Понекогаш е чудно што во Македонија, мала земја со мали градови и некаде добар јавен превоз, има толку многу такси компании што понекогаш не знаете која да ја одберете, ниту на кој број да ја повикате. NajdiTaxi за Android и iOS е мобилна апликација на Trinity Media која се обидува да ви помогне при наоѓање такси, автобуски станици и рента-кар според локацијата, односно според градот во кој се наоѓате.
Симната околу 10.000 пати на двете платформи, според Игор Петров од Trinity, NajdiTaxi e апликација која е доста едноставна за користење. Го одбирате градот, ја одбирате такси компанијата, автобуската станица или рента-кар сервисот кој сакате да го повикате, и можете да вртите директно од апликација. Едноставноста и нејзината специфичност ја прави покорисна за наоѓање такси служби од други слични апликации кои можеби се пообемни, пример апликацијата на Златна Книга, бидејќи овозможува брзо и лесно пребарување. Но, тоа што недостасува се повеќе информации. Моментално корисникот избира служба по случаен избор бидејќи не знае, на пример, колку чини тоа такси, колку се наплаќа до неговата дестинација, ниту пак колку е далеку неговата конечна дестинација; ниту има линк до сајтовите на автобуските станици каде може да се најде возниот ред за подобро да го испланира патувањето.

Коментари
9 коментари
Коментарите се затворени.