Мора да се подобрат условите за иновативно претприемништво, вели Александар Тасев, основач на Akota и Balkan Unlimited фондацијата која стои зад Balkan Venture Forum. Форумот е собир на инвеститори, но и е добро место за претставување на регионалните стартапи. На следниот BvKF во Софија, закажан за 22 мај, учествуваат 36 стартапи од регионот, oд кои три стартапи се од Македонија. Oвие настани – до сега се одржаа во Скопје, во Белград, а третиот наскоро во Софија – се стартувани од потреба, вели г. Тасев. Тој заедно со Др. Братислав Станковиќ, Вилијам Стивенс од Europe Unlimited ја креираа фондацијата за да го поттикнат претприемаштвото во регионот. Покрај настаните, фондацијата организираше бесплатна тренинг програма за стартапи од мобилната индустрија од цела Европа и започна имплементација на регионалниот проект Venture Initiative in Balkan Europe. Наскоро ќе лансира бесплатна тренинг програма за стартапи од целиот Балкан и отпочнува пан-Европски проект за комерцијализација на ИТ проекти во соработка со најреномирани акцелератори и програми од Европа.
„Иновативното претприемништво е една од најзапоствените, би рекол и маргинализирани гранки во нашата држава, иако е повеќе од јасно дека единствено врз него може да се базира брз и одржлив економски развој кој ќе обезбеди квалитетни работни места и животен стандард. Тоа треба да биде главното креативно поле во кое можат да се реализираат големиот број на амбициозни и талентирани млади луѓе, кои ја напуштаат државата со алармантна стапка.”
Како би ја оценил стартап сцената во регионот и посебно во Македонија?
Регионалниот пристап е неопходен одговор на слабиот и мал еко-систем во Македонија, кој нема критична маса за да предизвика поголем напредок и да фати чекор. Слична е ситуацијата во голем број земји на Балканот. Затоа нашата иницијатива многу брзо доби валидација и беше прифатена. Суштината е дека со создавање на силна и здрава регионална заедница на стартапи, иноватори, ментори и инвеститори, сите си ги зголемуваме шансите на интернационален успех. На овој начин, не само што градиме регионална заедница, туку и одлично се интегрираме со стартап еко-системот од Западна Европа и пошироко. Тоа отвора многу можности за нашите компании да се поврзат и да се пробијат на светскиот пазар.
Во сите овие активности би сакал да вклучиме што повеќе македонски претприемачи и компании и за таа цел ќе работиме повеќе на локалната соработка во Македонија.
yfrog.com/ocrvkqeaj number of angels and $ investment accross Europe. @ EBAN congress Vienna
— Aleksandar Tasev (@alektasev) May 15, 2013
Три македонски стартапи одат на BKVF во Софија – G6, CreationPal и 4virtus. CreationPal има искуство, го има SportyPal како докажан продукт, но другиве два стартапи се на помлади претприемачи. Како мислиш дека младите .мк претприемачи се снаоѓаат на вакви натпревари и општо на стартап сцената?
Нивото на развој и квалитет на стартапите од Македонија е релативно назад во споредба со регионот. Поназад сме од Словенија, Хрватска, Србија, Романија, Грција, Бугарија. А може да се каже дека сме нешто подобри од Албанија, Косово, Црна Гора. Но и тоа не е за гордеење, бидејќи на една рака може да се избројат компании или претприемачи кои имаат спој од знаење, производ и бизнис план за да се претстават успешно пред странска публика.
Верувам дека со поголемо вклучување на нашите луѓе во овие регионални текови, и креирање локални програми, во многу краток рок може да се направи големо поместување во квалитетот и квантитетот на македонската стартап сцена.
Глигор Дачевски од CreationPal е еден од пионерите, како ко-основач на Сивус, и понатаму на уште две успешни компании. Успешно јуриша на светскиот пазар со DoxBee, a кај нас беше одбран за иновациски партнер на Т-Мобиле. Додека дечките од G6Solutions и 4Виртус се исклучително способни и амбициозни и верувам во нивниот комерцијален успех.
(Ако сакате да присуствувате на Balkan Venture Forum во Софија, имаме промо код со 70% попуст со кој имате пристап на сите три настани. Пишете ни на контакт мејот на It.com.mk)
Meet the 36 startups selected to pitch at BKVF Sofia goo.gl/KLwkz
— BalkanVentureForum (@BalkanVentureFo) May 11, 2013
Што треба да се развие македонската стартап сцена, или решението е да се цели кон креирање стартап тука и да се цели да се презентира надвор од земјата?
Треба сите повеќе да работиме заедно, на базично grasroots ниво. Да се организираме, со респект и отвореност кон секого и да правиме нешто конкретно. Важно е да учиме од најдобрите примери од надвор и без пардон да ги имплементираме тука. Затоа мора да веруваме во себе и во заедницата.
Планирам следниов период повеќе да обрнам внимание на нашата македонска сцена и да направиме нешто интересно.
Што ќе се случува на BkVF Sofia? Што е во игра за најдобрите?
BkVF Sofija ќе биде голем настан. Барем двојно поголем од претходните два. Со донесувањето на Seedcamp и Leancamp, формиравме мал стартап фестивал од 21 до 23 Мај во Софија. Самото богатство на интересни луѓе, компании, инвеститори, ментори ветува многу корисен и забавен настан.
Компаниите кои се натпреваруваат, пред се добиваат “spotlight” пред инвеститорите. Квалитетот многу брзо се препознава, и затоа има барем три компании од настанот во Скопје, кои директно или индиректно добија equity инвестиција: Incrediblue од Грција, ТеkFuze од Косово, МySkin од Србија и Habbits од Хрватска.
Во Софија шансите се уште поголеми. Дополнително најдобрите 8-9 компании директно ќе се квалификуваат за претставување пред кремот од Европа на European Venture Summit, во Берлин, каде минатиот декември презентираа 130 стартапи пред 120 VC инвеститори. Освен ова нашите партнери LAUNCHub, Eleven и други спонзори ќе доделат награди на компании кои самите ќе ги одберат.







