Рецензија: Halls of Torment излезе од раниот пристап на Steam и е најдобар Diablo-инспириран rogue-like!

во Вести

Доколку нѐ читате последнава година-две, тогаш сигурно знаете дека сме огромни фанови на roguelike и hack and slash игри. Единствено нешто што би можело да биде подобро од некој од овие жанрови е само комбинација од двата. Со скоро еден милион играчи и со над 95% позитивни рецензии на Steam, Halls of Torment се истакнува како една од најдобрите Diablo-инспирирани roguelike игри.

По неколку-неделно дружење со насловот, не знаеме од што да бидеме повеќе импресионирани: дали од веродостојното опкружување инспирирано од графиката на Diablo (2), дали од забавните Vampire Survivor механики, или пак од феноменалната музичка подлога. На што и да се фокусирате во играта, шансите се дека ќе бидете пријатно изненадени (и забавени).

Резултат на 16 месеци макотрпна работа

Во Halls of Torment ги започнувате авантурите во опасниот свет со еден од 11 херои. Секој од хероите се одликува со уникатни напади и бројни способности за масовна елиминација на бранови и бранови пеколни суштества. Гејмплејот е едноставен, но крајно забавен. Ваша задача е да се движите низ светот додека херојот автоматски ги напаѓа непријателите.

Како собирате искуствени поени, така отклучувате одредени пасивни и активни способности. Пасивните способности може да бидат побрзо движење и напади, поефикасна регенерација на здравје и слично, додека активните способности се фокусираат на темпирано ослободување разорни магии, циркулирање остри сечила, фрлање отровни стрели, и слично. Со секое подолго издржување на мапата и решавање одредени квестови, ви се зголемуваат шансите за отклучување дополнителни мапи, херои, предмети и трајни надградби.

Кои се Chasing Carrots?

Развојното студио Chasing Carrots е независно студио со седиште во Штутгарт, Германија.

Формирано во 2011 година, студиото од пет девелопери претходно има работено на неколку игри, секоја од нив интересна на еден или друг начин.

Нивната прва игра, Cosmonautica, е вселенска симулација со голем фокус на тргување. Во 2017 година, студиото ја објавува Pressure Overdrive и се труди да понуди адреналинска акција со различни возила. Како трета игра, Good Company собира бројни позитивни рецензии со уникатниот систем за управување и автоматизација на најразлични процеси.

Halls of Torment е четврта игра на Chasing Carrots и нивниот најголем хит, привлекувајќи 96% позитивни рецензии!

Детални мапи полни со забавни активности

Во Halls of Torment мапите се една од најимпресивните аспекти во играта, особено доколку сте фанови на првите две Diablo игри. Енџинот се има погрижено да користи old school pre rendered ретро изглед кој изобилува со интересни детали. Имено, голем дел од мапите во бројните Vampire Survivors клонови се мали и еднолични. Не и во Halls of Torment. Често ќе наидувате на различни светилишта, разрушени храмови или пак мистериозни структури. Овие уникатни терени веродостојно го прикажуваат проколнатиот свет низ кој пешачите и нудат носталгично бомбардирање на вашето сетило за вид.

Како што напоменавме, истражувањето на подземните светови ве наградува со уникатни предмети, благослови и способности. Преку користење напреден систем заснован на случајни избори, можете да оформите билдови кои функционираат различно со секој поминат ран. Чисто за да имате представа за тоа колку е голем потенцијалот за билдови, Halls of Torment има 25 благослови, 60 уникатни предмети, над 70 способности и надградби, 30 артефакти и 500 квестови. Рандомното сервирање на релативно едноставните квестови воведува дополнителна свежина за време на преигрувањата.

Како и хероите, така и непријателите се уникатно дизајнирани и се одликуваат со непредвидливи движења и напади, принудувајќи ве да сте константно во движење, особено кога босовите ќе стапат на сцената. Halls of Torment има легија од исклучително предизвикувачки босови. Сите од нив впиваат напади што сунѓерот впива вода и најдоброто оружје во тие ситуации е времето. Кога на сево ова ќе ги додадете феноменалните звучни ефекти и божанствената музичка подлога, добивате едно целосно пакетче од неверојатна интерактивна забава.

Што ќе најдете во 1.0 верзијата на Halls of Torment

Најновата верзија на Halls of Torment ви дозволува да навлезете во последната од шесте стази, како и да започнете нови предизвици благодарение на таканареченото светилиштето на маките.

Играта е проширена со повеќе режими, како и повеќе непријатели, замки и плен, дозволувајќи им на хероите да достигна елитни, петти нивоа на способности, да играат со поголем предизвик, како и да можат да отклучат нови варијанти на бројни предмети.

Покрај исправка на бројни багови, најновата верзија воведува подобра поддршка за широки екрани, како и други QoL предности

Пеколно блаженство

Halls of Torment e игра во која поглемиот дел од содржините може да се искусат во времетраење од 12 до 20 часа, поставувајќи ја како пример за игра која нуди навистина многу за малку. Моментно, Halls of Torment чини само 230 денари и би било штета да ја пропуштите оваа феноменална игра, особено доколку сакате хаотично масакрирање на легија од суштества во пеколно пространства кои кријат многу опасности, но и награди! Тимот на IT.MK топло ја препорачува најновата игра на Chasing Carrots!

Повеќе детали за играта

  • Произведува: Chasing Carrots
  • ИздаваChasing Carrots
  • Жанр: акција, roguelike
  • Платформа: Microsoft Windows
  • Излезена на: 24 септември 2024

Оценка

  • Вкупна оценка: 9.75
  • Приказна: 9
  • Гејмплеј: 10
  • Графика: 10
  • Звук и музика: 10

Стани премиум член и доби пристап до сите содржини, специјален попуст на над 2.200 производи во ИТ маркет, верификуван профил и можност за огласување на ИТ Огласник. Плус ќе го поддржиш медиумот кој го градиме цели 16 години!

basic

членство

42 ден./мес

зачлени се

1337

членство

125 ден./мес

зачлени се
* плаќањето е на годишно ниво

Доколку веќе имаш премиум членство, најави се тука.

Добивај известувања
Извести ме за
guest
1 Коментар
Најнови
Најстари Со највеќе гласови
Inline Feedbacks
View all comments
види ги сите огласи на kariera.it.mk