0 коментари 3 мин. читање

Knock on the Coffin Lid е мрачен roguelite заснован на механики со карти

На прв поглед, Knock on the Coffin Lid можеби изгледа како вашата секојдневна turn-based card combat игра со генерични дизајни и механики, но всушност се работи за квалитетна и комплексна игра. Чедото на RedBoon се одликува со паметно осмислена кампања која е целосно поддржана од актери, предизвикувачки битки засновани за редови и мрачни шпилови од карти. Дури и да не сте фанови на вакви игри, би можеле пријатно да бидете импресионирани од нивото на детали кои се внесени во играва.

Во Knock on the Coffin Lid играте со три главни херои. Секој од хероите се одликува со уникатни офанзивни и дефанзивни способности кои ги имплементирате од левата кон десната страна. Имено, вашите херои се на левата страна, додека непријателите се од десната. Помеѓу вас, од шпилот се делат карти кои можете да ги користите за да ги нападнете непријателите или пак да искористите одредена способност за лечење или зголемување на ефикасноста на вашите херои.

Како напредувате низ мрачната кампања која, патем, никако не е за потценување и крие бројни неочекувани изненадувања, така ќе отклучувате бројни способности кои ќе ви дозволат да имплементирате 12 уникатни подкласи, со што значително се зголемува вредноста на преигрување.

Светот во Knock on the Coffin Lid е поставен на огромна мапа на која се рафрлани најразлични можности за започнување ran-ови. За секое од овие места, можете да избирате одредени работи кои се паметат и подоцна се менуваат според претходно-избраните опции за да се понуди поразлично и повпечатливо искуство.

Кога на 12-те подкласи и богатите можности за менување на ran-овите ќе додадете и бројни пијалаци, опрема, оклопи и синергии и кога ќе почнете да експериментирате со сите овие работи, тогаш играта зазема неверојатно забавна димензија. Секој нареден ран е поинтересен од претходниот затоа што не знаете што се би можеле да откриете и како таквото нешто ќе влијае на сите идни преигрувања.

И покрај сите овие позитивни работи, Knock on the Coffin Lid и понатаму остава одреден впечаток на генерична игра, особено во поглед на музиката и дизајнот на суштествата. Имено, често се случува едни исти, еднолични и релативно неинспиративни музички траки да се наметнуваат низ преигрувањата, што по одредено време знаеше како да ни здосади и да не принуди да го повикаме на гости Spotify. Од друга страна, за нас беше големо нарушување на имерзивноста кога бројни непријатели изгледаат различни само во поглед на еден мал детал, како фризурата; се е исто на нив, само едниот нема коса, а другиот има разбушавена фризура.

Надвор од овие ситни работи, Knock on the Coffin Lid е едно од попријатните изненадувања кое ни понуди бројни интересни сесии, иако, рака на срце, не сме преголеми фанови на игри засновани на шпилови со карти.

Повеќе детали за играта

  • Произведува: RedBoon
  • Издава: RedBoon
  • Жанр: roguelite
  • Платформа: Microsoft Windows
  • Излезе на: 8 август 2024
Напишано од

Мартин Јованчевски е автор соработник на IT.mk. Долгогодишен рецензент на игри, програми и на сè што се осмелува да оди рака-под-рака со дигиталното.

Мени
Заедница
Изглед
To top