одредени бонуси. Покрај ова, можете да носите и најразлични прстени, амајлии, и слично.

На располагање имате три класи. Борецот се фокусира на сирова борба од близина, со способности кои се фокусираат на оштетување преку користење секири, боздогани или пак огромни сечила. Ренџерот, од друга страна, е фокусиран на агилност и користење лак, пиштоли или пушки, како и правење брзи потези со ножеви, мечови или копја. Последната, волшебничка класа инвестира поени во користење најразлични магични способности кои влечат сила од природните елементи, како мраз, огин, отров, и струја. Она што тие сакаат да користат се посебни магични стапови и книги. Вие, како Godlike, имате и дополнително дрво со способности кои се отклучуваат само во клучни моменти низ приказната и во зависност од одлуките кои ги донесувате.

На располагање имате навидум непресушен арсенал од оружја. Покрај уникатна анимација, секое од оружјата се одликува со различна брзина и ниво на оштетување. Паралелно со ова, можете да го комбинирате користењето на кои било две оружја од еднаш. Ова создава услови за бројни, забавни начини на експериментирање. Системот со битките е заснован на едноставни механики, но е реализиран со хирушка прецизност, дозволувајќи ви да пристапувате кон секоја битка со борбен елан од кој ќе се засрами и самиот Конан. Секое од оружјата има одредена задоволителна тежина, особено кога се користи за критични удари. Паралелно со ова, деталниот RPG систем со вештини, константно се погрижува да се чувствувате како несопирлива убиствена машина која константно се надградува.

Кога сме кај донесување одлуки, Avowed знае да ве замисли на моменти и да ве принуди убаво да размислите што да кажете, плашејќи се од инстантните или задоцнетите последици. Но, обично не се работи за премногу драстични последици како кај, пример, Baldur’s Gate 3. Независно од тоа, разговорите се внимателно осмислени и одлично одглумени. На секој од ликовите им се позајмуваат гласови од одамна докажани актери кои знаат како да го издигнат целото наративно искуство на исклучително високо ниво. Во ова, дефинитивно помага и квалитетно напишаната приказна, преубаво дизајнираните мапи, и впечатливата музичка подлога. Avowed е, без сомневање, целосен пакет од интерактивна забава.

Како гејмери кои се радуваат на секаква можност за подетална анализа, оваа алатка ни беше исклучително добредојдена.

Awoved е прва игра што сме виделе со ваков детален систем за дијалози и лор. Со само едно копче, добивате инстантен увид во се што било кажано од почетокот на дијалогот, како и објаснување на спомнатите терминологии. Како се спомнуваат одредени термини кои се првенствено својствени за универзумот во кој се наоѓате, така се отклучуваат објаснувањата на десната страна.

Иако светот не е од отворен карактер, мапите сепак се огромни. Преку деталните мапи, добивате информации за регионите и населбите, со посебни обележја за точки од интерес, како квестови, продавници, кампови, и слично. Градовите се детално осмислени, тесно населени и полни со разиграни активности. NPC ликовите не служат само за украс; секој од нив има нешто да каже, а, доколку се во група, често ги слушате како си муабетат (читај: озборуваат), споделувајќи информации кои би можеле да ви бидат од корист. Низ вашите авантури, истражувањето строго се препорачува и никогаш не знаете на што може да наидете, дали на забелешка во која пишува за скриено богатство, дали на корисни намирници, опрема или пак зашеметувачко убава виста. Како кулата која ја гледате на долниот скриншот – богатства се кријат околу, под и во неа! Башка, на врвот на кулата, доколку успеете да се качите, секако, се крие пријатно изненадување. Качувањето на кулите потсетува на Far Cry механиката со кулите.

Константно се охрабрува детално истражување на мапите, кое ве наградува со различни материја, валути, оружја и опрема

Одредени богатства, особено оние кои се наоѓаат со помош на посебни мапи, делуваат подзаскриени, барајќи инвентивни начини за пристап. Пример, можете да искористите магија за да замрзнете дел од водата и на тој начин да скокнете до далечното место. Ако наидете на одреден кршлив ѕид, можете да фрлите разорна бомба, и слично. Секоја од мапите нуди интересни начини за привремено заборавање на квестовите и релаксирачко впивање на убавините околу вас. А, верувајте, убавини има за извос. Графичкиот енџин врши одлична работа за прикажување воодушевувачки места. Дел од овие места се навистина уникатни и немаме нешто слично на нив видено во некоја друга игра.

Низ играта ќе отклучувате и најразлични сопатници. Секој од сопатниците специјализира во одредени вештини, правејќи го вашето напредување и битки полесни и поинтересни. Во најмала рака, интересно е да ги слушате како споделуваат коментари за местата кои ги истражувате или ситуациите во кои се наоѓате. Во најголема рака, се работи за снаодливи борци кои не пречат, туку помагаат за издвојување победи на бојното поле. Нашиот прв сопатник, Кај, е мајстор за помагање на бојното поле, особено кога ќе го ангажираме да се залета во противничкото лице и да го изрешета со запаливи проектили.

Avowed никако не е револуционерна RPG игра, но е игра која одлично го има разработено светото тројство, дозволувајќи ви подеднакво да уживате во приказната, истражувањето и битките. Како огромни фанови на Pillars of Eternity игрите, The Living Lands беше фасцинантна територија полна со пријатни изненадувања. Доколку сте фанови на квалитетни акциони RPG игри, Avowed е игра која ќе ве награди со бројни часови незаборавна забава.

Повеќе детали за играта

  • Произведува: Obsidian Entertainment
  • Издава: Xbox Game Studios
  • Жанр: RPG
  • Платформа: Microsoft Windows, конзоли
  • Излезе на:  18 февруари 2025

Оценка

  • Вкупна оценка: 9
  • Приказна: 9
  • Гејмплеј: 9
  • Графика: 9
  • Звук и музика: 10

Стани премиум член и доби пристап до сите содржини, специјален попуст на над 2.200 производи во ИТ маркет, верификуван профил и можност за огласување на ИТ Огласник. Плус ќе го поддржиш медиумот кој го градиме цели 16 години!

basic

членство

42 ден./мес

зачлени се

1337

членство

125 ден./мес

зачлени се
* плаќањето е на годишно ниво

Доколку веќе имаш премиум членство, најави се тука.

Subscribe
Notify of
guest
0 Коментари
Newest
Oldest Most Voted
Inline Feedbacks
View all comments
види ги сите огласи на kariera.it.mk