Од полето на 64 стратешки умови, Давид Јанев излезе како ултимативниот победник, освојувајќи ја титулата македонски шампион во Катан за 2025 година. Неговиот триумф на Државното првенство, одржано на 16-ти февруари во Лабораториум и организирано од Гоблин друштвени игри, му го донесе правото да ја претставува нашата држава на долгоочекуваното Светско првенство во Катан во Штутгарт, Германија, од 4-ти до 6-ти април.

Во жестока конкуренција, Јанев ги надмудри своите противници во глобално популарната друштвена игра Катан, порано позната како Доселениците на Катан. Неговата победа беше наградена со трофеј, како и со награден пакет кој вклучува бесплатен авионски лет, сместување и влез на престижниот настан на светското првенство.

Катан, дизајнирана од германскиот дизајнер на игри Клаус Тојбер, ги плени играчите ширум светот од нејзиното прво објавување во 1995 година. Оваа стратешка друштвена игра ги става играчите во улога на доселеници, со задача да градат и развиваат населби преку трговија со ресурси. Друштвената игра може да се пофали со над 32 милиони продадени примероци, на повеќе од 40 јазици.

Во Северна Македонија, Гоблин друштвени игри официјално го преведе Катан на македонски јазик, дополнително проширувајќи го неговиот досег и пристапност. Успехот на Давид Јанев ја истакнува растечката популарност на друштвените игри во државата. Со неговото учество, Јанев несомнено ќе донесе дополнително признание на растечката гејмерска заедница. Држиме среќа и навиваме неуморно, напред Давид!